Успешно реализирана обука за иновациски менаџмент кај услужни компании
На 18 декември 2025 година, Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување успешно ја реализираше втората од серијата специјализирани обуки посветени на иновацискиот менаџмент, овојпат со фокус на услужните компании. Обуката беше наменета за компании кои сакаат систематски да ги унапредат своите процеси, квалитетот на услугите и искуството на клиентите преку примена на иновативни пристапи и алатки.

Преку комбинација од презентации, интерактивни дискусии и практични активности, учесниците се запознаа со улогата на иновациите во услужниот сектор, променетите очекувања на клиентите и најчестите предизвици со кои се соочуваат компаниите при воведување иновациски процеси. Посебен акцент беше ставен на различните типови иновации релевантни за услугите, како и на надминување на митовите и организациските бариери што ја ограничуваат иновациската активност.
Обуката ја водеше Александар Целески, сертифициран менаџмент консултант (CMC®) со повеќе од 17 години искуство во развој на организации, управување со перформанси, инвестиции и иновации. Преку структурирани студии на случај и примери од пракса, тој ги насочи учесниците кон воспоставување систем за управување со иновации, во согласност со принципите на ISO 56002, јасно дефинирање на улогите на иновациските тимови и користење на алатки за idea management, roadmap и KPI-и.
Во интерактивниот дел, учесниците работеа на идентификување можности за подобрување на интерните процеси и корисничкото искуство во своите компании. Беше нагласена важноста на градење одржлива иновациска култура, тимска соработка и поддршка од менаџментот.

Обуката заврши со размена на искуства, практични совети и заклучок дека иновацискиот менаџмент во услужниот сектор не мора да значи сложени и скапи решенија, туку континуиран и структуриран пристап што носи мерливи подобрувања и поголема конкурентност.
Обуките се организирани од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување МИР, во соработка со проектот POLICY ANSWERS и Enterprise Europe Network Macedonia, и се во согласност со приоритетите утврдени во ТвинТек Конект 2025 Комуникето, кое ја нагласува важноста на иновациската култура, меѓусекторската соработка и јакнењето на капацитетите како клучни двигатели на Индустријата 4.0 и одржливиот економски развој.






