Успешно реализирана обука за иновациски менаџмент кај компании кои работат со производи
На 11 декември 2025 година, Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување jа реализираше првата од двете специјализирани обуки за иновациски менаџмент кај компании кои работат со производи. Преку комбинација од презентации, примери од локалниот контекст и интерактивни групни активности, учесниците добија јасна слика за тоа како систематски да управуваат со иновациите и да ги претворат идеите во конкретни конкурентски предности.
Во интерактивен формат беа разгледани различните видови иновации: производ, процес, организациска и маркетинг, како и нивното значење за зголемување на конкурентноста. Особено внимание беше посветено на главните пречки и митови кои често ги спречуваат компаниите да се впуштат во иновативни процеси, како и на примери од локални компании што успеале да воведат ефективни иновации.
Во вториот дел од обуката, учесниците работеа на создавање основен модел на иновациски процес за нивните компании – од идеја до имплементација. Дел од фокусот беше ставен и на значењето на организациската култура и улогите на иновацискиот тим, менаџментот и вработените, како и на практичните инструменти како innovation funnel, idea management tools и релевантни KPI-и.

Обуката заврши со креирање на индивидуални мини-планови каде што секој учесник ги дефинираше трите конкретни чекори што ќе ги преземе во следниот месец за унапредување на иновацискиот менаџмент во својата организација. Оваа практична компонента гарантира дека знаењето стекнато на обуката директно ќе се примени во пракса.
Оваа обука претставува чекор во серијата активности што Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување и партнерите ги спроведуваат со цел да ги поддржат иновациските капацитети на малите и средните претпријатија во Македонија.
Обуката е организирана од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР), во соработка со проектот POLICY ANSWERS и Enterprise Europe Network Macedonia, во согласност со приоритетите утврдени во ТвинТек Конект 2025 Комуникето – документ кој ја нагласува важноста на дигиталните капацитети, иновациите и меѓусекторската соработка како двигатели на Индустрија 4.0 и одржлив економски раст.




