ЖЕНИ ЦБЦ (8)

Тодорка Ристовска – Лидерска перспектива од македонската челична индустрија

Во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ започнавме серија интервјуа за промоција на добри практики, истакнувајќи го придонесот на жените кои работат во традиционално машки индустрии. Преку нивните искуства и успеси се стремиме да ги охрабриме и мотивираме целните групи на програмата. Разговараме со Тодорка Ристовска, генерална директорка на Либерти Скопје. 

ЖЕНИ ЦБЦ (8)

Тодорка својата кариера во челичната индустрија ја започнува пред повеќе од 19 години, работејќи на раководни позиции во неколку сектори. Најпрво била дел од Арцелор Миттал, а потоа преминала во Либерти, каде што сега ја извршува функцијата генерална директорка. Претходно стекнала искуство во продажба и техничка поддршка за лежишта од реномирани производители како СКФ, КОЈО и СНР.

Во однос на компанијата, Либерти Скопје е дел од Либерти Стил Групацијата, глобална компанија за челик и рударство со 200 производствени капацитети во 10 земји. Компанијата е еден од најголемите производители на челични производи на Балканот, нудејќи ладновалани котури и табли, поцинкувани котури и табли, како и пластифицирани котури. Нејзините производи главно се користат во градежништвото и општата индустрија, покривајќи ги пазарите на Балканот и Југоисточна Европа.

Ладната валавница, основана во 1967 година, е меѓу најголемите компании во Северна Македонија и моментално брои над 420 вработени. Почнувајќи од топловалани котури како влезен материјал, фабриката располага со постројки за обработка низ повеќе фази: лужење, ладно валање, жарење, поцинкување, пластифицирање и пакување.

Оперативната филозофија на компанијата е производство на безбеден и одржлив челик, истовремено обезбедувајќи флексибилна и сигурна услуга со кратки рокови на испорака и одлична корелација со клиентите.

Што значи успех за вас во вашата кариера и како се менувал тој концепт од почетокот до сега?

За мене успехот во мојата кариера е тоа што после многу години работа во челична индустрија на различни позициии, без никакви предрасуди поради фактот што сум жена, топ менаџментот на ГФГ Групацијата, покажа доверба и ме унапреди во генерална директорка на фабриката, токму во услови кога челичната индустрија се соочува со најголеми предизвици за опстанок.

Секако, за таквата одлука, беше потребно да оставам зад себе резултати во секое поле на моето делување, иновативност, упорност, лидерство, лојалност кон претпоставените и кон компанијата. Можам да кажам дека работата во челичната индустрија е комплексна и бара постојано усовршување во секој поглед во професионалното работење како и искуство во тоа што го работите.

Мојата кариера ја започнав во една од најголемите челични компании во државата. Најпрво во АрцелорМиттал а потоа во Либерти АД Скопје, и двете мултинационални корпорации распространети на сите континенти во светот. Имав среќа што имав одлични ментори со огромно искуство и многупати велам корпоративна култура која за мене беше причина да останам во компанијата и да ја градам мојата кариера. Клучно за мојата кариера беше што никогаш не го мерев мојот труд со платата која ќе ја добијам, туку да придонесам многу повеќе од тоа што моите претпоставени очекуваа од мене. Ги прифаќав сите предизвици, работев на решавање проблеми, постигнував резултати и тогаш кога изгледаше невозможно.

И така веќе 20 години поминати во разни сектори од референт во набавка, па потоа директорка на набавка и логистика, ланец на снабдување, директорка на оператива, успеав да ја достигнам мојата сегашна позиција на која сум веќе две години.  

За сите овие години, корпорациите ми овозможија да се надградувам со обуки и академии тука и во странство и да го искористам целото мое долгогодишно искуство за водење на компанијата и токму сега во услови на голема челична криза.  

Какви се најголемите предизвици со кои сте се соочиле како жена во оваа област и како ги надминавте?

Се очекува да кажам дека најголемиот предизвик ми бил да се докажам како жена во челичната индустрија која повеќе припаѓа на мажите, но напротив јас бев прифатена од почеток од моите колеги без разлика на тоа што сум жена, зошто јас бев токму таму во погон секогаш кога мојата одговорност го бараше тоа од мене, додека пак предизвикот да бидам родител, жена и во исто време одговорна за работите во фабриката ми беа вистински предизвик. Многупати се наоѓав во ситуација да одлучам, да се вратам од одмор зошто има итна и неодложна ситуација на работа, или пак да останам на состанок наместо да одам на родителска, да не бидам со фамилијата токму тогаш кога најмногу сум им потребна. Можеби пропуштив многу како родител, но на крај тоа е цената која треба да ја платиме за да направиме кариера. Тоа се однесува на сите оние жени кои одлучиле да работат во нашата индустрија. За среќа имаме разбирање и подршка од најблиските, па изборот кариера или семејство е компромис од двете страни.

Дали имате некој момент или искуство во кариерата што ви било особено инспиративно или наградувачко?

Всушност, јас секогаш го избирав потешкиот пат. Јас превземав проекти, за кои ништо не знаев, никој не прифаќа да ги работи, не се во мојот домен на работа, но бев заинтересирана да пробам и да се докажам. Нов фокус на кој сакам да се посветам, надвор од моите регуларни обврски. И тоа е тоа, што всушност ме на прави да бидам  поразлична од останатите, тоа е она по што бев препознаена, а потоа и вреднувана. Мојот најголем успех беше моментот кога ГФГ ме постави на чело на компанијата, земајќи во предвид дека до тогаш немаше локален лидер на компанијата. Тоа ми овозможи да бидам чекор понапред.

Како мислите дека родовата разновидност влијае на работната атмосфера и решавањето проблеми на вашето работно место?

Мора да бидам нескромна и да кажам дека, во нашата компанија, жените на раководните позиции доминираат. Во нашиот борд на директори кој брои 6 члена, имаме четири жени и сите успешни, амбициозни, иновативни, лојални, темелни и секако на крај резултатите се видливи. Се докажа дека жените многу ретко, скоро никогаш не се откажуваат од резултатот кој треба да се постигне и тогаш кога тоа бара многу време и енергија. Родовата разновидност влијае позитивно на работната атмосфера во нашиот раководен тим.  

Како мислите дека вашето работење како жена во оваа област ќе влијае на идните генерации?

Искрено се надевам дека предрасудите се минато. Се повеќе жени инженерки можеме да видиме во директно производство, во одржување, проекти, квалитет, автоматизација, управување со кранови…

Многу од нив веќе се на прагот и ја започнуваат својата кариера и се надевам дека ќе имаат можност да го достигнат тоа за што се залагаат. Мојата мисија е да им овозможам усовршување на професионален план и да им дадам исто толку поддршка неопходна за да останат упорни и успешни, колку што добивав и јас.

Што би им советувале на младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област?

Од искуство можам да кажам дека жена сигурно може да биде успешна во челичната индустрија или било која друга индустрија, но ќе мора да помине доволно долго време да докаже дека може да го носи товарот на предизвиците, да биде упорна, сигурна во своите капацитети, да се надградува, да не се откажува и тогаш кога е најтешко, да се избори со сите оние кои можеби имаат сомнежи. За жал ќе им треба многу повеќе време и труд од мажите, но кога ќе успеат, задоволството е огромно за себе и најблиските.

Дали сте имале ментори или друг вид на поддршка што ви помогнала на вашиот професионален пат? Како ја гледате важноста на таквата поддршка?

Огромна е важноста на менторството за да успеете. Јас учев од најдобрите кои беа мои претпоставени. Работењето во мултинационална корпорација имаше директно влијание врз изградбата на мојот карактер и професионализам, од моите претпоставени кои доаѓаа од различни западни и источни култури – секој со своето искуство и знаење. Инвестираа во мене овозможувајќи ми да посетувам многу академии и обуки тука и во странство, за да преземам нова улога токму тогаш кога тие сметаа дека сум доволно спремна.

Денес, за нас како компанија е исто толку важно, младите вработени на било која позиција кои имаат талент и амбиција,  да бидат препознаени од нивните претпоставени и да добијат соодветни обуки, за нивен професионален развој, спремни да ја претставуваат новата генерација која ќе ја води компанијата.    

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!