Разговор со Ѓорѓина Ќимова: Иднината на жените миленијалци во образованието
Создадовме платформа за жени миленијалки кои работат во индустријата и се подготвени да ги споделат своите успешни приказни. Започнавме серијал интервјуа каде ги пренесуваме нивните инспиративни искуства и успеси, ставајќи акцент на жените што го трансформираат светот околу себе. Разговараме со Ѓорѓина Ќимова, Универзитетски професор по група педагошки предмети (Меѓународен Славјански Универзитет) и хонорарен обучувач (ИН Асоцијација).

Можете ли да ни кажете повеќе за компанијата во која работите и нејзината цел?
Работам на Меѓународен Славјански Универзитет повеќе од 15 години како универзитетски професор по група предмети од областа на педагогијата. Универзитетот е афирмирана и реномирана институција, и е еден од најдобрите приватни универзитети во Република Северна Македонија.
Од неодамна, дополнително сум ангажирана хонорарно и во ИН Асоцијација со седиште во Чучер Сандево, Скопје. ИН Асоцијација е граѓанско здружение посветено на неформално и информално образование во областа на педагогијата и психологијата. Нашата главна цел е да го поттикнеме личниот и професионалниот развој на наставници, родители, вработени, невработени, студенти и сите заинтересирани. Како верифицирана установа од Центарот за образование на возрасни, кој е орган од Министерството за образование и наука, ИН Асоцијација нуди:
• Вебинари (онлајн и во живо) на актуелни и едукативни теми.
• Обуки за личен и професионален развој на целната популација, со посебен акцент на верифицирана програма ,,Развивање на вештини за емоционална интелигенција,, наменета за родители, наставници, вработени, невработени сите заинтересирани.
• Обуки за родители за превенција и справување со емоционално насилство.
• Работилници за ученици за превенција на емоционално насилство..
Нашата визија е преку едукација да поттикнеме позитивни промени, да создадеме нови перспективи и да го унапредиме менталитетот со акцент на доживотно учење.

Со какви предизвици сте се соочиле како жена миленијалец која работи во вашата индустрија, и како сте ги надминале?
Како жена миленијалец и професор по педагогија се соочив со предизвици кои се однесуваат на усогласување на личниот и професионалниот живот, прилагодување на новите технологии и справување со отпорот кон доживотно учење посебно на повозрасната популација.
Овие предизвици ги надминав преку инвестирање во својот личен и професионален развој. Научив поставување на јасни приоритети и граници помеѓу работата и личниот живот, што ми овозможи да ги балансирам обврските. Постојано се ангажирам во усовршување на моите дигитални вештини преку онлајн курсеви и информална едукација.
Активно промовирам сопствен пример на постојаното учење и развој, инспирирајќи ги другите околку себе да го прифатат ова како неопходен дел од личниот и професионалниот раст.
Во своите едукации користам јасно структуриран пристап и правам поврзување со други предмети и реални животни ситуации, прикажувајќи содржини поткрепени со практични примери, за да овозможам целосно разбирање и примена на новостекнатите знаења. Дополнително, практикувам интерактивност со цел да поттикнам размена на искуства, развој на критичко размислување и да ја потенцирам важноста на доживотното учење.

Кои компетенции или вештини сметате дека се највредни за жените миленијалци на работното место, и зошто?
За жените миленијалци на работното место, највредни компетенции се емоционалната интелигенција, флексибилноста, комуникациските вештини, лидерството и дигиталната писменост, бидејќи овие вештини им овозможуваат да се адаптираат на брзите промени во работната средина и да изградат успешни кариери. Овие компетенции не само што ја зголемуваат продуктивноста и ефикасноста, туку и поттикнуваат самодоверба, професионален раст и можности за напредување.
Како жените миленијалци можат да продолжат да ги развиваат и усовршуваат своите вештини во индустријата?
Жените миленијалци можат да ги развиваат своите вештини преку доживотно учење низ сите форми –посебно низ неформално (курсеви, вебинари) и информално како самоучење.
Важно е да останат информирани за најновите научни сознанија и да бидат дел од професионални и едукативни заедници за размена на идеи и искуства. Менторството и градењето мрежи за поддршка се клучни, а практичното искуство помага во примената на новите знаења. Доживотното учење и саморефлексијата се неопходни за континуиран раст и успех.
Со примена на овие стратегии, жените миленијалци можат да останат конкурентни, влијателни и инспиративни, создавајќи основа за долгорочен успех.

Како сметате дека жените миленијалци носат уникатна перспектива во индустријата во споредба со претходните генерации?
Жените миленијалци носат уникатна перспектива во индустријата благодарение на нивната флексибилност, би рекла интернет и технолошка писменост и фокус на инклузивност. Израснати во глобално поврзан свет, тие комбинираат традиционални и нови вредности, што ги прави адаптабилни и иновативни, способни брзо да се прилагодат на нови технологии и трендови. Нивната висока емоционална интелигенција и емпатија создаваат поддржувачка работна средина.
Умеат да прават баланс помеѓу личниот и професионалниот живот, и поттикнуваат етички вредности, што ги прави клучни за организацискиот развој и иновации. Тие се инспиративни лидери кои водат кон одржлив раст и позитивни општествени промени.

Како ја гледате улогата на менторството и поддржувачките мрежи во напредокот и успехот на жените миленијалци на работното место?
Менторството и поддржувачките мрежи се клучни за успехот на жените миленијалци на работното место. Тие обезбедуваат насоки, самодоверба и стратегии за развој на кариерата. Менторите кои споделуваат искуства, кои помагаат во поставување јасни цели, линкови за соработка и поддршка се посебно значајни.
Поддржувачките мрежи овозможуваат размена на идеи и ресурси, создаваат сигурна средина за инспирација и соработка. Овие мрежи ја зајакнуваат мотивацијата помагајќи им на жените миленијалци да ги надминат предизвиците и да постигнат самоактуелизација.

Серијалот на интервјуа е дел од проектот EMPOWERING (EMPOWERING – EmpoweRING M-women in industry) кој е посветен на жените од милениумската генерација (родени помеѓу 1980 и 1995 година) кои работат во индустријата за производство, со мисија да ја поддржи нивната професионална едукација, унапредување на вештините и можностите за развој на кариерата. Нашата цел е не само да ја зајакнеме вашата позиција во индустријата, туку и да промовираме европска соработка и мрежно поврзување, кои се клучни за успех во денешниот свет.
Ѓорѓина Ќимова, Универзитетски професор по група педагошки предмети (Меѓународен Славјански Универзитет) и хонорарен обучувач (ИН Асоцијација)
