Поддршка за одржлив раст: Успешни приказни во Македонија
Во различни сектори, сè повеќе компании во Македонија препознаваат дека одржливиот раст не е само глобален тренд, туку клуч за нивниот опстанок и успех. Сепак мора да се нагласи дека оваа транзиција бара стратешки инвестиции и експертска поддршка. Преку програмата EENergy и поддршката од Enterprise Europe Network (EEN), Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување им помогна на две македонски компании – ТИМ’С ДОО Скопје и Еуромак-Контрол – да направат конкретни чекори кон поодржливо и поефикасно работење. Нивните приказни покажуваат како вистинската поддршка може да донесе реални промени.

ТИМ’С ДОО Скопје: Предводник на одржливиот развој во хотелиерството
Основан во 1999 година, ТИМ’С ДОО Скопје е истакнат претставник на македонскиот хотелиерски сектор. По голема реконструкција во 2020 година, хотелот се насочи кон модерен дизајн и енергетска ефикасност, со цел да ги оптимизира трошоците и потрошувачката на енергија. Нивниот прв контакт со Enterprise Europe Network се случи кога Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување го промовираше повикот за аплицирање за EENergy грант. Хотелот побара поддршка за изработка на план за енергетска оптимизација.

Со поддршка на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, беше направена проценка на моменталната состојба, изработен акционен план за одржливост, и подготвена успешна апликација за финансирање. Со добиениот грант, хотелот набави опрема за одржување на фотоволтаичните панели и организираше обука за персоналот за енергетска ефикасност. Овие инвестиции ќе помогнат да се намали потрошувачката и трошоците, а воедно ќе ја зацврстат улогата на ТИМ’С ДОО Скопје како еден од предводниците за одржлив развој во хотелиерството.
Како што објаснува Владимир Ристовски, енергетскиот менаџер на хотелот: „Со поддршката од Enterprise Europe Network и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, направивме голем чекор напред – не само кон пониски трошоци, туку и кон повисоки еколошки стандарди кои нашите гости веќе ги препознаваат и ценат.“

Еуромак Контрол: Зголемување на енергетската ефикасност во лабораториските услуги
Еуромак Контрол е компанија која веќе 25 години нуди лабораториски тестирања, контрола на квалитет и консултантски услуги. Иако компанијата работи според ISO стандарди и има силен фокус на квалитет на услугите, зголемената потрошувачка на енергија во лабораториите почна значително да ги зголемува трошоците. Поради недостиг на сопствени ресурси за проценка на потрошувачката, кога беше објавен повикот за EENergy грант – компанијата побара поддршка од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување.

Фондацијата помогна со целосна анализа на состојбата, дефинирање на приоритетите и подготвување на проектната апликација. Со добиените средства, Еуромак Контрол инвестираше во фотоволтаични панели и спроведе обука за енергетска ефикасност со своите вработени.
Како што Сузана Темелкоска, извршна директорка на Еуромак-Контрол изјави: „ Имплементацијата на енергетски ефикасни решенија не носи само краткорочна заштеда, туку долгорочна стабилност на нашите операции. Благодарение на поддршката од Enterprise Europe Network, успешно ги интегрираме решенијата за обновлива енергија. Овие инвестиции не само штоносат долгорочни придобивки, туку и ја направија нашата визија за одржливост реалност.“

Примерите на ТИМ’С и Еуромак Контрол се доказ дека, со вистинска визија и соодветна поддршка, одржливоста не е само идеја – туку практична реалност. Во иднина, Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување ќе продолжи да соработува со претпријатија помагајќи им да дојдат до нови можности за раст и иновации за поодржлива иднина.