Избрани најдобрите учесници на Националниот натпревар за научна комуникација во рамки на проектот STREAM-IT
На 6 мај 2026 година, Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување го организираше Националниот натпревар во рамки на Менторската програма за градење капацитети за научна комуникација, кој се одржа во Public Room – Скопје. Настанот претставуваше завршен дел од повеќемесечната менторска програма посветена на развојот на вештини за научна комуникација кај млади истражувачи и студенти од различни STEM области.

Менторската програма беше организирана во рамки на европскиот проект STREAM-IT, чија цел е да ги поттикне девојките и жените кон STEM/STE(A)M образование и кариера преку инклузивни алатки, менторство, обуки и креативни активности. Програмата создава инспиративна средина за развој, вмрежување и јакнење на самодовербата кај младите во науката и истражувањето.
Во текот на програмата, 12 менторирани учесници од различни универзитети и научноистражувачки институти имаа можност да работат со искусни ментори на унапредување на нивните комуникациски и презентациски вештини, со посебен фокус на научна комуникација односно, ефективно и разбирливо пренесување на научни теми до пошироката јавност.

На самиот натпревар, учесниците ги презентираа своите научни теми и истражувања преку кратки презентации пред жири-комисија составена од експерти од областа на науката, комуникацијата и иновациите, како и пред присутната публика. Секој учесник доби непосреден фидбек од жири-комисијата, со цел дополнително унапредување на нивните комуникациски способности и јавен настап.

По финалната евалуација од страна на жири-комисијата, беа прогласени трите најдобри учесници на националниот натпревар.
- Првото место го освои Марија Иванова со презентацијата „Паметна биоактивна протеза за пациенти со остеоартритис на колено“, со што ќе ја претставува Македонија на меѓународниот натпревар што ќе се одржи во Будимпешта во рамки на проектот STREAM-IT.
- Второто место и припадна на Маја Славева од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола; Факултет за безбедност – Скопје, со презентацијата „Хакирање на умот – когнитивните операции на разузнавачките служби и контраразузнавачкиот одговор“.
- Третото место го освои Филип Трајковски од Универзитетот во Падова со презентацијата „Може ли вештачката интелигенција да предвиди болест кога правилата постојано се менуваат?“.

На настанот свое обраќање имаа Емилија Андонова, програмски менаџер, и Миа Ботинова Димитрова, комуникациски офицер од Фондација за менаџмент и индустриско истражување, кои го претставија проектот STREAM-IT, менторите и членовите на жири-комисијата, како и критериумите за оценување на натпреварот.

Присутните на настанот, покрај учесниците и менторите, беа претставници на академската заедница, институции, организации, експерти и поддржувачи на STEM образованието и научната комуникација, што овозможи простор за вмрежување, размена на идеи и поттикнување на идни соработки.
На крајот, настанот беше официјално затворен со заедничка фотографија и завршни обраќања од организаторите, кои ги охрабрија учесниците да продолжат со развојот на своите комуникациски и професионални вештини и понатаму активно да придонесуваат во доближувањето на науката до општеството.

Оваа програма е дел од проектот ST(R)E(A)M IT, кој има за цел да иницира промени во однос на постојаните родови нееднаквости во STEM образованието, истражувањето и иновациите, со што ќе придонесе за спроведувањето на „Европскиот манифест за родово-инклузивно STE(A)M образование и кариери.“ Проектот има за цел да ги надмине бариерите и предизвиците со кои се соочуваат недоволно застапените групи во STEM. Фокусот е на развој на иновативни, родово и диверзитетно инклузивни алатки за едукација на младите, особено на девојчињата. Дополнително, проектот има за цел да ги мобилизира засегнатите страни од различни сектори на STEM образованието и екосистемот за истражување и иновации, за да создаде одржливи мрежи кои ќе обезбедат континуирана поддршка за STEM едукаторите.

















