Интервју со Розалија Секулоска: Мост меѓу традицијата и иднината – моќта на психотерапијата и личниот раст за жените миленијалци
Создадовме платформа за жени миленијалки кои работат во индустријата и се подготвени да ги споделат своите успешни приказни. Започнавме серијал интервјуа каде ги пренесуваме нивните инспиративни искуства и успеси, ставајќи акцент на жените што го трансформираат светот околу себе. Разговараме со Розалија Секулоска, психотерапевт.

Можете ли да ни кажете повеќе за компанијата во која работите и нејзината цел?
Работам на две работни места, државно во центар за поддршка на згрижувачки семејства и приватно имам свој Центар која се вика “Трет Родител” и е Центар за едукација, советување и психотерапија. Целта на мојата работа е да им помагам на луѓето (деца и возрасни) кога имаат проблем со менталното здравје, да работан на нивниот личен раст и развој преку психотерапевстки техники и алатки.


Со какви предизвици сте се соочиле како жена миленијалец која работи во вашата индустрија, и како сте ги надминале?
Психотерапијата постои одамна, но предрасудите и стереотипите за посета на психотерапевт се постари од неа. Сеуште не постои свест за разликите, начинот и динамиката за работа меѓу психијатар, психотерапевт, педагог и коуч. Цените на овие услуги се скапи и не може секој да си ги дозволи, исходот е макотрпен и зависи од двете страни (психотерапевт-клиент), клиентите ги прекршуваат правилата на работа (откажување и презакажување на термини во последен миг), потреба за континуирана работа на себе во однос на лична и професионална работа. Психотерапијата ја работам со љубов. Правилата за работа ги држам на високо ниво во однос на мојот животен стил, начин на функционирање и етичкиот кодекс. Работам на себе и посетувам многу едукации кај за мене врвни предавачи и психотерапевти од Р.Србија, Хрватска, Турција, Бугарија, Италија…


Кои компетенции или вештини сметате дека се највредни за жените миленијалци на работното место, и зошто?
Трудољубивост, упорност и мотивираност, јасен фокус, животен баланс меѓу приватниот и професионалниот живот, деатачирање од работата, грижа за своето здравје, вештини на преговарање и договарање, кристална визија, континуирана работа на своето ментално здравје и професионално надоградување.

Како жените миленијалци можат да продолжат да ги развиваат и усовршуваат своите вештини во индустријата?
Денес е многу лесно, бидејќи достапноста на едукациите и можноста за работа на себе можат да се одвиваат на онлајн платформи, читање на книги, споделување на знаења со луѓе од иста или сосема различна професија, да се биде во тек со сегашноста во однос на менталното здравје.


Како сметате дека жените миленијалци носат уникатна перспектива во индустријата во споредба со претходните генерации?
Ние сме мост меѓу старото и новото, минатото и иднината, како да сме квантен скок кон она што ќе се случува. Во нас е традицијата од една страна со сите морални вредности и начин на живот, нежно изменета со новите трендови и технологии. Мудри сме, истрајни и женствени.


Како ја гледате улогата на менторството и поддржувачките мрежи во напредокот и успехот на жените миленијалци на работното место?
Споделување на знаења, искуства и поддршка на жените од цел свет, без разлика на возраста, етничката и религиската припадност.
Розалија Секулоска, Психотерапевт
