Интервју со м-р Ивана Недевска Василевска за успехот во градежништвото
Создадовме платформа за жени миленијалки кои работат во индустријата и се подготвени да ги споделат своите успешни приказни. Започнавме серијал интервјуа каде ги пренесуваме нивните инспиративни искуства и успеси, ставајќи акцент на жените што го трансформираат светот околу себе. Разговараме м-р Ивана Недевска Василевска, градежен инженер – раководител на Техничка документација и проект менаџер во ДПТУ Ескаватори – МК.

Можете ли да ни кажете повеќе за компанијата во која работите и нејзината цел?
Работам како градежен инженер – раководител на одделот за техничка документација и проект менаџер во Ескаватори – МК , што е една современа, технолошки развиена градежна компанија која што веќе 17 години на пазарот во Македонија ги пласира своите услуги во доменот на изградба, реконструкција и рехабилитација на улици, булевари, локални и регионални патишта и автопати. Нашата работа како проект менаџери е доста динамична и бара голема посветеност со цел навремено завршување на проектите со највисок квалитет, но и навремено воочување на пројавените проблеми и изнаоѓање на соодветно решение во однос на време и расположливите ресурси за истите. Одделот за техничка документација, пак од друга страна го следи во чекор проектот, односно бара постојана комуникација со лицата на терен, со Надзори и претставници на Инвеститорот, со цел добивање на реален приказ за динамиката и течењето на проектот, но и подготовка на цела документација, од подготовка на динамички планови и следење на истите, преку изработка на градежни книги и ситуации за наплата, навремено известување за сите промени и настанати проблеми, извештаи за пробни делници од асфалтирање, проекти на изведена состојба и целата потребна завршна документација за успешно комплетирање на еден проект. Покрај веќе споменатото, во склоп на Ескаватори – МК се вбројуваат и сертифицирана асфалтната база, со сертификати за десетина типови на асфалтни мешавини изработени по најновите EN 1307 стандарди, во близина на Штип и асфалтната лабораторија која се наоѓа во склоп на базата. Квалитетот на работата на базата и грижата за животната средина се поткрепени со А – интегрирана еколошка дозвола.

Со какви предизвици сте се соочиле како жена миленијалец која работи во вашата индустрија, и како сте ги надминале?
Иако градежништвото често се смета за индустрија водена од мажи, морам да признаам дека моето искуство со колегите е доста позитивно, имајќи предвид дека никогаш не сум била сметана за недоволно компетентна или несоодветна за одредена работа, но сепак го имаме оној притисок дека мора да вложуваме повеќе напор и време за да ги постигнеме зацртаните цели, доколку се земе предвид дека постојано се соочуваме со борбата за балансирање на професионалниот и приватниот живот. Живееме во такво општество во кое како жени од нас се очекува да дадеме приоритет на семејството и на домашните обврски, а истовремено финансиски да придонесуваме и да бидеме самостојни, што може да создаде дополнителен притисок. Иако искуството со колегите инженери е позитивно, сепак постојат работодавци кои се скептични околу вработување млади жени поради евентуалното породилно отсуство и боледувања. Но и покрај овие предизвици со кои се соочуваме, не треба да бидеме обесхрабрени во остварувањето на нашите цели.

Кои компетенции или вештини сметате дека се највредни за жените миленијалци на работното место, и зошто?
Досегашното искуство ме научи дека најважно е да бидам флексибилна и да бидам тимски играч, бидејќи градежните проекти се секогаш динамични и комплексни, а тимската работа е единствениот начин да се согледаат и решат сите проблеми во разумен временски период. Техничките компетенции кои ги поседуваме се основата за успех, како што се проектирањето, планирањето и водењето на проекти со голема внимателност, имајќи ги предвид менаџирањето на проектите за да се испочитуваат предвиденото време и трошоците. Ефективната комуникација и преговори со претставници на Инвеститор, Надзорите и другите изведувачи и соработници се неопходни за нас како инженери, бидејќи само на тој начин можеме лесно да ги надминеме сите проблеми и да изведеме успешни проекти.
Една од најважните карактеристики, што ние како млади инженери треба да ја поседуваме, е храброста да излеземе од нашата „комфорна зона“, да влеземе во непознатото за да имаме вистинска можност да се подобриме и да ги прошириме нашите хоризонти и можности. За мене можам да кажам дека сум љубопитна личност, затоа што секогаш има делови кои не ми се доволно истражени и за кои сеуште немам стекнато онолку знаење колку би сакала, па поради тоа сакам да инвестирам во моето знаење и да присуствувам на што е можно поголем број на обуки и тренинзи кои ќе ја зајакнат мојата положба и знаење во светот на градежништвото.

Како жените миленијалци можат да продолжат да ги развиваат и усовршуваат своите вештини во индустријата?
Доколку сакаме да успееме во било која област, мораме да бидеме во тек со напредокот на технологијата и постојано да ги усовршуваме своите софтверски вештини, а ние како миленијалки сме израснати со подемот на технологијата, па овие трендови ги следиме во чекор. Освен тоа не се плашиме да стекнеме теренско искуство, што ќе ни ја надополни празнината во теоретските знаења и ќе ни помогне да ги премостиме реалните проблеми на објектите. Исто така сме свесни дека инвестирањето во образование, обуки и сертификации е од суштинско значење за стекнување адекватни знаења и остварување на амбициите. Што се однесува до конференции, вебинари и настани поврзани со градежништвото, во последниве години целам кон активно учество со сопствени трудови поврзани со актуелни проблеми во градежништвото. Едно од последните значајни учества беше во Виена, каде имав чест да присуствувам на интернационален курс, фокусиран на најновите практики и стандардни услови на FIDIC договорите кои се широко применувани во меѓународни градежни проекти. Учеството на ваквите настани ми овозможи да се поврзам со експерти од различни земји и да ги наградам моите вештини во справувањето со комплексни градежни предизвици, како и проширување на знаењето и следење на новите трендови. Овие интеракции можат да отворат врати за соработка, менторство и нови кариерни можности, па затоа треба да се неизоставни во распоредот на еден инженер.
Како сметате дека жените миленијалци носат уникатна перспектива во индустријата во споредба со претходните генерации?
Свесни сме дека технологијата брзо напредува, а ние како генерација вешто се прилагодуваме на овие промени. Една од главните предности на нашата генерација е што не се плашиме да бидеме креативни кога треба да се најде решение за одреден проблем. И покрај сите напори сеуште не живееме во свет на полова еднаквост, но продолжуваме да се бориме за свесноста за вредноста на жените инженери и го поддржуваме кариерниот развој во една здрава работна средина која ги штити правата на жените. Иако понекогаш е напорно и исцрпувачки, истовремено одржуваме баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот, без да се откажеме од привилегијата да основаме семејство или од привилегијата да градиме кариера каква сме замислиле.

Како ја гледате улогата на менторството и поддржувачките мрежи во напредокот и успехот на жените миленијалци на работното место?
Како добитник на Инженерски прстен – престижна награда која ја добиваат најдобрите студенти од Техничките факултети, можам слободно да кажам дека теоретското знаење стекнато на факултет обезбедува солидна основа, но е далеку од доволно за да се изгради силен и независен инженер. Проектите во градежништвото, како што споменав и претходно често се комплексни и динамични, па за еден почетник може да делуваат доста страшно. Поради тоа менторството и поддршката од искусни колеги се неопходни. Преку насоки, споделување искуство и знаења, менторите играат клучна улога во градењето на самодоверба, развојот на вештини за решавање проблеми и подготовката на инженерите да се справуваат со следните сложени предизвици. Јас лично имав привилегија да добијам поддршка и насоки од некои од моите поискусни колеги, и морам да признаам дека нивното менторство го трасираше патот по кој сега чекорам и одигра клучна улога во обликувањето на моите вештини и самодоверба како инженер. Инспирирана од нивната великодушност, решена сум да ја продолжам оваа пракса и практикувам да ја нудам истата поддршка и насоки на другите помлади колеги. На овој начин не само што можеме да ја оспособиме следната генерација инженери да напредува и да го достигне својот полн потенцијал, туку ќе ги подготвиме да постигнат извонредни резултати во проектите што ги реализираат. Кога како инженери се поттикнуваме меѓу себе на тимска работа и учење едни од други, верувам дека тоа ќе резултира со личен успех и со успешно завршени проекти.

м-р Ивана Недевска Василевска
Градежен инженер –
Раководител на Техничка документација и
проект менаџер во ДПТУ Ескаватори – МК