Интервју со Љубинка Чавдаровска: Миленијалките што го трансформираат светот на индустријата
Создадовме платформа за жени миленијалки кои работат во индустријата и се подготвени да ги споделат своите успешни приказни. Започнавме серијал интервјуа каде ги пренесуваме нивните инспиративни искуства и успеси, ставајќи акцент на жените што го трансформираат светот околу себе. Разговараме со Љубинка Чавдаровска, Оперативен Менаџер во ProAxis Innovation Битола.

Можете ли да ни кажете повеќе за компанијата во која работите и нејзината цел?
ProAxis Innovation е фабрика во Битола, Северна Македонија, која произведува CNC машини. Ние сме на пазарот повеќе од 8 години и сме горди на нашите висококвалитетни CNC плазма машини. Во моментов, исто така работиме на еден возбудлив проект за создавање фибер ласер, кој ќе биде прв произведен во нашата држава. Нашата цел е да испорачуваме машини со врвен квалитет, кои ги задоволуваат потребите на нашите клиенти. Исто така наша цел е да станеме водечки производител на CNC машини во регионот а фокусот го ставаме на прецизноста, задоволството на клиентите и постојаното подобрување. Ние не само што го опслужуваме македонскиот пазар туку и ги извезуваме нашите машини во соседните земји. Неодамна, почнавме да се подготвуваме да лансираме платформа за е-трговија во САД за да ги донесеме нашите производи до уште повеќе клиенти ширум светот.


Со какви предизвици сте се соочиле како жена миленијалец која работи во вашата индустрија, и како сте ги надминале?
Работењето во индустрија во која доминираат мажи како милениумска жена не е секогаш баш многу лесно искрено. Еден од најголемите предизвици ми беше да се докажам себеси во технички и лидерски улоги, каде жените честопати се недоволно застапени. Ги надминав овие предизвици со тоа што останав сигурна во моите вештини и секогаш фокусирајќи се на резултатите. Моето искуство во управување со проекти, односи со клиенти и работа со различни тимови, исто така успешно водејќи ги нив, ми помогна да ја покажам мојата вредност. Клучно е градењето силна комуникација и доверба со колегите, како и постојаното учење и подобрување. Горда сум што работам во индустрија каде што можам да ги скршам стереотипите и да покажам дека жените можат да водат и да бидат истовремено и иноватори во работат. Мислам дека со ова би можела да ги охрабрам и поттикнам сите жени да влезат и во индустријата затоа што и таму ќе се доста успешни, како и во сите други сектори.


Кои компетенции или вештини сметате дека се највредни за жените миленијалци на работното место, и зошто?
За мене, највредните вештини за милениумските жени на работното место се приспособливоста, емоционалната интелигенција и комуникацијата. Да се биде приспособлив ни помага да се справиме со промените и предизвиците со доверба. Емоционалната интелигенција ни овозможува да се поврземе со другите, да ги разбереме нивните потреби и да изградиме позитивни односи со сите колеги. За мене, комуникацијата е особено важна. Здравата и искрена комуникација во годините наназад но и сега ми помогна да водам тимови, да решавам проблеми и да работиме сплотено со тимот кон заеднички цели.
Исто така мислам дека и отвореноста кон учење на нови работи, преземањето ризик е доста клучно за секој раст. Постојано мора да сме отворени за се што е ново во околината, и да бидеме во чекор со што е иновативно.

Како жените миленијалци можат да продолжат да ги развиваат и усовршуваат своите вештини во индустријата?
Миленијалките можат да продолжат да ги развиваат и усовршуваат своите вештини во индустријата со тоа што ќе останат љубопитни и ќе прифатат континуирано учење. Ова може да значи прифаќање нови предизвици на работното место, посетување релевантни работилници или стекнување сертификати што ја надградуваат нашата експертиза. Вмрежувањето со други професионалци, како во рамките на индустријата, така и надвор од неа, исто така е клучно за стекнување нови перспективи и следење на трендовите. Открив дека учеството во проекти кои ме изместуваат од мојата комфорна зона е одличен начин за развивање нови вештини. Исто така, секогаш одвојувам време за читање, учење од ментори и добивање повратни информации од колеги за да се подобрам и да напредувам. Важно е да бидеме отворени за нови можности за раст и да бидеме проактивни во усовршувањето на нашите вештини.
Како сметате дека жените миленијалци носат уникатна перспектива во индустријата во споредба со претходните генерации?
Милениумските жени носат уникатна перспектива затоа што сме отворени за нови идеи и технологии и ја цениме соработката и создавањето добра рамнотежа помеѓу работата и животот. Мислам дека сме повеќе фокусирани на инклузивноста и различноста, а тоа помага да се создадат посилни тимови, без разлика на возраста и на полот.
Лично, се трудам во мојата работа да правам секогаш некоја комбинација на стари традиционални методи, со нови кои се исто така успешни, постојано трудејќи се да најдам една оптимална комбинација.
Секогаш барам нови начини за подобрување на нештата, а истовремено осигурувајќи се дека комуникацијата и тимската работа се во срцето на она што го правиме. Мислам дека оваа мешавина на иновации и грижа е нешто што милениумските жени ги прави доста успешни.

Како ја гледате улогата на менторството и поддржувачките мрежи во напредокот и успехот на жените миленијалци на работното место?
Менторството и поддршката се клучни за напредокот и успехот на милениумските жени на работното место. Имањето на ментор кој може да нè води, советува и поттикнува може да направи огромна разлика, особено во насоката за раст во кариерата и надминување на пречките.
Поддршката без разлика дали станува збор за колеги, или надворешни ментори исто така обезбедува простор за споделување искуства, барање совети и меѓусебно охрабрување.
Лично, менторството одигра клучна улога во мојот развој во индустријата, особено заради тоа што дојдов тука од сосема друг сектор.
Имањето луѓе на кои можам да им верувам за совети и повратни информации ми помогна да пораснам, особено во области каде што можеби се чувствував несигурно, заради тоа што тука поголем дел од работата ми беше непозната. Во исто време, градењето силни односи со моите колеги и учењето од нивните искуства беше исто толку вредно. Сето ова создава чувство на заедница и зајакнување, помагајќи ни да ги постигнеме нашите цели како тим и како поединец.
Серијалот на интервјуа е дел од проектот EMPOWERING (EMPOWERING – EmpoweRING M-women in industry) кој е посветен на жените од милениумската генерација (родени помеѓу 1980 и 1995 година) кои работат во индустријата за производство, со мисија да ја поддржи нивната професионална едукација, унапредување на вештините и можностите за развој на кариерата. Нашата цел е не само да ја зајакнеме вашата позиција во индустријата, туку и да промовираме европска соработка и мрежно поврзување, кои се клучни за успех во денешниот свет.
Љубинка Чавдаровска, Оперативен Менаџер
ProAxis Innovation Битола
