Когнитивното војување и безбедноста на информациите – Интервју со Маја Славева, еден од победниците на Натпреварот за научна комуникација
Како дел од STREAM IT Менторската програма за научна комуникација беше организиран национален натпревар, на кој младите истражувачи ги претставија своите научни идеи пред поширока публика. Разговараме со Маја Славева од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола; Факултет за безбедност – Скопје, кој го освои второто место со презентацијата „Хакирање на умот – когнитивните операции на разузнавачките служби и контраразузнавачкиот одговор“.

За почеток, кажете ни нешто повеќе за себе – што студирате и што ве инспирираше да се одлучите за оваа област?
Јас сум Маја Славева – докторанд на Факултетот за безбедност во Скопје, при Универзитет „Свети Климент Охридски“. Имам дипломирано на факултетот за јавна администрација во Битола, а зад себе имам магистратура по менаџмент на стратегиски комуникации, при што го истражував меѓународното влијание врз јавното мислење за референдумот во Македонија од 2018 – еден од најконтроверзните политички моменти во нашата понова историја. Од сам старт во моето високо образование јас почнав да се насочувам да изучувам државни ситеми, менаџмент, општествени уредувања, меѓународни односи, дипломатија, и врвот на сето тоа, според мене се безбедносните науки, односно националната безбедност. Јас ја гледам поголемата слика: не ме интересира само пропагандата или дипломатијата – ме интересира механизмот по кој информациите ги менуваат луѓето одвнатре, без тие да бидат свесни за тоа.
Токму поради тоа на националниот натпревар ја работев темата „Хакирање на умот: Когнитивните операции на разузнавачките служби и контраразузнавачкиот одговор“. Разузнавањето и контраразузнавањето се теми кои секогаш предизвикуваат огромен интерес кај јавноста, но речиси секогаш се гледаат „од страна”, со мешавина на фасцинација и конспиративно размислување.

Што ве мотивираше да се пријавите на менторската програма и со какви очекувања влеговте во неа?
Јас сум личност што учествува на меѓународни и државни школи, моето нефромално образование е широко и големо. Секогаш кога гледам шанса за моја надградба, но и кога гледам дека можам да допринесам со мое влијание, аплицирам на повиците. Кога ја видов програмата на STREAM IT, ми беше предизвик да учествувам на национален натпревар со одбрани млади научници. Сакав ја „преведам” академската работа на јазик достапен за пошироката публика, особено од мојата тема. Во текот на докторатот многу пати сум се наоѓала во ситуација каде истражувам теми длабоко релевантни за секој граѓанин, но за нив обичниот човек не е свесен. А, од друга страна јавното говорење и презентирање сметам дека ми се јака страна, уживам да говорам пред публика. Има некаква магија во тоа да успееш да го свртиш вниманието кон тебе и да ја заинтересираш публиката да слуша и да се заинтересира за нешто што или не го знае или не била заинтересирана до тогаш. Во овој случај, научната комуникација не е само техника – таа е одговорност. Одговорност кон публиката да и дадеш алатки за критичко размислување, а не само информации за пасивно усвојување. А кога темата е когнитивното војување, кога буквално зборуваш за тоа дека умот е военото поле – тогаш таа одговорност станува уште поголема.
Како се роди идејата за темата и како изгледаше процесот на истражување и подготовка?
Темата „Хакирање на умот: Когнитивните операции на разузнавачките служби и контраразузнавачкиот одговор” не се роди случајно – како што кажав и погоре. Во истражувањата за референдумот од 2018 документирав 113 официјални посети на меѓународни претставници во само три месеци пред гласањето. Истражувањето на 464 македонски граѓани покажа дека 88,8% перципирале странско мешање, но и дека 83,4% спонтано се спротивставиле. Тогаш ја поставив вистинската научна теза: ова не е македонски феномен, туку глобална институционализирана доктрина. Затоа, истражувањето стана компаративно – четири студии на случај: Естонија (2007), Украина (2014–2022), Германија (2015–2025) и Македонија. И во сите четири наидов на ист четирифазен оперативен модел: производство на нарација, ширење преку алгоритми и ботови, засилување преку локални агенти по MICE моделот – Money, Ideology, Coercion, Ego, и финален ефект: не освојување, туку поларизација. Демократските држави не паѓаат кога некој ќе ги освои – туку паѓаат кога се „напуштени“, односно кога довербата на граѓаните во институциите ја нема повеќе. Ова истражување докажа дека не станува збор за изолирани инциденти, туку за систем. Но, истражувањето не застана на дијагнозата – дојдовме и до конкретни решенија и препораки каде што предложив Модел за когнитивен суверенитет – прва интегрирана контраразузнавачка рамка за Западниот Балкан. За тоа ќе зборувам понатаму откако официјално ќе го објавам истражувањето. Она што е важно тука е дека препораките се насочени на три нивоа – институционално, медиумско и граѓанско. Поентата е дека когнитивниот имунитет мора да се гради пред нападот, а не по него.

Кој беше најголемиот предизвик за време на подготовките, и колку менторската поддршка ви помогна?
Најголемиот предизвик не беше содржината – таа беше таму, во годините на истражување, во бројките, во белешките. Предизвикот беше да ја структурирам така да биде разбирлива за некој кој никогаш не слушнал за когнитивно војување, а истовремено да не ги изгубам научната издржаност и прецизноста. Во тоа клучна улога одигра нашата менторка, проф. д-р Весна Рафајловска, која со голема стручност и посветеност ни помогна да го најдеме токму тој баланс. Тоа фино балансирање помеѓу академската длабочина и јавната достапност не се учи само, и сум длабоко благодарна за нејзиното водство. Како менторска група, ние не се гледавме како конкуренција, туку како млади истражувачи каде секој со своето знаење и искуство го надополнуваше тимот. Разговаравме, критикувавме, споделувавме ресурси и идеи, и секој научи нешто вредно од другиот. Фактот дека од една менторска група излегоа двајца победници – второ и трето место, зборува и за квалитетот на менторството и за силата на тој колаборативен дух.
Имаше ли некој совет, фидбек или момент од менторството што особено ви остана во сеќавање?
Имаше момент кој што ми остана врежан, сакам да го пренесам и на публиката што ќе го чита ова. Проф. д-р Рафајловска на едно ревидирање ни рече: „Вие знаете најмногу од сите во публиката“. Едноставна реченица, но толку силна што на секој би му дала самодоверба да зборува без страв.

Како ова искуство влијаеше врз вашите планови за иден академски и професионален развој?
Темата на когнитивното војување не е само академски релевантна, таа е политички актуелна на европско и на ниво на НАТО, а институциите кои работат на дезинформации и хибридни закани активно бараат токму вакви профили. Истражувањето исто така покажа дека постои огромен општествен импакт и реален потенцијал за практична примена -во едукација, во политика, во институционален одговор. Продолжувам со работата и истражувањата, важно ми е да докторирам, а во иднина се надевам на соработка со институциите.
Што беше најинтересното нешто што го научивте за тоа како науката може да се доближи до пошироката публика?
Дека не постои „поширока публика” – постојат конкретни луѓе со конкретни стравови и секојдневни искуства. Кога ги имав во вид нив, сè стана поедноставно. Науката не треба да се поедноставува – таа треба да се вчовечи. Разликата е огромна: поедноставувањето значи губење на прецизноста, вчовечувањето значи наоѓање на вистинскиот влез во умот на соговорникот. А, кога темата е когнитивното војување, кога им покажуваш на луѓето дека токму нивната реакција на одредена содржина е предвидена и планирана однапред – нема пасивна публика. Секој е лично засегнат. Македонскиот граѓанин во 2018 го направи тоа инстинктивно – 83% се спротивставија без никаков системски механизам зад нив, па референдумот беше прогласен за неуспешен. Замислете колку поголема би била таа отпорност кога зад неа ќе стои едукација, институционална поддршка и систем. Информираните и едуцирани граѓани со моќ на расудување се прва линија на когнитивна одбрана, и тоа е пораката која треба да стигне до секого.

Што би им порачале на младите кои се двоумат дали да се пријават на вакви програми?
Аплицирајте, и не само заради натпреварот, туку заради она што го добивате по пат. Јас влегов со јасна тема и со желба да излезам пред публика – тоа никогаш не ми беше предизвик, напротив, го чекав. Но, она што не го очекував беше длабочината на поддршката, и менторска и колегијална. Проф. д-р Рафајловска не ни беше само формален ментор, беше вистински вложен соговорник кој ги следеше идеите, ги поттикнуваше и им даваше форма. А, со колегите научници со кои споделувавме менторска група изградивме нешто поретко – вистинска академска соработка без натпреварувачки дух, само со желба секој да даде максимум. Тоа не се учи во учебниците. Од такви искуства не излегуваш само со награда – излегуваш поинаков истражувач. И за оние кои се двоумат: не чекајте да бидете „доволно подготвени.” Подготвеноста не доаѓа пред искуството, таа се гради низ него. Посакувам многу успешни натпревари од овој вид и успешна работа на Фондација МИР на сите проекти во иднина.

Оваа програма е дел од проектот ST(R)E(A)M IT, кој има за цел да иницира промени во однос на постојаните родови нееднаквости во STEM образованието, истражувањето и иновациите, со што ќе придонесе за спроведувањето на „Европскиот манифест за родово-инклузивно STE(A)M образование и кариери.“ Проектот има за цел да ги надмине бариерите и предизвиците со кои се соочуваат недоволно застапените групи во STEM. Фокусот е на развој на иновативни, родово и диверзитетно инклузивни алатки за едукација на младите, особено на девојчињата. Дополнително, проектот има за цел да ги мобилизира засегнатите страни од различни сектори на STEM образованието и екосистемот за истражување и иновации, за да создаде одржливи мрежи кои ќе обезбедат континуирана поддршка за STEM едукаторите.
