Интервју со Марија Ристовска: Градење еднакви можности во е-трговијата и дигиталната индустрија
Создадовме платформа за жени миленијалки кои работат во индустријата и се подготвени да ги споделат своите успешни приказни. Започнавме серијал интервјуа каде ги пренесуваме нивните инспиративни искуства и успеси, ставајќи акцент на жените што го трансформираат светот околу себе. Разговараме со Марија Ристовска, проектна менаџерка во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) и раководителка на подружницата на Асоцијацијата – Алијансата за родова еднаквост на работното место (Gender Equality Alliance – GEA).

Можете ли да ни кажете повеќе за компанијата во која работите и нејзината цел?
Рaботам како проектна менаџерка во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) и како раководителка на нејзината подружница – Алијансата за родова еднаквост на работното место (Gender Equality Alliance – GEA). АЕТМ се залага за развој на е-трговијата во нашата земја и отстранување на бариерите што го спречуваат нејзиниот раст, додека работата на GEA се фокусира на три клучни столба: еднаква плата за еднаква работа, еднакви можности за напредок и еднаква застапеност на мажите и жените на сите нивоа и позиции на работното место.
Работата е насочена кон долгорочни иницијативи, едукација преку работилници, конференции, кампањи и истражувања, како и застапување, со намера да се постигнат системски промени. Мојата улога опфаќа проектен менаџмент, стратешко планирање, развој на партнерства, организација на настани и комуникација со јавност и медиуми, со цел подобрување на економското учество, особено за жените во Македонија.
Со какви предизвици сте се соочиле како жена миленијалец која работи во вашата индустрија, и како сте ги надминале?
Еден од најчестите предизвици со кои сум се соочила се суптилните, но упорни стереотипи во професионалните интеракции. На состаноци кои биле иницирани, закажани и водени од моја страна, ми се случувало, особено кога соговорникот е маж, во одреден момент разговорот и вниманието целосно да се пренасочат кон мојот колега, иако тој не е носител на иницијативата или состанокот. Овие ситуации не се отворена дискриминација, туку длабоко вкоренети стереотипи за тоа кој „природно“ се перцепира како авторитет.
Токму ваквите и слични стереотипи со кои се соочуваат жените на работното место беа дел од инспирацијата за креирање на Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA). Целта на Алијансата е да се истакнат позитивните примери на домашни компании кои имаат родово еднакви пракси и политики и заеднички да се работи на намалување на несвесните стереотипи во работната средина.
Од друа страна, на лично ниво, научив појасно да ја поставувам мојата улога и да не се повлекувам во ситуации каде што мојот придонес е очигледен.

Кои компетенции или вештини сметате дека се највредни за жените миленијалци на работното место, и зошто?
Според мене, највредни се комбинацијата од адаптибилност, креативност, критичко размислување и емоционална интелигенција. Во работењето на проекти и воопшто, во соработката со различни партнери и соработници, ретко кога сè оди точно според планот, а промените во последен момент се чести, што бара флексибилност и способност брзо да се најдат креативни решенија кои ќе им одговараат на сите вклучени страни.
Исто така, жените миленијалки често работат во средини кои брзо се менуваат, па способноста да се носат одлуки со ограничени информации е исклучително важна. Дополнително, сметам дека емоционалната интелигенција и вештините за градење односи претставуваат значајна предност, особено во мултидисциплинарни или интернационални тимови.
Како жените миленијалци можат да продолжат да ги развиваат и усовршуваат своите вештини во индустријата?
Жените можат да ги развиваат и усовршуваат своите вештини преку континуирано учење, учество во најразлични иницијативи и градење професионални мрежи. Формалната едукација е важна, но исто толку значајно е свесно да се инвестира во себе преку специјализирани обуки или менторство. Особено во ерата на вештачка интелигенција (AI), важно е да се искористат можностите што ги нуди технологијата: AI може да даде прва верзија, но вистинската магија ја дава човечката креативност. Затоа е важно жените да развиваат вештини за ефективно користење на AI.
Исто така, учеството на домашни и интернационални конференции овозможува запознавање со нови трендови, ширење на светогледот и развивање контакти со истомисленици.
Дополнително, можеби не е толку интуитивно, но би им препорачала да патуваат како дел од развојот и усовршувањето на своите вештини. Патувањата овозможуваат директен контакт со нови идеи, напредни технологии и иновации, кои потоа можат лесно да се применат, започнат или адаптираат во Македонија.

Како сметате дека жените миленијалци носат уникатна перспектива во индустријата во споредба со претходните генерации?
Мислам дека жените миленијалки носат уникатна перспектива бидејќи не се ограничуваат на традиционалните патеки на претходните генерации. Порано професионалниот успех често зависеше од нивото на завршено формално образование и часови вложени во работа, но со текот на времето и пристигнувањето на ерата на интернетот и глобализацијата, работите се променија, па миленијалките научија да работат „паметно, а не само напорно“, комбинирајќи знаење со адаптибилност.
Дополнително, жените миленијалки, за разлика од претходните генерации се растени со мобилни телефони и користење на најразлични дигитални алатки (се сеќавате ли на Winamp?), што ги прави природно интердисциплинарни и поглобално ориентирани. Овa овозможи жените миленијалки да донесат нови перспективи во решавањето проблеми и ги збогати индустриите со свежа, технолошки информирана и иновативна перспектива.
Според мене, миленијалките често функционираат како мост помеѓу претходните „пред-интернет“ генерации и генерацијата Z, носејќи комбинација од трудољубивост и професионална посветеност наследена од претходните генерации, и дигитална писменост и свежи идеи од ерата на интернетот.
Како ја гледате улогата на менторството и поддржувачките мрежи во напредокот и успехот на жените миленијалци на работното место?
Неодамна, во рамки на Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA), спроведовме кампања „Leaders’ Insights to Success“ со цел да ги истакнеме успешните женски примери од Македонија. Речиси сите интервјуирани посочија дека нивниот успех бил поддржан од формално или неформално менторство, дома или во странство.
Согласно на тоа, сметам дека менторството, но и вклучувањето во организации како GEA, AETM и слични, се клучни за напредокот и успехот на жените миленијалци. Тие не служат само за пренос на знаење, туку и за градење чувство на припадност. Дополнително, добриот нетворкинг и директните контакти можат да отворат многу нови можности, но уште поважно, да помогнат жените да не се чувствуваат изолирано додека го градат својот професионален пат.

Марија Ристовска
Проектна менаџерка во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) и раководителка на нејзината подружница – Алијансата за родова еднаквост на работното место (Gender Equality Alliance – GEA).


