Успешно реализирана обука за дигитална трансформација на услужни компании
На 11 ноември 2025 година, во просториите на Public Room – Скопје, Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување ја реализираше втората од серијата специјализирани обуки посветени на дигиталната трансформација на македонските компании. Овојпат фокусот беше ставен на услужните компании, кои сакаат да ја унапредат ефикасноста, комуникацијата со клиентите и квалитетот на своите услуги преку дигитални алатки и иновации.

Преку комбинација од презентации, дискусии и практични активности, учесниците имаа можност да научат како дигитализацијата ги менува очекувањата на клиентите и како можат да создадат современо дигитално корисничко искуство. Темите опфатија нови услужни модели, автоматизација на процеси, дигитален маркетинг и користење на CRM системи, cloud решенија и алатки базирани на вештачка интелигенција, вклучувајќи ChatGPT.

Предавачот Гоце Џуровски, ERP консултант и експерт за дигитална трансформација, ги водеше учесниците низ реални примери од различни сектори – банкарство, здравство, образование и маркетинг, и сподели успешни приказни за тоа како малите компании можат со мали, но стратешки чекори да воведат автоматизација и да ја зголемат ефикасноста.

Во интерактивниот дел, учесниците работеа на проценка на дигиталната зрелост на своите организации и добија патоказ за постепена трансформација, при што беа нагласени клучните елементи за градење култура на иновација, доверба и сигурност во користењето на дигитални алатки. Особено внимание беше посветено и на заштитата на податоците, GDPR регулативата и изборот на сигурен cloud провајдер.

Обуката заврши со размена на искуства, практични совети и насоки за примена на стекнатите знаења. Како заклучок, беше упатен повик до компаниите да започнат со мали, изводливи чекори кон дигитална трансформација што носи реални резултати.

Обуките се организирани од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, во соработка со проектот POLICY ANSWERS и Enterprise Europe Network Macedonia, во согласност со приоритетите утврдени во ТвинТек Конект 2025 Комуникето, кое ја нагласува важноста на дигиталните капацитети, иновациите и меѓусекторската соработка како двигатели на Индустријата 4.0 и одржливиот економски раст.




