Успешно реализирана обука за дигитална трансформација на компании кои работат со производи
На 4 ноември 2025 година, Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР) ја реализираше првата од двете специјализирани обуки посветени на дигиталната трансформација на македонските компании.

Преку комбинација од презентации, примери од македонскиот контекст и интерактивни активности, учесниците добија јасна слика за тоа што значи дигитална трансформација и како таа може да придонесе за зголемување на ефикасноста, намалување на трошоците и подобрување на конкурентноста.

Предавачот Гоце Џуровски, ERP консултант и експерт со долгогодишно искуство, го водеше процесот со фокус на реални бизнис сценарија и чекори што компаниите можат веднаш да ги применат во своето работење. Во интерактивен формат беа разгледани современите технологии што создаваат најголема вредност – ERP, CRM, WMS, IoT, RFID и решенија базирани на вештачка интелигенција, како и нивната практична примена во македонски услови.
Во вториот дел од обуката, учесниците работеа на проценка на дигиталната зрелост на своите организации и добија насоки за креирање стратегија за постепена трансформација. Дел од фокусот беше ставен и на значењето на организациската култура и лидерството во процесите на промена, како предуслов за успешна и одржлива дигитална трансформација.

Оваа обука претставува чекор во серијата активности што Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување и партнерите ги спроведуваат со цел да го поддржат дигиталниот развој на малите и средните претпријатија во Македонија. Втората обука, која ќе се одржи на 11 ноември 2025 година, ќе биде посветена на услужните компании и на начините на кои дигитализацијата може да го подобри квалитетот, ефикасноста и комуникацијата со клиентите.
Овие обуки се организирани од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР), во соработка со проектот POLICY ANSWERS и Enterprise Europe Network Macedonia, во согласност со приоритетите утврдени во ТвинТек Конект 2025 Комуникето – документ кој ја нагласува важноста на дигиталните капацитети, иновациите и меѓусекторската соработка како двигатели на Индустрија 4.0 и одржлив економски раст.






