Прирачници за политиките во Поглавје 20

 

  1. Прирачникот за мониторинг и евалуација на политиките во Поглавје 20 е замислен како практична алатка за релевантните чинители (претставници на граѓански организации, тинк-танк организации, аналитичари, креатори на политики и останати) која има задача да понуди насоки и решенија за креирање издржан и квалитетен план за мониторинг и евалуација на јавните политики. Во првиот дел од Прирачникот се разработени концептите коишто се користат во вреднувањето на политиките, се дава преглед на методите и видовите мониторинг и евалуација. Понатаму, Прирачникот дава конкретни чекори за креирање план за мониторинг и евалуација којшто, бидејќи е заснован врз универзалните принципи за креирање на методологија, може да се користи и за другите Поглавја. Сепак, мора да се напомни дека вреднувањето е процес, односна рамка којашто се пополнува со содржина во зависност од потребите на засегнатите страни во однос на тоа какви резултати и информации се потребни од овој процес. На крај, Прирачникот содржи адаптирана алатка за евалуација, којашто ги следи чекорите опишани во самиот прирачник, а ги зема предвид и насоките од Европската комисија.  Овој прирачник е изработен во рамките на проектот  „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20“, кој започна во мај 2017 година во реализација на проектните партнери Фондација за Претприемачки сервис за млади, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување и Здружение за рурален развој „Јавор“ -Зрновци.

    Публикацијата е достапна на следниот линк :
     Публикација – мониторинг и евалуација
  2. Прирачникот за креирање политики во Поглавје 20 – претпријатија и индустриска политика е наменет, пред сè, за граѓанските организации кои сакаат да стекнат знаење од областа на креирање јавни политики во Поглавје 20 – Претпријатија и индустриска политика за да може да се вклучат како активни чинители во процесот на креирањето политики. Во рамките на различните модели за креирање политики кои се користат на европско и светско ниво, прирачникот се задржува на процесниот модел, кој е најчесто користен модел во Република Македонија. Потребата за креирање политики во Поглавје 20 е водена од идеолошки и/или политички мотиви и определена од поширокиот економски и општествен контекст. Креирањето политики е процес кој за да биде успешен, мора да се темели на партнерство меѓу државните институции приватниот сектор, транспарентност, отчетност и објективна евалуација со цел да се утврдат постигнатите резултати и следните насоки.
    Во рамки на фазите на процесниот модел, идентификуваните чинители имаат различна улога и надлежност кои овозможуваат тие да се класифицираат во: национални меѓуресорски тела и институции кои учествуваат во процесот на креирање политики, институции кои обезбедуваат стручна поддршка или финансирање, регулаторни тела, институции задолжени за спроведување на политиките, инкубатори, европски програми за поддршка и други општествени чинители. Креаторите на политики, од своја страна, имаат на располагање широка палета на инструменти со кои можат да ги реализираат зацртаните цели. Во зависност од тоа кон кого се насочени, инструментите може да бидат селективни или хоризонтални, а во зависност од тоа што ги мотивира – дефанзивни или стратешки. Прирачникот нуди конкретни примери на инструменти поделени според областа на интервенција и неколку успешни приказни од земји-членки на ЕУ, како илустрација на широкиот опфат на политики на Поглавје 20.

    Публикацијата е достапна на следниот линк: Публикација – креирање политики 

  3. Прирачникот за анализа на јавни политики, подготовка на документи за јавни политики и застапување и комуницирање на препораки за јавни политики во Поглавје 20 – претпријатија и индустриска политика ни помогна да осознаеме неколку работи кои се однесуваат на процесот на анализа на јавни документи, нивна комуникација и застапување на она за што се залагаме со/во нив. Во првиот дел увидовме дека во поглед на анализата на даден проблем или појава најпрвин треба да го разбереме самиот проблем, а потоа да пристапиме кон избор и објаснување на релевантните цели и ограничувања. Откако овој чекор е преземен, продолжуваме со избор на модел за решенија, по што следи најсуштествениот дел – анализа на решенијата. При анализата на решенијата, првично вршиме избор на категории на влијание за целите, па конкретно дефинирање на алтернативните политички решенија, а потоа следи предвидување на влијанието врз алтернативните политички решенија. Како завршен чекор од анализата правиме оценка/вреднување на влијанието на алтернативните политички решенија, а сето ова го завршуваме со конечна оценка и препорака. Како најкорисни аналитички методи ги споменавме: 1) квантитативни – анкети (во електронска форма, телефонски или теренски); 2) квалитативни – интервјуа, фокус-групи, набљудувања; и 3) матрици – ПЕСТ (анализа на политичките, економските, социјалните и технолошките фактори) или SWOT (анализа на предности, слабости, можности и закани).

    Публикацијата е достапна на следниот линк : Публикација- застапување и комуницирање

Проектот е финансиран од Европската Унија преку ИПА Програмата за поддршка на граѓанско општество и медиуми 2015 и ќе трае до мај 2019 година.
Главната цел  на проектот е активно вклучување во реформскиот процес на Поглавје 20 преку структурирани напори од страна на мрежата на граѓански организации „YES Network“ (www.yes-network. org). Мрежата беше креирана во 2014 година и претставува моќен механизам за координација и поврзување на граѓанските организации со јавниот и приватниот сектор на полето на претприемништвото.

Преку имплементација на активностите, проектот цели да постигне координација помеѓу граѓанските организации во реформскиот процес за Поглавје 20, да ги зајакне капацитетите на граѓанските организации за креирање политики, вмрежување и следење на политиките за Поглавје 20 на национално и локално ниво, да се подобри координацијата и трансферот на знаење помеѓу граѓанските организации и останатите релевантни чинители и да се подигне свеста за значењето на Поглавје 20 за целокупниот напредок на земјата кон ЕУ.

Ресурсниот центар на Поглавје 20 (www.poglavje20eu.org), покрај останатото, ќе овозможи пристап и до алатките на Поглавје 20, чиј составен дел е и овој прирачник, а кои имаат цел градење на капацитети на граѓанските организации преку подобро разбирање на процесите на креирање политики, како и преку унапредување на вештините за мониторинг и застапување.