Тимот на Enterprise Europe Network – Македонија во посета на „Парфумарија“ во Даблин, Ирска
Во срцето на Даблин, Ирска се наоѓа „Парфумарија“ прекрасна парфимерија за која се има пишувано во целиот свет во различни водичи и списанија како „Lonely Planet“, и „Vogue“ чија сопственичка е Марија Аслимоска, Македонка која живее 20години во Даблин. Извршната директорка на Фондација за Менаџмент и индустриско истражување, Габриела Костовска Богоеска и Програмската менаџерка, Емилија Андонова ја посетија Марија во својата магична парфимерија каде што имаа можност да разговараат за можностите кои се нудат преку Enterprise Europe Network. Мрежата Enterprise Europe им помага на бизнисите да иновираат и растат на меѓународно ниво. Тоа е најголемата светска мрежа за поддршка на мали и средни претпријатија (МСП) со меѓународни амбиции. Мрежата е активна во повеќе од 60 земји во светот. Обединува 3.000 експерти од повеќе од 600 организации членки – сите познати по својата извонредност во деловната поддршка.
На самата посета, Марија го сподели своето искуство со оваа работа и раскажа дека правењето парфеми претставува магија која секојдневно ја исполнува и мотивира. Со самата преселба во Даблин се соочила со многу различни нешта за разлика од животот во Македонија но истовремено прифатила многу од особините на Ирците за кои смета дека и помогнале во почетокот на креирањето на својот бизнис. Она што ја мотивирало на почетокот во креирањето на својот бизнис е тоа што и покрај различната позадина која ја има сепак во Ирска успеала да биде прифатена и да има можност да го оствари својот потенцијал и соништа. Колку е посветена на својот бизнис зборува и фактот дека секогаш одговара на мејл, прави нарачки, договара аспекти од денот со своите вработени но истовремено и посветува време на своите клиенти бидејќи сака да е во контакт со сите кои ја посетуваат „Парфумарија“.
Околу самата „Парфумарија“ има најмалку 30 продавници за накит, облека, постелнина, модни додатоци и во секоја од нив сопственичка е жена. Ова покажува дека во Даблин жените се спремни да ги остваруваат своите сонови и не се плашат во инвестирање на сопствен бизнис. Поддршката која ја добиваат финансиски од институциите и можностите за вмрежување организирани преку различни видови на настани е дополнителен мотив за да жените се остваруваат во улога на сопственички кои ги следат своите идеи и соништа.
На средбата Марија на претставничките од Enterprise Europe Network им презентираше и неколку парфеми каде зборуваше за тоа колку е битно секој да се познава себеси доволно и за да знае што му прилега како и да истражува со повеќе парфеми. Тимот на Enterprise Europe Network ја запозна Марија за можностите кои ги нуди оваа мрежа, и презентираше голем дел на настани кои се случуваат на годишно ниво како и сподели голем дел на можности кои таа може да ги користи како сервиси во својот бизнис и работа.
Беше презентиран и WEgate проектот, чиј партнер е Фондација за Менаџмент и индустриско истражување кој овозможува поврзување на жените сопственички на бизниси од цела Европа како и нуди голем спектар на едукација за жени претприемачки, можности за споделување на успешни приказни, вебинари за мотивација и размена на искуства како и Самити за меѓусебна соработка.