Wp

СТУДИЈА ЗА ПРИСТОЈНА РАБОТА НА ЖЕНИТЕ РАБОТНИЧКИ ВО МАКЕДОНИЈА

Принципите на еднаквост и заштита од дискриминација се дел од уставниот поредок на земјата, а широката правна рамка на националните закони, стратегии, програми и акциски планови директно ги регулира прашањата за еднакви можности, учество на жените на пазарот на трудот и забрана на дискриминација. Во јуни 2023 година донесена е и новата Национална програма за достоинствена работа (НПДР) за периодот 2023-2025, а континуирано се работи и на унапредување на клучните закони од областа на трудовото и антидискриминациското право.

И покрај вложените напори, жените сè уште се во неповолна состојба на пазарот на трудот, соочени со родови јазови во поглед на вработеноста и платите, поизложени се на родово-базирана и други типови дискриминација на работното место, со мобинг и со нееднакви можности за напредување во кариерата. Дополнително, жените работнички се соочуваат со нееднаков пристап до вработувањето, небезбедни работни места и недоволна застапеност во процесот на социјален дијалог.

И покрај фактот што многу владини документи го припишуваат недостатокот на учество на жените на пазарот на трудот на традиционалните ставови, ова тврдење не е поткрепено со докази. Истражувањата покажаа дека, всушност, дискриминацијата на пазарот на трудот, недостатокот на политики за усогласување на работниот и семејниот живот, недостатокот (и цената) на установи за згрижување деца, сите придонесуваат за високите стапки на економска неактивност кај жените. Истовремено, Европската комисија во извештајот за напредокот на земјата континуирано укажува на потребата  за унапредување на поддршката, механизмите, ресурсите и соработката на полето на социјалната политика и вработувањето, како и на унапредување на социјалниот дијалог во функција на еден поголем и поинклузивен социоекономски развој на земјата.

Основната цел на студијата насловена како Студија за пристојна работа на жените работнички во Македонија е да обезбеди осврт на институционалната, стратешката и правната рамка за пристојна работа, да спроведе нивна анализа од родов аспект и усогласеност со Меѓународните стандарди за труд (МСТ) и приоритети на Европската унија, како и да спроведе истражување на реалните работни состојби на жените работнички во секторите трговија и индустрија.