Img 5074

Одржана Инфо–сесија за Агендата на Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спортсо претставници на Европска Комисија во Скопје дел од проектот POLICY ANSWERS

На 17.02.2023 година во Хотел Хилтон во Скопје се одржа Инфо-сесија за Агендата за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт. На инфо-сесијата присуствуваа вкупно 20 претставници од 9 јавни институции кои придонесуваат кон остварување на целите на оваа Агенда. Свое излагање во сесијата имаа претставници од Европска Комисија: Bernhard Fabianek и Nikelina Naska DG Research, and Innovation, Jelena VidovicDG Joint Research Center, Wojtek KowalskiDG Neighbourhood & Enlargement Negotiations.

Инфо–сесијата за Агендата на Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт е дел од пошироката програма за градење капацитети која се состои од три модули. Модулот 1 се планира да се имплементира во првата половина на 2023 година и се состои од четири активности:

  • Инфо сесија за агендата за Западен Балкан
  • Тренинг обука: Дизајн и координација на политики
  • Тренинг обука: Формулирање на специфични индикатори за истражување и развој, образование и култура. Воспоставување на процеси за следење, евалуација и учење. Зелени индикатори и буџетирање.
  • Студиска посета: институционални практики на ЕУ

Настанот беше организиран од страна на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување и Фондот за иновации и технолошки развој како дел од проектот „POLICY ANSWERS” финансиран во рамки на програмата Хоризонт Европа на Европската Комисија. Преку спроведување на активностите на овој проект, МИР фондација и ФИТР преземаат водечка улога во унапредување на националниот и регионалниот иновациски екосистем, со цел вклучување на националните чинители во заедничкиот европски пазар.

Проектот го поддржува политичкиот дијалог, вклучувајќи формални состаноци, мониторинг и поставување агенда, градење капацитети и имплементација на агендата на ЕУ за Западен Балкан, како и усогласување на тематските приоритети. Ќе спроведе регионални пилот активности и ќе го надгради информативниот центар базиран на платформата www.westernbalkans-infohub.eu. 14 партнерски организации, кои ги претставуваат мрежните јазли во регионот и експертските организации на ЕУ, го поддржуваат политичкиот дијалог преку министерски состаноци, состаноци на Управувачката платформа и ад-хок состаноци за политики. Тие обезбедуваат аналитички докази преку активности за следење и мапирање (на екосистемот на засегнатите страни, имплементација на агендата за Западен Балкан и интеграција во Европската истражувачка област).