Обуки за иновациски менаџмент кај компании кои работат со производи и услуги
Во време кога иновациите стануваат двигател на конкурентноста, ефикасноста и долгорочниот раст, развојот на иновациски капацитети е неопходен за секоја компанија што сака да остане релевантна на пазарот. Со цел да им помогнеме на македонските компании да ги препознаат и применат современите пристапи во иновацискиот менаџмент, подготвивме две специјализирани обуки, дизајнирани според различните деловни модели и потреби.
Учесниците може да се пријават за една или двете обуки, во зависност од областа во која делуваат и потребите на својата компанија.

Обука 1: Иновациски менаџмент кај компании кои работат со производи (11.12.2025)
Оваа обука е наменета за компании што сакаат да го развијат својот иновациски потенцијал и да воведат структуриран систем за менаџирање идеи и процеси. Преку интерактивни активности и практични примери, учесниците ќе добијат јасна слика за тоа што претставува иновацискиот менаџмент и како може да донесе реална вредност за производствените компании.

Во рамките на обуката ќе бидат разгледани различните типови иновации, значењето на иновациите за конкурентност и најчестите пречки со кои се соочуваат компаниите кои работат со производи. Учесниците ќе добијат насоки како да воспостават систем за управување со иновации (вклучително и според ISO 56002), како да ја организираат распределбата на улоги и одговорности, и како да развијат иновациска култура преку употреба на инструменти како innovation funnel, idea management алатки и KPI-и.
Со учество на оваа обука:
- Ќе добиете насоки како да воспоставите организиран иновациски процес – од идеја до имплементација.
- Ќе научите како да креирате иновациска култура и тимски ангажман во вашата компанија.
- Ќе добиете практични алатки, шаблони и чекори за развој на иновациски процес.
- Ќе креирате мини-план со првите чекори што ќе ги преземете во наредниот период.
Обука 2: Иновациски менаџмент кај услужни компании (18.12.2025)
Оваа обука е фокусирана на услужни компании кои сакаат да ги унапредат процесите, квалитетот на услугите и искуството на клиентите преку иновации. Учесниците ќе истражат како иновациите влијаат врз услужниот сектор, кои видови иновации се најрелевантни, како се менуваат очекувањата на клиентите и кои митови и пречки најчесто ја ограничуваат иновациската активност.

Во текот на обуката ќе се обработат и принципите за организирање систем за управување со иновации (вклучително и според ISO 56002), улогите на иновациските тимови и менаџментот, како и алатките за подобрување на иновациските процеси и корисничко искуство. Ќе бидат претставени структурирани студии на случај од услужни компании како пример за успешна примена на моделот.
Со учество на оваа обука:
- Ќе научите како да креирате иновациски процес во услужна компанија.
- Ќе добиете препораки за подобрување на интерните процеси и услугите преку иновации.
- Ќе истражите различни алатки за idea management, roadmap и KPI-и.
- Ќе развиете мини-план за имплементација на иновациски активности во наредниот период.
Предавач: Александар Целески

Александар Целески е сертифициран менаџмент консултант (CMC®) со повеќе од 17 години професионално искуство во водење анализи, стратегии, обуки и советодавни процеси во деловниот, јавниот и граѓанскиот сектор. Работел во водечки меѓународни компании за менаџмент консалтинг и професионални услуги, каде стекнал длабоко и применливо знаење во развој на организации и управување со перформанси.
Покрај CMC® сертификатот, тој е сертифициран консултант од ЕБОР, SHL Revenue Management Master Trainer, овластен сметководител, стечаен управник, проценител и кандидат за сертифициран инвестициски советник. Како надворешен експерт соработува со институции како EBRD, USAID, UNDP, World Bank, ФИТР, АППРМ, АВРМ, ИНОВА, CEED, Македонска берза и други. Со своето комбинирано стратешко и практично искуство, континуирано поддржува организации во зголемување на нивната ефикасност, иновативност и пазарна конкурентност.
Пријавување
Секој учесник може да се пријави за една или двете обуки, во зависност од потребите на својата компанија.
Бројот на места е ограничен! За да го резервирате своето место, пријавете се денес со пополнување на следниот формулар: линк
Обуките се организирани од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување МИР, во соработка со проектот POLICY ANSWERS и Enterprise Europe Network Macedonia.
Овие обуки се во согласност со препораките и приоритетите утврдени во ТвинТек Конект 2025 Комунике, во кое е нагласена потребата од зајакнување на дигиталните капацитети, унапредување на иновациската култура и поттикнување на соработката меѓу различни актери во екосистемот, како предуслов за понатамошен развој и премин кон Индустрија 4.0.
Преку овие специјализирани обуки, Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР) и нејзините партнери ги претвораат препораките од Комуникето во практична акција – поддршка на компаниите во унапредување на иновациската култура и зголемување на нивната конкурентност.




