Национална платформа за женско претприемништво организира вебинар на тема: ,,Femme digital: Пионерство во иднината на женското претприемништво”
Националната платформа за женско претприемништво организира вебинар насловен ,,Femme digital: Пионерство во иднината на женското претприемништво’’, кој ќе се одржи во понеделник (04/12/2023 година), со почеток од 11:00 часот.
Признавајќи дека најмоќното знаење за женско претприемништво е во самиот сектор, сакаме да ги прикажеме и споделиме експертизата и искуството на соработниците на Националната платформа за женско претприемништво кои работат во Европа и преку различните иницијативи кои тие ги имаат да ве мотивираме и инспирираме со нивните успешни практики.
Вебинарот преку интерактивен разговор ќе се осврне на темата женско претприемништво и успешни практики. Патот на една успешна жена претприемачка е исполнет со многу успеси, падови и предизвици. Без разлика на околностите, потребно е брзо прилагодување и постојано учење. Преку овој вебинар дознајте дали го имате она што е потребно за успех и долгорочен напредок во полето на женско претприемништво. Вебинарот нуди одлична можност за вмрежување, врсничко учење и споделување на добри практики со цел да се подобри поддршката што ефикасно им се дава на жените претприемачи.
Преку овој вебинар откријте ги:
– Најновите трендови во дигитални иновации за жени
– Инспиративни успешни примери од Femme Digital пионери
– Можности за вмрежување и размена на искуства
Овој вебинар е дел од серијата вебинари за врсничко учење на Национална платформа за женско претприемништво за пренесување на знаењето на Европски реномирани компании и организации кои работат во полето на женско претприемништво. Националната платформа за женско претприемништво се спроведува од страна на Фондација за менаџмент и индустриско истражување, Здружение на бизнис жени и Сојуз на стопански комори на Македонија.
Не ја пропуштајте оваа прилика и бидете дел од овој вебинар.
Повеќе информации за говорниците и РЕГИСТРАЦИЈА за настанот на следниот линк: Webinar Registration – Zoom
Модератор:
Емилија Андонова/ Проектна координаторка во Фондација за Менаџмент и индустриско истражување и Координаторка за градење на капацитети во Националната платформа за женско претприемништво
Запознајте ги панелистите:
Apasia Iordanidou/ Основач на YARN платформа (Грција)
Работела како професор по француски јазик во многу училишта и институти за странски јазици неколку години и од 2020 година го основала Yarn како онлајн платформа. Позади Yarn е тим од тројца млади наставнички кои се активни во наставата на странски јазици со инспирација, креативно расположение и свежи идеи. Целта на платформата е да создаде динамична заедница на доверливи наставници по странски јазици. Преку него, наставниците можат да ги прошират своите хоризонти, да се запознаат со други наставници, да разменуваат идеи и гледишта и меѓусебно да се зајакнуваат. Поради оваа причина, организираат месечни едукативни настани како што се вебинари, работилници во живо и сесии за вмрежување со цел да се прилагодат на барањата на современото општество.
Hana Qerimi/ Ко-основач на две платформи Shkolla Digjitale и StarLabs (Косово)
Shkolla Digjitale, основана во 2015 година во Приштина, прераснала од мала локална иницијатива во компанија која го направла најголемиот курс за кодирање за возраст од 8 до 18 години во земјата, со филијали во Косово и градови низ светот, вклучувајќи ги Германија, Мексико, Бразил, Мароко, Тунис, Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија. Со повеќе од 3.000 активни студенти во Косово и преку 10.000 на глобално ниво, Shkolla Digjitale го менува образовниот пејзаж. StarLabs, основана во 2017 година, е компанија за развој на софтвер и најголем работодавач на програмери во Косово, со повеќе од 180 развивачи на софтвер за глобален пазар.
Елизабета Јовановска/ Основач на Бест Онлајн Асистент платформа (Македонија)
Елизабета е претприемач која после 2 децении искуство во продажбата како Комерцијален Директор и Обучувач на продажни тимови во FMCG секторот во 2017 отвара своја компанија насочувачки се кон онлајн продажби и маркетинг стратегии за е-трговија. Соочувајќи се со недостиг на дигитални работници, одлучува да ги спои волонтерството и професијата и почнува да обучува лица со телесна попреченост за дигитални вештини кои совршено се вклопуваат во новите работни места. Во 2020 ја креира платформата Бест Онлајн Асистент – 3 во 1 платформа за едукација, кариерен развој и различни видови на вработување на лица со попреченост со која заради уникатноста и иновативниот пристап освојува многу светски награди, од која најистакната е Награда за најиновативено решение во ИТК секторот во Обединети Нации заедно со Google и добива прознание дека со нејзиниот модел решава проблем на 5% од населението во светот. Евалуирана од страна на 600 експерти од целиот свет се стекнува со титулата “Accessibility Expert”. Како мост кој ги спојува лицата со попреченост и бизнис секторот, со својот модел во 1 година успева да вработи 65 лица со попреченост. Говорник за Инклузија, дихитализација и женско претприемништво на повеќе од 50 светски настани, ментор и едукатор за Социјално претприемништво, специјален едукатор за Дигитални вештини за маргинализирани групи. Член на многу асоцијации за подршка на жени претприемачи со својата работа се стекнува со титулата Women`s Entrepreneurship Expo Ambassador, доделена од UN WOMEN, по што станува и Национален консултатнт за подршка на Саем за Женско претприемништво.