Марта Наумовска Грнарова – жена лидер во металната индустрија
Во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ започнавме серија интервјуа за промоција на добри практики, истакнувајќи го придонесот на жените кои работат во традиционално машки индустрии. Преку нивните искуства и успеси се стремиме да ги охрабриме и мотивираме целните групи на програмата. Разговараме со Марта Наумовска Грнарова, сопственичка и извршна директорка на „Завар Компани“.

Марта е позната како регионален лидер во женското претприемништво во металниот сектор поради нејзиниот пристап воден од иновации во стратешкиот развој на компанијата. Дипломира на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 1988 година со диплома за машинство, специјализација заварување и проектирање на метални заварени конструкции. Во 2018 година, го завршува својот магистерски степен на истиот универзитет по индустриски менаџмент, фокусирајќи се на интеграцијата на дизајн менаџмент како стратешка алатка за иновации во малите и средни претпријатија. Нејзиното лидерство се фокусира на влез на нови пазари и развој на иновативни производи. Таа е вклучена во стратешки развој, финансии, маркетинг, промоција и продажба.
Таа го основа брендот „Завар Дизајн“, кој е специјализиран за дизајнерски радијатори и уникатни грејни објекти кои комбинираат технологија и уметност. „Завар Дизајн“ има добиено бројни признанија, вклучително и тоа што е наведена помеѓу седумте највлијателни брендови за дизајн на радијатори и ја освои наградата за најдобар иновативен дизајн од Американското здружение на дизајнери на ентериер (ASID) Њујорк метро. Дополнителните награди вклучуваат награда за дизајн BIG SEE (2018 и 2023), номинација за Германска награда за дизајн (2019) и освојување на Германската награда за дизајн (2020). Во 2022 година, „Завар Дизајн“ беше награден за патент на годината и ја доби наградата Golden Key Design Award. Награда за дизајн на производи BIG SEE за 2023 година и Номинација за награда за германски дизајн за 2025 година.
Образовното искуство на Марта вклучува различни меѓународни програми: Размена на млади менаџери во Бристол (2004), Стратешки бизнис менаџмент во Стокхолм (2009) и Куала Лумпур (2010), Извозен маркетинг во Ротердам (2010), Дизајн менаџмент во Токио (2015) и Извршен менаџмент на Бизнис школа во Чикаго (2010) и Иновациски менаџмент во (Токио 2025).
Во 2014 година, таа го основа МАМЕИ – Македонска асоцијација на метална и електро индустрија за да поттикне раст во индустрискиот сектор преку соработка и меѓусебно претставување на странските пазари.
Марта, земајќи го предвид вашето обемно искуство, ако може да ни кажете што значи успех за вас во вашата кариера и како се менувал тој концепт од почетокот до сега?
За мене личен успех значи постојано достигнување на одредени зацртани цели, постојана надградба и учење, менување и креирање на вредности. Најважната од сите вредности е создавањето и растењето на една организација која постојано ќе се менува и прилагодува на времето во кое постои. А најголем успех е секојдневието кога работата која ја работиш и професијата со која се занимаваш ти претставува задоволство.
Какви се најголемите предизвици со кои сте се соочиле како жена во оваа област и како ги надминавте?
Секоја работна позиција и секоја област на делување и професија како таква носи со себе одредени предизвици. Суштината на надминување на предизвиците е да се биде секогаш отворен и позитивен за да нивното надминување како составен дел од секојдневните работни практики. Секогаш сум се трудела да се посветам максимално на проектот или работната задача која ја работам во моментот и да дадам се од себе за максимален резултат. Тоа е единствениот рецепт и стратегија за соочување со разликите – да не ги гледате туку да се фокусирате на самата работа.
Дали имате некој момент или искуство во кариерата што ви било особено инспиративно или наградувачко?
Секој нов проект, секој нов клиент, секој нов производ, саем, предавање, обука, вработен, итн. е инспиративно и наградувачко искуство. Убавината е во совладувањето на секој поединечен чекор, учењето од секоја ситуација, растењето што го чувствуваш после секој поминат ден на работа, после секоја завршена цел во планирање веќе на следните. Секако дека има одредени моменти кои ќе ни останат засекогаш во сеќавање, јас би го издвоила моментот кога брендот „Завар Дизајн“ се претставуваше на саем во Њујорк, САД и беше издвоен како бренд со најиновативен дизајн од страната на Американското здружение на дизајнери на ентериер.
Како мислите дека родовата разновидност влијае на работната атмосфера и решавањето проблеми на вашето работно место?
Бидејќи нашата индустрија е прилично машка вклучувањето на жените е од клучно значење за прогресот на самата индустрија. Мојата тенденција е постојано зголемување на бројот на жени во компанијата поради балансирање и збогатување на креативниот потенцијал во сите нивоа на работењето. Искуството покажува дека разнородните тимови се многу покреативни и поефикасни во работењето и придонесуваат за поизбалансирана и поиновативна работна атмосфера и култура на една компанија.
Како мислите дека вашето работење како жена во оваа област ќе влијае на идните генерации?
Јас искрено се надевам дека ќе успеам да инспирирам, охрабрам и мотивирам многу девојки и жени да ја согледаат и засакаат инженерската професија и работата во оваа индустрија поради неограничените можности кои ги нуди.
Што би им советувале на младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област?
Мојот совет до нив би бил да не се осврнуваат на одредени стереотипи и да се посветат на секојдневна работа и учење што ќе ги однесе во многу креативна и возбудлива иднина.
Дали сте имале ментори или друг вид на поддршка што ви помогнала на вашиот професионален пат? Како ја гледате важноста на таквата поддршка?
Менторите се многу важен дел од секој професионален и личен развој на една индивидуа и секој професионалец е потребно да има ментори во секоја фаза од развојот но, истовремено и да биде ментор.