1

Интервју со Маја Наумовска: Жените миленијалки како двигатели на иновации и одговорност во корпоративниот свет

Создадовме платформа за жени миленијалки кои работат во индустријата и се подготвени да ги споделат своите успешни приказни. Започнавме серијал интервјуа каде ги пренесуваме нивните инспиративни искуства и успеси, ставајќи акцент на жените што го трансформираат светот околу себе. Разговараме со Маја Наумовска, директорка на дирекција за корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.

1

Можете ли да ни кажете повеќе за компанијата во која работите и нејзината цел?

Халкбанк во моите очи, отсекогаш значела повеќе од банка.  Таа е институција која се гради и поставува како партнер во развојот на луѓето, бизнисите и заедницата. Нејзината цел не е само финансиска услуга, туку создавање вредност, доверба и долгорочна стабилност. Преку иновациите, дигиталните решенија и општествено одговорни иницијативи, банката активно придонесува и кон позитивни промени во општеството.

Со какви предизвици сте се соочиле како жена миленијалец која работи во вашата индустрија, и како сте ги надминале?

Работата во маркетингот во финансискиот сектор, често бара да се балансира помеѓу креативноста и прецизноста, меѓу брзината и одговорноста. А како жена миленијалец која работи (и ужива да работи) во оваа индустрија, на патот на градењето на својата кариера, се случувало да се соочам со предизвици од типот на градење стабилен авторитет во средина со високи очекувања, но и со динамични промени. Мислам дека ваквите предизвици успеав да ги надминам преку резултатите, покажаниот мотив и желба за успех, градењето на одличниот тим кој работи со истиот пулс, континуираното учење, но и преку вербата во сопствениот професионален интегритет. Притоа, свесна сум дека самодовербата не доаѓа од позицијата, туку од доследноста и вредноста што ја создаваме.

Кои компетенции или вештини сметате дека се највредни за жените миленијалци на работното место, и зошто?

Би рекла дека покрај сите вештини и компетенции кои се бараат за конкретната позиција, особено се важни и способноста за адаптација, емоционалната интелигенција и стратешкото размислување. Живееме во време на постојани трансформации, а способноста брзо да се прилагодиме, да ги разбереме луѓето, да искомуницираме и да носиме промислени одлуки е клучна.

МН

Како жените миленијалци можат да продолжат да ги развиваат и усовршуваат своите вештини во индустријата?

Преку љубопитност, храброст и континуирано инвестирање во себе.  На пример, обуките, можноста да се вклучуваме во нови проекти, излегувањето од комфор-зоната и поврзувањето со инспиративни луѓе, ги прошируваат нашите хоризонти. Но, би додала дека важен е одморот.😊 Во динамичниот свет во кој живееме, со сите професионални и лични обврски, често треба да си даваме и простор за одмор. Токму во тие моменти можеме и најрационално да согледаме во кој правец и на кој начин можеме и сакаме да се развиваме и усовршуваме. 

Како сметате дека жените миленијалци носат уникатна перспектива во индустријата во споредба со претходните генерации?

Искрено, не знам дали можам да направам споредба. Но, во однос на жените миленијалци, мислам дека карактеристично е тоа што тие успеваат некако природно да ја спојат амбицијата со одговорност и смисла. Природно носиме и поголема отвореност кон промени, инклузивност, соработка и баланс помеѓу резултати и вредности. А имаме и способност истовремено да бидеме аналитични и емпатични, нешто што верувам дека е од особено значење денес.

Како ја гледате улогата на менторството и поддржувачките мрежи во напредокот и успехот на жените миленијалци?

Менторството и поддршката се силни двигатели на развојот. Тие носат перспектива, доверба, охрабрување, реализација и сигурност во носењето одлуки.

Успехот е секогаш поодржлив кога постои размена на искуства и взаемна поддршка, а радоста за неговото достигнување е поголема кога истиот произлегува од кариера која не била изградена преку “соло” патување.

МН


Маја Наумовска

Директорка на дирекција за корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!