Звонко Пацаноски

EWA ментори во фокус: Совети од најдобрите – Интервју со Звонко Пацаноски

Во свет кој постојано се менува, каде што знаењето и искуството играат клучна улога во личниот и професионалниот развој, менторството станува еден од највредните алати за поддршка и напредок. Во таа насока, во рамки на програмата Empowering Women in Agrifood (ЕWA), менторството го зазема централното место, тоа не само советодавна улога, менторството е низа на падови и подеми  која треба да ја изодат избраните жени претприемачки водени од своите ментори.

EWA програмата е креирана од EIT Food, најголемата европска иницијатива за иновации во храна, која се спроведува во Македонија во соработка со Фондација за Менаџмент и индустриско истражување. По успешното започнување на оваа иницијатива, решивме да започнеме серијал „EWA ментори во фокус: Совети од најдобрите“ во кој ќе ве запознаеме со менторите кои стојат зад развојот на бизнис идеите предводени од избраните кандидатки.

Звонко Пацаноски

Запознајте го проф. д-р Звонко Пацаноски, редовен професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, кој поседува богато искуство во областа на земјоделството, специјализиран во одржливо земјоделство и рурален развој, со над 90 научни трудови и меѓународни престои зад себе. Со својата академска кариера и меѓународни искуства, Звонко го обликува идниот кадар во земјоделството.

Во оваа менторска приказна, тој работи со Билјана Танева, која е посветена на промовирање на регенеративното земјоделие во локалните заедници, односно константно одгледување на зелени посеви во симбиоза со друга култура.

Звонко Пацаноски + Билјана Танева 1


Кој е вашиот професионален пат и како стигнавте до позицијата ментор во EWA програмата?

Мојот професионален пат отпочна далечната 1999 година, благодарение на мојот ментор проф. д-р Ташко Костов кој се избори најдобриот студент во генерацијата, кој потекнува од работничко семејство, а не некое „наше“ дете, да биде негов наследник. За тоа ќе му бидам благодарен до крајот на животот. Почнав како млад асистент, потоа магистрирав во областа на Хербологијата во 2003 година, а докторирав на истата област во 2008 година. Непосредно по магистрирањето бев на специјализација во Холандија (Seed sector development), а после докторирањето, специјализирав во Италија (SARD-Sustainable Agriculture and Rural Development). Од 2018 сум редовен професор на ФЗНХ-Скопје, при УКИМ. Покрај двете специјализации, имам остварено студиски престои во Швајцарија (Live-Long Learning for the Rural Areas), Германија (Adaptation of Agricultural Quality Standards and Norms to EU Regulations: Implementation of Plant Protection and Plant Health и Young Professionals-Managing and Leading Regional Rural Governance), Хрватска (Weed Management and Control), Грција (Plant Protection Products), Србија (The EPPO Training Course on the Prioritization Process for Invasive Alien Plants и Monitoring of the Weeds along side main roads (MWMR), Унгарија (BTFS-Best Training for Food Safety). Во 2012 и 2024 бев визитинг професор на Агрономскиот факултет во Загреб. Од 2014 година раководител сум на акредитирана лабораторија за испитување на квалитетни својства на семе и саден материјал од земјоделски култури. Имам објавено 97 трудови и книги заклучно со јули 2025 година, главно во странски часописи со фактор на влијание. Како професор на нашиот факултет бев ментор на голем број дипломски работи и неколку магистерски и докторски тези. Покрај активноста со студентите, непосредно сум вклучен во активности поврзани со едукацијата на фармерите, а минатата и оваа година беше актуелна обуката на кандидати по фитофармација, односно агрономи кои работат во секторот заштита на растенијата, со цел стекнување на лиценци неопходни за нивното понатамошно работење и напредување. Во тековната година бев советник во проектот: „Заштита на вардарскиот регион од инвазивниот плевел Solanum elaeagnifolium (сребренолисен зрнец) проширен како резултат на климатските промени“. На успешно завршениот проект во мај оваа година се надоврза проектот Empowering Women in Agrifood (EWA) во кој бев избран за ментор на кандидатка која сака да внесе еден нов, иновативен пристап во земјоделското производство,  а тоа е регенеративното или обновливото земјоделско производство, што се надевам ќе биде голем предизвик и за двајцата.

Како ментор, што сметате дека е најважно да се пренесе на младите жени во оваа програма?

Покрај знаењето и искуството, многу е важно на идните млади ентузијасти кои сакаат да се занимаваат со земјоделско производство да им се пренесе позитивна енергија, креативен дух, волја за докажување, желба за успех и верба. Доколку нешто искрено се посакува само прашање на време е кога условно невозможното ќе стане возможно и применливо. Успесите не доаѓаат одеднаш, треба многу труд, вложувања, кои неминовно се пропратени и со падови и разочарувања. Во тие моменти треба да се потсетиме на зборовите од големиот Конфуциј: „Успешен човек е оној кој што после секој пад ќе стане и ќе продолжи понатаму“.

Како професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, можете ли да издвоите дигитални или технолошки вештини кои според вас дека треба да им бидат приоритет на жените претприемачи во земјоделството?

Иако нашето земјоделско производство генерално заостанува зад светското, особено зад она од високо развиените земји, не треба да се очајува туку постепено да се фаќа приклучок со технолошко-напредната технологија која ќе овозможи големи придобивки како од економски, агротехнички, така и од еколошки аспект. Впрочем и регенеартивното земјоделско производство е еден вид напредна технолошка вештина која ќе се обидеме успешно да ја имплементираме во Струмичкиот регион. Што се однесува до дигиталните алатки и опреми, кои масовно се користат во модерните земјоделски производство на напредните држави, овде ќе напоменем некои од нив:

Систем на глобално позиционирање (Global positioning system-GPS) кој им овозможува на производителите точно да ја лоцираат позицијата и спецификите на полето, како што се почвениот тип, појавата на болести и штеници, заплевеленоста, депресиите на теренот, границите и др.

Различни сензорски технологии (електромагнетна, кондуктивна, фото-електрична, ултразвучна) се користат за да ги измерат влажноста и температурата воздухот, густината на вегетацијата, евапотранспирацијата, итн.

Географско-информатички систем (Geographic information systemGIS) ги поврзува информациите во едно место за да бидат искористени кога ќе треба. Компјутерските GIS-мапи содржат различни нивоа на информации (на пример: принос, почвена мапа, количина на врнежи, култури, ниво на хранливи материи во почвата и биотички агенси).

Би ги спомнал уште технологиите на променлива доза (Variable-rate technologies – VRT) со кои се контролираат процесите, како сеидбата, примената на ѓубрива и пестициди во различни (соодветни) дози на вистинско место во вистинско време.

Понатаму, монитори за мапирање на приносот (на пример, монитор поставен на комбајнот континуирано мери и го забележува протокот на зрна во елеваторот) и на крајот би ги споменал дроновите и паметните хербицидни прскалки со кои на база на претходно-споменатите системи се третираат само местата каде што се најдуваат плевелите (site-specific herbicide application), но не и културата и целата површина, со што се заштедува на херебициди, понекогаш и до 70%, без притоа да се намали ефикасноста во сузбивањето на плевелите, а тоа доведува до намалување нa опасностите од фитиотоксично делување врз културата, намалување на загадувањето на почвата и подпочвените води (еколошка предност), со што производството станува поевтино (економска предност).

Кое е вашето лично мото или филозофија кога станува збор за поддршка и развој на талентирани млади луѓе?

Успехот во животот се постигнува само со самодисциплина, упорност и работа се додека желбата и волјата не се спојат во едно. Оттаму, не постои неосвоива тврдина, постои само погрешен напад.

Звонко Пацаноски + Билјана Танева 2

Програмата Empowering Women in Agrifood EWA ги поддржува жените во развојот на нивните агро-прехранбени бизнис идеи не само преку финансирање, туку и преку специјализирани обуки, менторство и можности за вмрежување. Оваа иницијатива има за цел сеопфатно да ги поддржи претприемачките жени во раната фаза од нивната кариера, притоа овозможувајќи им пристап до знаење и релевантни контакти за успешен почеток и развој на одржливи бизниси во агро-прехранбениот сектор.

Во време кога агро-прехранбениот сектор се соочува со потреба од дигитална трансформација, одржливост и иновација, прашањето е: Кој ќе ги донесе тие промени ако не жените со визија? А кој ќе ги поддржи, ако не менторите со искуство?

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!