Emilija dimic mkd

Емилија Димиќ Мамучевска: Балансот помеѓу кариерата и приватниот живот во телекомуникацискиот секторот

Создадовме платформа за жени миленијалки кои работат во индустријата и се подготвени да ги споделат своите успешни приказни. Започнавме серијал интервјуа каде ги пренесуваме нивните инспиративни искуства и успеси, ставајќи акцент на жените што го трансформираат светот околу себе. Разговараме со Емилија Димиќ Мамучевска, постар специјалист за усогласеност во А1 Македонија.

Emilija dimic mkd

Можете ли да ни кажете повеќе за компанијата во која работите и нејзината цел?

А1 Македонија е телекомуникациска компанија и воедно член на Групацијата А1 Телеком Австрија, водечки провајдер за комуникациски и дигитални решенија. Работиме во седум држави и обезбедуваме услуги за околу 24 милиони корисници.

Плодното искуство кое го стекнав во правните сектори и секторите за усогласеност на прописи во неколку македонски и интернационални  компании, ми овозможи да изградам еден поинаков пристап кон работата. Би рекла дека усогласеноста е вистинска уметност на правото. Освен детално знаење на правниот дел, усогласеноста подразбира анализа на процеси од повеќе сектори во една компанија. Научив да разбирам различни перспективи и потреби и внимателно анализирајќи ги деталите да создавам решенија за секој правен ентитет да функционира согласно правилата и прописите.

Со какви предизвици сте се соочиле како жена миленијалец која работи во вашата индустрија, и како сте ги надминале?

Кариерниот развој на една жена, независно од индустријата е како трка со пречки. Пред сѐ, затоа што покрај обврските на работното место, како жени, мајки и сопруги имаме домашни задачи кои не секогаш можеме да ги делегираме на други да ги завршат. Дел од тие и се нереални општествени очекувања па чести се непроспиените ноќи, а повиците од градинка се само малкуте од низата предизвици кои го прават женското секојдневие да биде не секогаш глатко. Затоа, разбирањето на работодавецот е од клучно значење за успех и на професионалното и на приватното поле кај една жена, од причина што среќна мајка и сопруга е всушност и исполнета работничка која успеала во рок и со успех да ги изврши зададените задачи на работното место и да расте во својот кариерен пат. Едноставно, јас како жена во општеството во кое живеам, секојдневно водам битки на повеќе полиња и секоја победа е релевантна за да се чувствувам исполнето и среќно. Имаме уште многу пат за рамноправност и се радувам што се повеќе мажи се вклучуваат активно во овие прашања.

Кои компетенции или вештини сметате дека се највредни за жените миленијалци на работното место, и зошто?

Од особена важност е менторството, женското менторство помеѓу колешките со цел поддршка во кариерниот развој, а секако не можам да ги изоставам освестените жени и мажи менаџер(к)и кои ја разбираат жената и нејзината специфична улога на балансирање на приватниот и професионалниот живот. Тие, создавајќи  прилагодени пристапи и флексибилни работни места се носителите на промените. Пред сѐ, затоа што усогласеноста е поспецифична категорија којашто бара постојано следење на процесите, но и на трендовите и постојано надградување на знаењето и вештините. Флексибилноста и тимската работа,  се исто така, важни за кариерен напредок притоа оставајќи простор за нова идна соработка.

1755127347783

Како жените миленијалци можат да продолжат да ги развиваат и усовршуваат своите вештини во индустријата?

Независно од индустријата во која работи една жена, навиките за секојдневно учење и непресушната жед за повеќе знаење е основа за секоја професионалка. Понатаму, вмрежувањето и помагањето на едни со други е само дополнителна алатка која придонесува за пријатна работна средина во која целите се лесно досегливи. Меѓугенерациската размена е важен сегмент во тоа и како минелијалки имаме уникатна можност од колешките и колегите од претходните генерации да учиме цврсти вредности, професионална етика и лојалност, а од генерациите по нас флексибилни приоди и начини на кои нашите професии фаќаат тек со новата технологија.

Како сметате дека жените миленијалци носат уникатна перспектива во индустријата во споредба со претходните генерации?

Иако разликите ги има, искуството ме научи дека секоја жена која е амбициозна и посветена на професијата остава свој печат во времето во коешто живее. Неминовно е да се напомене мултитаскингот, како и пофлексибилната средина во која работиме кои ни овозможуваат да ја работиме својата работа независно дали сме на работното место или пак работиме на терен или од дома. Веројатно тоа е една миленијалска перспектива. Успехот зависи од секој еден од нас кој е дел од алката на работниот процес. Токму промените кои ја воведуваат флексибилноста како карактеристика на работењето сметам дека е заслуга на нашата генерација жени во работата.

Како ја гледате улогата на менторството и поддржувачките мрежи во напредокот и успехот на жените миленијалци на работното место?

Низ кариерата учев од фантастични жени на кои менторството им одеше природно и неформално. Тие никогаш не ми наоѓаа решенија за предивиците, туку ми ја враќаа вербата дека можам низ свои лични примери кога биле на моето место. Сега се радувам и што менторството се препознава, се проучува, па и се формализира бидејќи зазема клучна улога во кариерниот напредок. Се радувам на секоја прилика да бидам менторка оснажнувајќи нечиј личен и професионален развој.

1755127360394


Емилија Димиќ Мамучевска

Постар специјалист за усогласеност –

А1 Македонија

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!