ЖЕНИ ЦБЦ

Ангела Шишкин – Градежништвото низ очите на една успешна жена инженер

Во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ започнавме серија интервјуа за промоција на добри практики, истакнувајќи го придонесот на жените кои работат во традиционално машки индустрии. Преку нивните искуства и успеси се стремиме да ги охрабриме и мотивираме целните групи на програмата. Разговараме со Ангела Шишкин, градежен инженер за изведба.

ЖЕНИ ЦБЦ

Ангела, дали би сакале накратко да ни кажете за вас и вашата професија?

Јас сум м-р Ангела Шишкин, градежен инженер за изведба. Во моментов работам како асистент проектен менаџер на објектот ‘Изведба на Брана со придружни објекти Отиња, Штип’ во компанијата Стентон Градба ДОО, Битола.

Основното и средното образование ги завршив во Битола на смер техничар за компјутерска техника и автоматика. Првично бев насочена кон IT-инженерство, но со текот на времето сфатив дека сакам работа која вклучува теренска активност и комуникација со луѓе. Затоа, се запишав на Градежниот факултет, каде што ги завршив додипломските и постдипломските студии во областа на хидротехниката, стекнувајќи звање магистер.

Веќе четири години работам како градежен инженер за изведба, водејќи проекти од високо значење за државата. Во моментов, сум дел од тимот што работи на изградбата на каменонасипната брана Отиња, висока 32,5 метри. Овој проект вклучува повеќе од 70 вработени, а јас сум единствената жена на терен. Работата е динамична и бара високо ниво на координација – од почетна фаза до завршна изведба, менаџирајќи ресурси, тимови и рокови. Она што најмногу ме исполнува е што можам директно да гледам како нашите идеи и планови се претвораат во реални објекти што имаат долгорочен позитивен ефект врз инфраструктурата и животната средина.

Како личност, сум искрена, самокритична и секогаш подготвена за нови предизвици. Верувам во тимската работа и во тоа дека секој проект е можност да се покаже професионализам преку конкретни резултати.

Во иднина, мојата цел е да учествувам во изградба на објекти кои ќе ги подобрат инфраструктурата и ќе придонесат за олеснување на животот на секој поединец. Сакам да продолжам да работам на проекти кои ќе имаат долгогодишен позитивен ефект на заедницата и ќе остават траен печат во развојот на земјата.

Што значи успех за вас во вашата кариера и како се менувал тој концепт од почетокот до сега?

Oд кога знам за себе љубовта и интересот за инженерството отсекогаш беа присутни во моето секојдневие. По завршувањето на средното образование сфатив дека работата на терен, непосредниот контакт со материјата и луѓето, како и решавањето на проблемите од секојдневието сакам да бидат мојот двигател на професионален план. Таквата мисла и енергија ме поттикнаа да се запишам на Градежниот факултет во Скопје, на Катедрата за хидротехника.

Позитивното искуство од додипломските студии ме мотивираше и понатаму да продолжам со професионалното доусовршување, така што се стекнав со називот магистер на постдипломски студии на истиот смер (хидротехника). Мојот професионален пат ме доведе до позицијата градежен инженер за изведба, каде веќе скоро четврта година водам проекти од големо значење за државата. Работам на сложени инфраструктурни објекти, меѓу кои е и браната Отиња во Штип. Во рамките на овој проект, работам со голем број на вработени, а интересно е што сум единствената жена во тимот.

Денес, успехот во мојата кариера се дефинира преку реализацијата и имплементацијата на објекти кои што се од особена важност за нашиот народ и држава. Проекти кои што имаат за цел да создадат подобро утре за сите нас како граѓани. Успешното водење на ваквите проекти значи создавање на тим кој работи хармонично, притоа инспирирајќи ги поединците да го дадат најдоброто од себе и на тој начин да постигнат извонредни резултати. Ова подразбира вешто управување со времето, буџетот и човечките ресурси.

Какви се најголемите предизвици со кои сте се соочиле како жена во оваа област и како ги надминавте?

Иако трендот во светот е да се искорени родовата поделба на професиите, сепак сведоци сме дека кај нас тоа се случува малку потешко и побавно. Со оглед на природата на мојата професија, првиот контакт со работниците на објектот значеше и појава на првиот (до тогаш најголем) предизвик на работното место. Сепак, низ годините работа и активностите кои што секојдневно ги исполнувам успешно, скептицизмот и стереотипите скоро и да не постојат. Значи љубовта кон професијата, упорноста, напорната работа, секојдневното учење и надградување, познавањето на области блиски до вашето поле на делување како и тим билдинг активностите и почитта кон колегите инженери и работници се темелот од кој што треба да започне вашата градба наречена „жена во градежништвото“. Верувам дека најголемите успеси се постигнуваат само преку тимска работа.

Презентирање на сработеното пред останати инженери

Дали имате некој момент или искуство во кариерата што ви било особено инспиративно или наградувачко?

Работата на терен е динамична, со чести изненадувања и голема одговорност. Мојата професија како инженер ми носи секојдневно задоволство, бидејќи гледам како нашите идеи и планови се претвораат во реални и функционални објекти кои што ја подобруваат инфраструктурата и животната средина. Едно лично достигнување за изминатата година кое што можам да го издвојам и на кое што сум особено горда е моето излагање на труд на тема „Техничко решение за прилагодување на основниот проект во делот на изведба на темел за инјектирање во основа – Брана Отиња“. Трудот беше јавно презентиран на конференцијата за Инженерство за брани во услови на енергетска транзиција и остарена хидротехничка инфраструктура одржан на 19.11.2024, во просториите на КОАОИ. Притоа, со нетрпение го чекам денот кога браната Отиња ќе почне да работи во полн ек.

Како мислите дека родовата разновидност влијае на работната атмосфера и решавањето проблеми на вашето работно место?

Сметам дека за еден тим да биде успешен, важно е да биде составен и од мажи и од жени. Жените инженери допринесуваат во деталните подготовки и планирања, а особено им парираат на мажите и по својата креативност и иновации. Мажите пак, особено се истакнуваат во ситуации на работа под притисок, визуелна ориентација, просторно планирање и теренски активности. Клучно за успешен проект во градежништвото е создавање на тим кој обединува различни специјалности и вештини. Комбинирањето на различните способности, перспективи и стилови на работа е она што ја прави динамиката на тимот успешна и секогаш ги носи најдобрите резултати.

Како мислите дека вашето работење како жена во оваа област ќе влијае на идните генерации?

Искрено се надевам дека мојата успешна приказна ќе поттикне сѐ повеќе жени да го прифатат предизвикот наречен жена = инженер и да ги срушат до темел стереотипите кон жените во инженерските професии. Важно е да веруваат во себе и во процесот низ кој што ќе минуваат секојдневно, притоа имајќи јасна визија за работите кои што сакаат да ги постигнат. Особено верувам дека со мојот начин на работа и пристапот кон истата ќе ги мотивирам моите работодавци, како и останатите да вработат што повеќе жени во индустријата во која што делувам.

Што би им советувале на младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област?

Порака до сите млади жени кои што размуслуваат за кариера во оваа област:

– Не се двоумете ниту за момент, туку направете силен и крупен чекор кон вашите соништа!

– Сè што вистински посакувате е возможно и остварливо, доколку фокусот е правилно насочен. Оваа професија е толку интересна и динамична што секојдневно ќе се соочувате со нови предизвици, а секој ден ќе ви донесе по нешто ново и возбудливо. Градежништвото е поле кое нуди бескрајни можности за личен раст и професионална надградба, што го прави идеален избор за сите жени кои што сакаат динамичен и исполнет живот.

Дали сте имале ментори или друг вид на поддршка што ви помогнала на вашиот професионален пат? Како ја гледате важноста на таквата поддршка?

Секако дека сум имала голема поддршка, пред сè, од моето семејство, а тука би сакала да ги издвојам моите родители како мои најважни ментори уште од најраните години. Тие ми го всадија техничкото размислување, инженерскиот пристап на решавање на проблемите и како самата да се соочам со истите. До ден денешен, неуморно ми даваат емоционална поддршка, дополнителна самодоверба и совети за како да се справам со одредени предизвици во животот. Поддршката од моето семејство за мене е од неизмерна важност.

Во исто време, би сакала да го спомнам и мојот прв ментор на професионален план. Неговото искуство и посветеност во работењето со мене беа непроценливи. Од него научив многу за тоа како да си поставам јасни цели и да останам фокусирана на истите до нивната конечна реализација. Благодарна сум на поддршката што ми ја пружаат овие луѓе, бидејќи насоките од нив ми овозможуваат да ги надминам препреките и професионалните предизвици со кои секојдневно се соочувам.

Да се биде ментор значи нескромно да се сподели секој атом на знаење, со надеж дека тоа знаење ќе биде никулец кој што ќе расте и ќе се развива со неограничен потенцијал кај оној што истото го прима и негува.

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!