Излез на нови пазари: Текстилната компанија ИСТ Комерц Санда се прошири на британскиот пазар
ИСТ КОМЕРЦ – САНДА е една од водечките компании во текстилната индустрија во нашата земја. Основана е во 1991 година како здружение за производство на женски хулахопки и изработка на производи под приватни брендови и е препознатлива како компанија што континуирано ги следи модните трендови, како и потребите и желбите на клиентите. Компанијата станува клиент на Enterprise Europe Network во 2018 година како резултат на соработката на мрежата во Македонија со Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер, еден од важните локални соработници на мрежата. Благодарение на секторската група на мрежата за текстил и мода компанијата ИСТ Комерц Санда стапува во контакт со повеќе потенцијални партнери од странство. Една од тие компании е и британската компанија The Milky Tee Company Ltd, специјализирана за производство на практична, удобна и стилизирана облека што на мајките им го олеснува процесот на доење.
Двете компании воспоставија успешна соработка за производство на нов и уникатен дизајн на маица со скриен патент изработен според највисоките стандарди за квалитет на текстилот. Се очекува во иднина компаниите да ја прошират соработката и на дизајн на нови модели на облека што ќе се пласираат на британскиот, но и пошироко на европскиот пазар.
„Enterprise Europe Network ни овозможува секојдневно да нé контактираат партнери за соработка од цела Европа. Би сакала да ја издвојам мобилната апликација на мрежата наречена „Ино Биз“ преку која на едноставен начин имаме преглед на сите настани од секторот во кој работиме и преглед на сите партнерски профили во полето на текстилната индустрија. Преку мрежата имаме можност лесно да се пласираме на странските пазари, а тоа е една од главните цели на нашата компанијата“, изјави Маријана Перковска, директорка на компанијата ИСТ Комерц – Санда.