Одржана тркалезна маса на тема Едукација – линк со претприемништво
На 05-ти октомври 2018 (петок), во Хотел Порта во Скопје со почеток од 13 часот, беше одржана тркалезна маса на тема Едукација – линк со претприемништво дел од проектот „Јакнење на придонесот и ефикасноста на граѓанските организации од женското претприемништво кон ЕУ интегративните реформи во областа на економската политика (We-Contribute). Проектот се имплементиран од страна на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување во партнерство со Здружението на бизнис жени и ГТФ Иницијативата за одржлив раст од Хрватска.
Емилија Андонова од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување посочи дека проектот предвидува како од образованието да се дојде до претприемништво и што би ги инспирирало младите, а посебно жените претприемачи и сите кои им е потребна дополнителна едукација.
Нагласи дека денеска ќе бидат презентирани практики од претприемништвото во образовните институции.
Валентина Дисоска претседател на Здружението на бизнис жени посочи дека иако има голем број на жени кои завршуваат високо образование, нив, како што кажа, ги нема во процесот на вработување, а уште помалку во процесот на креирање на компании, односно во претприемништвото.
– Во принцип во Македонија едукацијата е на доста високо ниво и има голем број на кадар со високо образование, но евидентно е дека само мал дел од нив се занимаваат со претприемништво по завршувањето на образованието, а особено со женско претприемништво. Мораме образованието да го насочиме да работи на креирање на нови работни места преку претприемништво. Кај нас се уште не се препознава дека претприемништвото е една од основните насоки луѓето да се вработат и да бидат економски стабилни кога ќе излезат од едукацискиот процес. Напротив, се препознава дека треба да бидат вработени, особено во државна институција или банка. Токму затоа работиме да покажеме дека претприемништвото може да биде прв избор откога ќе се заврши образованието, потенцира Дисоска.