ПОВИК ЗА ОБУКИ ЗА ПРЕТСТАВНИЦИ ОД ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ
Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување во партнерство со Здружението на бизнис жени и ГТФ Иницијативата за одржлив раст од Хрватска ќе спроведуваат обуки за 30 граѓански организации. Обуките се дел од проектот „Јакнење на придонесот и ефикасноста на граѓанските организации од женското претприемништво кон ЕУ интегративните реформи во областа на економската политика (We-Contribute)“.
Овие обуки имаат за цел да придонесат кон унапредувањето на капацитетите на граѓанските организации во опфатени области. Ќе бидат спроведени две еднодневни обуки на наведени теми за 30 учесници по обука, претставници на граѓански организации.
Секоја граѓанска организација може да пријави учесници за двете обуки кои ќе се одржуваат на следните дати:
- Еднодневна обука на тема: Придонес во развојот и следењето на спроведувањето на јавната политика на 01.10.2018 година
Цел на обуката:
Учесниците да се запознаат со основните теоретски концепти и алатки за креирање политики. Во зависност од претходното искуство и стекнатото знаење, очекувањата и потребите на учесниците, обуката ќе им овозможи на учесниците да се запознаат со дефиницијата на јавни политики, актерите и инструментите на креирање политики како и циклусот на креирање политики. Во таа смисла ќе се стекнат знаења и вештини за вклучување на граѓански организации и бизнисот во циклусот на креирање политики преку анализа на политиките и застапување на политички решенија за промена на јавните политики.
- Еднодневна обука на тема: Развој на родово сензитивни политики вклучувајќи родово сензитивно буџетирање на 30.10.2018 година
Цел на обуката:
Учесниците да се запознаат со основните теоретски концепти и алатки за воведување родова перспектива во јавните политики и буџети. Во зависност од претходното искуство и стекнатото знаење, очекувањата и потребите на учесниците, обуката ќе им овозможи на учесниците да се запознаат со основите на родовата рамноправност, влијанието на јавните политики врз родовата рамноправност и начините да се работи на постигнување и промовирање на родовата рамноправност преку јавните политики и буџети, на централно и на локално ниво. Преку практични примери и интерактивна дискусија меѓу обучувачките и учесниците ќе се работи на утврдување на конкретни насоки и начини како граѓанските организации може да влијаат процесот на буџетирање да стане родово одговорен, за да одговори на потребите и на мажите и на жените.
Начин на пријавување:
Секој заинтересиран/а кандидат/ка потребно е да се пријави за обуката преку пополнување на формуларот на следниот линк: https://goo.gl/forms/3jaurEE56nYasDTS2
Рок за пријавување:
Рокот за пополнување на формуларот е 28.09.2018 година (петок) до 12:00 часот.