Граѓанските организации обучени за следење на политиките за претпријатија и индустриска политика

Во текот на месеците април и мај 2018 година, во просториите на Стопанската Комора на Македонија се одржа серија од 6 еднодневни обуки за следење и евалуација на политиките за претпријатија и индустриска политика. Тренинг програмата составена од 6 еднодневни обуки беше креирана од новоформираната Платформа „Поглавје 20“, која има за цел да го поддржи и активно да се вклучи во реформскиот процес на преговарачкото Поглавје 20.

Тренинг програмата беше креирана во линија со потребите на граѓанските организации и институциите вклучени во реформскиот процес Поглавје 20 и има за цел да ги зајакне капацитетите на граѓанскиот сектор за следење и евалуација на политики.

Вкупно 75 претставници, од вкупно 30 организации и институции активно се вклучија во обуките и успешно ја завршија програмата за јакнење на нивните капацитети. Обуките ги водеа внимателно избрани искусни домашни и странски експерти, со цел трансфер на знаење и практики како од земјата така и од Европа.

Тренинг програмата ги сочинуваше следните тематики:

  • Мониторинг и евалуација на политики
  • Иновациска политика и евалуација
  • Методологија за истражување на политики и креирање на документи за јавни политики
  • Дизајн на стратегија за паметна специјализација
  • Циркуларна економија: политики и практики
  • Индустриска политика базирана на докази

Согласно евалуациските извештаи на учесниците, програмата за обука на граѓанските организации за развој на вештини за мониторинг, евалуација и застапување на политики на Поглавје 20, успешно ја оствари целта. Понатаму, може да се заклучи дека обуките беа многу корисни во градењето на капацитетите на граѓанските организации. Најголем дел од учесниците сметаат дека целта на обуките била комплетно постигната, квалитетот на обуките го оцениле со највисока оценка како и големо задоволство покажуваат во однос на содржината на обуките: презентациите, практичните вежби и интеракцијата се рангирани на највисоко ниво. Најголем дел од учесниците ги оцениле обучувачите со највисока оценка и тимската работа и можноста за споделување на лични искуства се аспекти кои учесниците најмногу ги вреднуваат.

Дополнително, за сите заинтересирани страни, обуките беа емитувани онлајн преку видео стрим во живо на вебсајтот www.yes-network.org .

Наскоро, врз база на реализираниот циклус обуки, ќе произлезат и 6 кратки едукативни видеа кои ќе соодветствуваат на застапените теми во обуките и истите ќе бидат дел од содржината на ресурсниот центар www.poglavje20eu.org .

Активностите кои се спроведуваат се дел од проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20 (YESNetwork+)“, финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за поддршка на граѓанското општество и медиуми 2015.

Галерија

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!