Enterprise Europe Network – 7ми состанок на Секторската група „Женско претприемништво“, Братислава – Словачка (16.11.2016)
Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување учествуваше на 7миот состанок на Секторската група „Женско претприемништво” (WEG) што се одржа во Словачката Бизнис Агенција на 16ти ноември 2016та година, во рамките на Годишната конференција на Enterprise Europe Network во Братислава, Словачка. Членовите на WEG заедно со гостите претставници од Генералниот директорат на Европската комисија за внатрешен пазар, индустрија, претприемништво и мали и средни претпријатија (DG Grow) и од европските платформи за промоција на женското претприемништво (WINGS, WEgate, WE CONNECT) дискутираа за новите иницијативи на Европската комисија за поддршка жените во бизнисот.
Г-динот Patrick de Smedt, заменик-шеф на оддел при DG Grow, го претстави новиот повик за пилот проекти наречен „Зголемување на учеството на жените во МСП Инструментот на Хоризонт 2020” што се очекува да биде објавен до крајот на 2016та година. Повикот со вкупен фонд од 500.000 евра има за цел да поддржи два проекти на конзорциуми составени од партнери од најмалку 4 ЕУ земји што претставува одлична можност за WEG.
На состанокот подетално беа претставени и горенаведените платформи за поддршка на женското претприемништво – Wegate од страна на г-ѓа Sandra Steinhauer од DG Grow, и WINGS од страна на г-ѓа Sandra Meier, Универзитет за применети науки од Грац, Австрија. При тоа, беше нагласено значењето на поврзување на WEG организациите со наведените платформи, како и нивната промоција помеѓу жените претприемачи. Ова беше истакнато и од г-ѓа Miriama Letovanec Svetkovska, претседателка на Словачката платформа за женско претприемништво, која исто така даде преглед на позицијата на платформата во националниот екосистем за поддршка, нејзините активности и иницијативи, како и на т.н „Бела книга“ на добри пракси од различни земји од светот.
Членовите на WEG дискутираа за направениот напредок, го договараа новиот концепт на дејствување и активностите што треба да бидат завршени до следниот состанок на групата, вклучувајќи активности за зголемена видливост, настани за вмрежување на жените претприемачи, собирање на добри пракси, и сл. Состанокот беше заокружен со претставување на новите членови од Велика Британија, Шведска и Турција, а вмрежувањето продолжи и во текот на приемот организиран од страна на Словачката Бизнис Агенција.