Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување се приклучува на EMWIT – европски проект за зајакнување на улогата на жените во технолошкиот и индустрискиот сектор
Проектот EMWIT има за цел да го поттикне кариерниот напредок и задржувањето на жените од милениумската генерација во европскиот технолошки и индустриски сектор преку менторство и развој на лидерски вештини и вештини за професионално управување со кариерата. Истовремено, проектот придонесува кон унапредување на практиките за вработување, унапредување и задржување на вработените во компаниите, со цел надминување на структурните бариери, поттикнување на родовата еднаквост и зголемување на застапеноста на жените.
- Европски проект кофинансиран од Европската Унија
- Обуки, менторство и задржување на таленти
- Времетраење: 36 месеци



Целни групи
- Жени на возраст од 30 до 45 години (милениумска генерација) кои работат во индустрискиот сектор.
- Жени од милениумската генерација кои работат во технолошкиот сектор.
- Жени кои бараат работа или сакаат да ја пренасочат својата кариера кон технолошкиот и индустрискиот сектор.
- Компании од индустрискиот и технолошкиот сектор.
- Професионалци од областа на управување со човечки ресурси во индустриските и технолошките компании.
- Организации за поддршка на бизнисите, образовни институции и други организации поврзани со овие сектори.
Опис на проектот
Проектот „Зајакнување на жените од милениумската генерација во технолошкиот и индустрискиот сектор“ (Empowering M-Women in Tech and Industry – EMWIT) има за цел да ја зголеми застапеноста на жените професионалци во технолошкиот и индустрискиот сектор, како и да го поддржи нивниот професионален развој и долгорочно задржување во овие области.
За таа цел, проектот комбинира менторство и професионална поддршка за жените од милениумската генерација со обуки наменети за професионалците од областа на човечките ресурси. Ваквиот пристап овозможува развој на преносливи вештини, како што се лидерството и управувањето со кариерата, а истовремено им обезбедува на компаниите практични алатки за подобрување на процесите за регрутирање, професионално унапредување и задржување на талентите.
Проектот обединува организации од Франција, која го предводи конзорциумот, Италија, Полска, Северна Македонија и Шпанија, и се надоврзува на резултатите и искуствата од проектот „EMPOWERING M-Women in Industry“, реализиран во рамките на програмата Еразмус+.
EMWIT се насочува кон надминување на недостигот од практични алатки за спроведување инклузивни политики за управување со таленти. Дополнително, проектот ја поттикнува европската соработка и вмрежувањето меѓу компаниите, професионалците и другите релевантни организации, со цел создавање поинклузивни работни средини.
Како ќе се реализира проектот?
1. Менторски активности за жени и дигитални алатки
Преку шестмесечна програма ќе бидат поддржани вкупно 100 жени (по 20 од секоја партнерска земја), преку активности за самопроценка, модули за учење, менторство и сертификација.
Во рамките на проектот ќе бидат развиени и ажурирани практични ресурси, меѓу кои:
- Повеќејазична дигитална игра приспособена на кариерите во технолошкиот и индустрискиот сектор.
- Индивидуализирани акциски планови за професионален развој.
- Дигитални беџови за потврдување на стекнатите преносливи вештини.
2. Поинклузивни практики за управување со човечки ресурси
Проектот ќе поддржи најмалку 50 компании од партнерските земји во подобрувањето на инклузивноста на нивните процеси за управување со таленти.
Професионалците од областа на човечките ресурси ќе добијат обуки за препознавање на пристрасностите и воведување инклузивни практики.
Активностите ќе опфатат и меѓусебно менторство во секоја земја, изработка на акциски планови и краткорочни престои во други партнерски земји, со цел поттикнување на меѓународната соработка и размената на искуства.
3. Долгорочни резултати и препораки за нови политики
Главните заклучоци од менторските активности и иновативните пристапи во управувањето со човечките ресурси ќе бидат преточени во два клучни документа, чија цел е да обезбедат одржливост и континуитет на постигнатите резултати:
- Водич со предлози за инклузивни практики во управувањето со човечките ресурси, наменет за организациите и компаниите.
- Извештај со препораки за нови политики, заснован на споредбените податоци собрани во текот на реализацијата на проектот.
Дополнително, ќе бидат организирани информативни и дисеминациски средби со организации на работодавачи, институции за стручно образование и обука и претставници на јавните власти, со цел да се поттикне примената и поширокото искористување на проектните резултати.
Времетраење на проектот
36 месеци
Проектни партнери
- Франција: Interprofessionnelle Auvergne Rhône-Alpes (IPRA Medef Aura)
- Полска: Digital Creators Foundation
- Италија: Cofindustria Toscana Servizi
- Северна Македонија: Фондација за менаџмент и индустриско истражување, Скопје
- Шпанија: Official Chamber of Commerce, Industry, Services and Shipping of Spain
Линкови и корисни ресурси
EMPOWERING LearnHub – дигитална платформа за соработка, учење и размена на знаења и искуства во рамките на EMWIT заедницата.
