Фондацијата МИР учествуваше на завршниот европски настан на проектите STEAMbrace и STREAM IT во Брисел
На 17 ноември 2026 година, во Брисел, Белгија, се одржа завршниот европски настан на проектите STEAMbrace и STREAM IT, под наслов „Advancing Inclusive STEAM Education: Insights, Results & the Road Ahead“ (Унапредување на инклузивното STEAM образование: сознанија, резултати и идни перспективи).

На настанот учествуваа Габриела Костовска Богоеска, извршна директорка на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР), и Емилија Андонова, програмска координаторка во Фондацијата МИР, која е партнерска организација во проектот STREAM IT.

Настанот обедини претставници на европските институции, истражувачки и образовни организации, експерти и креатори на политики, со цел размена на искуства, претставување на проектните резултати и дискусија за идните насоки во развојот на инклузивно, родово одговорно и иновативно STEAM образование во Европа.
Емилија Андонова учествуваше како панелистка на втората тркалезна маса, насловена „Shaping the Future of Inclusive STEAM Education: Evidence, Policy Recommendations, and the Transformative Role of Arts“ (Обликување на иднината на инклузивното STEAM образование: докази, препораки за политики и трансформативната улога на уметноста), организирана во рамките на проектот STREAM IT.
Панел-дискусијата беше посветена на можностите за преточување на истражувачките сознанија, препораките за политики и практичните искуства во одржливи промени во образованието. Во фокусот беа родовата еднаквост, различностите и инклузијата, како и улогата на уметноста во поттикнувањето на креативноста, интердисциплинарното учење и развојот на поинклузивни STEAM образовни практики.

Покрај Емилија Андонова, на панелот учествуваа и Chiara Colella од Европската комисија, д-р Maryna Manchenko од CESIE ETS и д-р Veronika Paksi од Центарот за општествени науки во Унгарија. Дискусијата ја модерираше д-р Réka Geambașu од Универзитетот Babeș-Bolyai, водечка истражувачка во проектот STREAM IT. Во рамките на настанот се одржаа и тематски тркалезни маси, интерактивни работилници и сесии за вмрежување, посветени на зајакнување на европската соработка, размена на добри практики и идентификување можности за заеднички активности и идни партнерства.

Учеството на Фондацијата МИР на овој значаен европски настан претставуваше можност за споделување на искуствата од имплементацијата на проектот STREAM IT, активно вклучување во европскиот дијалог за инклузивно STEAM образование и зајакнување на соработката со релевантни европски организации и институции.
Преку своето учество во проектот STREAM IT, Фондацијата МИР продолжува да придонесува кон унапредување на родовата еднаквост, инклузијата и еднаквите можности во образованието, со посебен акцент на поттикнувањето на учеството на девојките и жените во STEAM областите.






