Отворен повик за доделување мали грантови во рамки на проектот POLICY ENLARGE
Отворен е повикот за доделување мали грантови во рамки на проектот POLICY ENLARGE – R&I Policy Support for Enlargement Countries, наменет за поттикнување на прекуграничната соработка во областа на истражувањето и иновациите.

Преку повикот се обезбедуваат вкупно 300.000 евра за поддршка на заеднички активности и краткорочна мобилност на организации и професионалци од земјите опфатени со процесот на проширување на ЕУ.
Повикот е отворен од 9 септември 2026 година до 3 мај 2028 година, со четири рокови за евалуација на пристигнатите апликации. Првиот рок е 12 ноември 2026 година, до 17:00 часот.
Што поддржува повикот?
Повикот нуди три различни инструменти за финансирање, зависно од видот на активноста за која се бара поддршка.
- Мали грантови за заеднички регионални иновациски активности
Овој инструмент поддржува заеднички истражувачки и иновациски активности со партнери од различни земји, вклучително развој на истражувачки и иновациски капацитети, трансфер на технологии и решенија за дигиталната и зелената трансформација, како и активности за унапредување на политики и мерки засновани на истражувања и релевантни податоци.
Максимален грант: 8.000 евра по проект, од кои најмногу 4.000 евра по партнер. За овој инструмент е потребно партнерство со најмалку една независна правна единица од друга земја опфатена со повикот.
- Мали грантови за заедничка примена на резултатите
Овој инструмент е наменет за оние кои веќе имаат истражувачки или иновациски резултати, знаење, технологија или решение и сакаат да ги тестираат, применат или пренесат во практика преку помали пилот-активности во практичен, општествен или регулаторен контекст.
Максимален грант: 8.000 евра по проект, од кои најмногу 4.000 евра по партнер. За овој инструмент е потребно партнерство со најмалку една независна правна единица од друга земја опфатена со повикот.
- Мали грантови за прекугранична мобилност и размена
Овој инструмент поддржува краткорочна прекугранична мобилност и размена на знаење и искуство меѓу истражувачи, уметници, креативни професионалци и претприемачи.
Мобилноста може да се реализира меѓу организации од различни земји опфатени со процесот на проширување, како и меѓу организација од една од овие земји и организација домаќин од земја членка на ЕУ или друга земја асоцирана со Horizon Europe.
Максимален грант: 5.000 евра.
Немате партнер од друга земја?
За првите два инструменти, партнер од друга земја е задолжителен услов за аплицирање. Доколку сè уште немате воспоставено такво партнерство, POLICY ENLARGE предвидува поддршка за пронаоѓање потенцијални партнери и формирање на прекуграничен конзорциум.
Преку OnePass е достапен систем за поврзување со потенцијални партнери, а локалните контакт-точки во сите 10 земји им помагаат на заинтересираните организации да најдат соодветни партнери и да го формираат потребното партнерство.
Кој може да аплицира?
Повикот ги опфаќа Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Србија, Турција и Украина.
Во зависност од инструментот, повикот е отворен за независни правни единици и професионалци поврзани со нив, вклучително:
- организации за истражување и иновации;
- високообразовни институции;
- претпријатија и стартапи;
- организации и мрежи за поддршка на претприемништвото и иновациите;
- професионалци од креативните индустрии;
- истражувачи, уметници и претприемачи.
Како функционира финансирањето?
Грантот покрива до 80% од оправданите трошоци, додека преостанатиот дел од трошоците треба да биде обезбеден од апликантите.
Финансирањето се доделува како паушален износ (lump sum). Тоа значи дека исплатата е поврзана со успешно исполнување на договорените резултати, наместо со детално известување за секој поединечен трошок.
Кои се роковите за аплицирање?
Повикот е континуирано отворен до 3 мај 2028 година, а апликациите ќе се евалуираат во четири циклуси:
| Рок за евалуација | Краен рок |
| Прв рок | 12 ноември 2026, 17:00 часот |
| Втор рок | 5 мај 2027, 17:00 часот |
| Трет рок | 3 ноември 2027, 17:00 часот |
| Четврт и последен рок | 3 мај 2028, 17:00 часот |
Како да аплицирате?
Апликациите се поднесуваат електронски на следниот линк.
Предлог-проектите треба да бидат подготвени на англиски јазик и да ги исполнуваат сите задолжителни услови и критериуми наведени во документацијата за конкретниот инструмент.
Апликантите треба внимателно да ги проверат условите за подобност, барањата поврзани со партнерството и останатите правила пред поднесување на апликацијата:
Информативни сесии за повикот
За сите заинтересирани апликанти, POLICY ENLARGE организира онлајн информативни настани на кои ќе бидат презентирани можностите за финансирање и начинот на аплицирање.
- 23 септември 2026, во 10:00 часот (CET)

Првата информативна сесија ќе опфати преглед на шемата за финансирање, детално претставување на трите инструменти за финансирање, основните чекори за аплицирање и сесија со прашања и одговори.
Регистрирајте се на следниот линк.
- 14 октомври 2026, во 12:00 часот (CET)

Вториот онлајн настан ќе биде посветен на практичниот процес на аплицирање преку OnePass, условите за подобност и најчестите грешки при подготовката на предлог-проектите.
Регистрирајте се на следниот линк.
Дополнителни информации и поддршка
За дополнителни прашања поврзани со повикот, апликантите можат да го контактираат официјалниот Helpdesk на POLICY ENLARGE на policyenlarge.helpdesk@fundingbox.com.
