IMG 43131e3ab5d2861cc1d72cec114631d8 V

Фондација МИР на STREAM IT Меѓународниот натпревар за научна комуникација во Будимпешта

Научните идеи имаат најголемо влијание кога престануваат да бидат резервирани само за стручната јавност и стануваат достапни за сите. Токму оваа идеја беше во фокусот на Меѓународниот натпревар за научна комуникација, кој се одржа на 16 јуни 2026 година во Európa Pont во Будимпешта, како завршен настан на менторската програма во рамките на проектот STREAM IT.

IMG 43131e3ab5d2861cc1d72cec114631d8 V

На меѓународната сцена настапи Марија Иванова, победничка на националниот натпревар за научна комуникација во Македонија. Нејзиниот пат до Будимпешта беше резултат на повеќемесечна работа во рамките на менторската програма организирана од Фондација МИР. Програмата опфати сесии посветени на градење самодоверба, развој на презентациски вештини и вештини за научна комуникација, како и подготовка за јавен настап на меѓународно ниво.

Заедно со победниците од другите девет земји учеснички во оваа програма, Марија имаше можност да покаже дека сложените научни теми можат да се пренесат на интересен, пристапен и инспиративен начин.

IMG d5f95f8ca7608a863b8f908d7514ada9 V

Фондација МИР беше претставена од Емилија Андонова, Програмски менаџер, и Миа Ботинова Димитрова, Комуникациски офицер, кои ја поддржаа Марија во текот на подготовките и настапот, а воедно учествуваа и во активностите наменети за проектните партнери.

Настанот започна со заедничка подготвителна сесија и запознавање на учесниците со просторот, по што финалистите имаа можност да ги одржат последните проби пред своите настапи. Ова беше можност да се приспособат на меѓународната сцена и да се подготват за комуникација со публика од различни земји и професионални средини.

IMG c2efe48957d6cd14cd20e1ddac47801f V

Паралелно, проектните партнери одржаа работна сесија посветена на искуствата од спроведувањето на менторската програма, можностите за поширока примена на развиената методологија и начините на кои овие искуства можат да придонесат кон унапредување на идните активности за научна комуникација.

IMG fb93236ffc9a9122f4a79a53c4861a01 V

Централниот дел од денот беше самиот натпревар, во чии рамки националните победници ги претставија своите идеи пред публиката и стручното жири. Секој учесник имаше задача научната содржина да ја претвори во приказна што е разбирлива и релевантна и за луѓето кои немаат стручна позадина во областа.

Марија настапи со самодоверба и ентузијазам, претставувајќи ги знаењето и искуството стекнати во текот на целата програма.

IMG 42f7b4d8cd91a23f526993a850dbd6ff V

Настанот заврши со оценување и свечена церемонија, но неговата вредност беше многу поголема од самиот натпреварувачки резултат. Финалето создаде простор за размена на идеи, вмрежување и поврзување со млади научници, ментори и експерти од цела Европа.

IMG a779cf8c2e5454addaa20d150ad81589 V

Фондација МИР останува посветена на создавање можности за младите, поддршка на жените во науката и STEM областите и промовирање пристапи преку кои научното знаење станува подостапно, повидливо и порелевантно за целото општество.

Оваа програма е дел од проектот ST(R)E(A)M IT, кој има за цел да иницира промени во однос на постојаните родови нееднаквости во STEM образованието, истражувањето и иновациите, со што ќе придонесе за спроведувањето на „Европскиот манифест за родово-инклузивно STE(A)M образование и кариери.“ Проектот има за цел да ги надмине бариерите и предизвиците со кои се соочуваат недоволно застапените групи во STEM. Фокусот е на развој на иновативни, родово и диверзитетно инклузивни алатки за едукација на младите, особено на девојчињата. Дополнително, проектот има за цел да ги мобилизира засегнатите страни од различни сектори на STEM образованието и екосистемот за истражување и иновации, за да создаде одржливи мрежи кои ќе обезбедат континуирана поддршка за STEM едукаторите.

Top of Form

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!