LinkedIn 1 (5)

Биополимери во служба на ортопедијата – Интервју со Марија Иванова, првонаградената учесничка на Натпреварот за научна комуникација

Како дел од STREAM IT Менторската програма за научна комуникација беше организиран национален натпревар, на кој младите истражувачи ги претставија своите научни идеи пред поширока публика. Разговараме со Марија Иванова од Технолошко-металуршки факултет Скопје, која го освои првото место со презентацијатаПаметна биоактивна протеза за пациенти со остеоартритис на колено“.

LinkedIn 1 (5)

За почеток, кажете ни нешто повеќе за себе што студирате и што ве инспирираше да се одлучите за оваа област?

Најпрвин да Ви се претставам, јас сум Марија Иванова и сум трета година студент на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје, на насоката Биотехнологија. Отсекогаш сум имала желба да изучувам и да работам со нешто живо – жив организам, па затоа уште кога бев во средно училиште и кога размислував на кој факултет би се запишала, знаев дека тоа ќе биде некој од природно-научните факултети. Но, се одлучив токму за ТМФ од причина што разгледувајќи ја програмата за насоката Биотехнологија, забележав дека оваа наука не само што ги изучува микроорганизмите како живи битија и нивните особини, туку нив ги прави и применливи во големи индустриски размери. Со помош на биотехнологијата денес постојат голем број на биокомпатибилни производи кои го прават секојдневниот живот на човекот полесен.

Што ве мотивираше да се пријавите на менторската програма и со какви очекувања влеговте во неа?

Мојата најголема мотивација за пријавување на оваа менторска програма беше главно желбата да имам некаква занимација поврзана со факултетот и она што го изучувам, но да е сепак надвор од рамките на предавањата, испитите и многуте лабораториски вежби. Оваа менторска програма за мене претставуваше шанса да ги искористам досега стекнатите знаења и да ги претворам во некоја моја оригинална идеја, а исто така сакав да се поврзам со студенти од другите научни факултети и со нив да разменам знаења и идеи.

2FDA18BD A771 4F65 AAD1 D6224830E811

Како се роди идејата за темата и како изгледаше процесот на истражување и подготовка?

Идејата токму биополимерите бидат применети како основа на моето научно истражување се роди како резултат на сознанијата кои ги имав стекнато за нив во рамките на предмет кој го изучував на факултет – Технологија на биополимери. Таму научив многу за биополимерите и нивните особини, како и за тоа каде тие се применуваат, и тие беа идеални за инкорпорација токму во мојот научен проект. Биополимерите се конституенти на нашите коски, зглобови и ‘рскавици и како резултат на нивна намалена концентрација во нашето тело се јавуваат разни дегенеративни заболувања. Инспирирана од личност блиска до мене која се соочуваше со токму ваков проблем, сакав да откријам како со користење на својствата на овие молекули можам да им помогнам токму на овие луѓе. Краен епилог на моите истражувања беше паметната биоактивна ортопедска протеза наменета за пациенти со остеоартритис на колено, а се базираше на контролирано ослободување на биополимери преку специјален механизам вграден во протезата.

Кој беше најголемиот предизвик за време на подготовките, и колку менторската поддршка ви помогна?

Би рекла дека најголемиот предизвик за време на подготовките за мене беше наоѓање на начин како одредените научни термини и механизми на функционирање да ги преточам во облик кој би бил разбирлив за било кого, без разлика дали потекнува од научната фела и сроден факултет или не. Едноставно, сакав да зборувам на јазик јасен за секој кој ќе го слушне она што јас го имав како идеа. Исто така, сакав да ги подобрам и моите вештини за јавно говорење пред публика и во целост да работам на моите т.н. „меки“ вештини и од менторите слушнав многу корисни совети околу тоа како се зборува пред луѓе. Секако, во однос на техничката подготовка за самата презентација, преку индивидуални и групни сесии, имав можност да работам со посветена менторка која несебично ги споделуваше со мене своите знаења и досегашни стекнати искуства во поглед на науката и научната комуникација и останати вештини.

Имаше ли некој совет, фидбек или момент од менторството што особено ви остана во сеќавање?

Секако, и тоа не само еден. Нештото што најмногу ми остана во сеќавање беше од првиот пат кога се запознавме со менторите и со останатите учесници. За време на Bootcamp-от, една од менторките се претставуваше пред нас, но пред воопшто да ни’ каже нешто за неа, таа не’ праша: Кои се трите личности кои најмногу ви значат во животот? Откако неколкумина одговорија на нејзиното прашање, таа одмавна со главата и само рече: На ова прашање, секогаш првата личност што треба да ја кажувате е всушност – самите вие, вие сте најважната личност во вашиот живот. Веројатно во тој момент требало да го слушнам тоа и да ја научам и таа животна лекција, затоа што по некој случаен тек на настаните, имав прилика да ми биде ментор токму таа професорка.

Уште еден момент кој би го издвоила е, кога еден од менторите ни’ го претстави KISS методот, кој буквално значи Keep It Short and Simple. Тоа ми помогна додека се подготвував за презентацијата и натпреварот. Постојано ми оддекнуваа тие зборови да сум што пократка и појасна во секој поглед на моето излагање и ми помогнаа и во поглед на самиот изглед на презентацијата, а и во поглед на составувањето на говорот.

Како ова искуство влијаеше врз вашите планови за иден академски и професионален развој?

Ова искуство влијаеше на моите идеи и планови за мојата понатамошна кариера на начин што јас сфатив дека моите знаења не морам да ги ограничам само во рамките на биотехнологијата како наука, туку можам да размислувам и како да ги применам во други области. Преку ова искуство научив како да ги подобрам моите комуникациски и презентациски вештини, а сето тоа ме мотивираше во иднина да учествувам во нови проекти, натпревари и академски активности кои ќе ми помогнат уште повеќе професионално и лично да се развијам.

E0919CDE 3853 4B2A A327 C91072B231C3

Што беше најинтересното нешто што го научивте за тоа како науката може да се доближи до пошироката публика?

Најинтересно нешто што научив е дека пошироката јавност не се интересира, или барем не сосема, за наука кога таа бара длабоко навлегување во принципите и механизмите на соодветното научно поле или пак, кога бара читање на нејасни научни зборови и терминологија која не е од секојдневен карактер. Но, јавноста и тоа како се интересира за наука кога таа е претставена во форма која на секого му е блиска – дали е тоа некој производ, или пак конкретни резултати добиени со помош на научни истражувања; тогаш, публиката се доближува до науката, дури и доколку претходно немала никаков контакт со истата.

Што би им порачале на младите кои се двоумат дали да се пријават на вакви програми?

На младите би им препорачала, дури и да се двоумат или плашат да се пријавуваат на вакви програми, без разлика дали е тоа поради страв од осуда или од недоволна самодоверба – само да ја пополнат формата, да ја споделат идејата и да ја испратат својата пријава било кога и да имаат прилика. Без разлика на крајниот исход на целиот проект, тие на крајот си заминуваат со едно прекрасно искуство и новостекнати вештини, меѓу кои дел се од нивната струка, но другиот дел се и вештини кои служат во секој друг дел од нивниот професионален и личен развој.

IMG

Оваа програма е дел од проектот ST(R)E(A)M IT, кој има за цел да иницира промени во однос на постојаните родови нееднаквости во STEM образованието, истражувањето и иновациите, со што ќе придонесе за спроведувањето на „Европскиот манифест за родово-инклузивно STE(A)M образование и кариери.“ Проектот има за цел да ги надмине бариерите и предизвиците со кои се соочуваат недоволно застапените групи во STEM. Фокусот е на развој на иновативни, родово и диверзитетно инклузивни алатки за едукација на младите, особено на девојчињата. Дополнително, проектот има за цел да ги мобилизира засегнатите страни од различни сектори на STEM образованието и екосистемот за истражување и иновации, за да создаде одржливи мрежи кои ќе обезбедат континуирана поддршка за STEM едукаторите.

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!