Национален натпревар за научна комуникација – STREAM-IT
На 6 мај 2026 година, со почеток во 11 часот, во Public Room – Скопје, ќе се одржи националниот натпревар за научна комуникација во рамки на проектот STREAM-IT. Настанот ја заокружува менторската програма посветен на развој на вештини за научна комуникација кај студенти и млади истражувачи од различни STEM области.

Националниот натпревар ќе ги обедини учесниците од програмата, нивните ментори и пошироката научна и образовна заедница. Овој настан претставува финална фаза од програмата, во која учесниците, со поддршка од своите ментори, ќе ги презентираат своите истражувања и идеи пред жири-комисија и публика, со фокус на јасна, разбирлива и ефективна научна комуникација.
Менторската програма STREAM-IT е насочена кон развој на вештини за ефективна научна комуникација кај студенти и млади истражувачи од различни STEM области. Во текот на програмата, учесниците работеа на тоа како комплексни научни теми да ги претворат во јасни и разбирливи пораки за поширока публика – вештина која е сè поважна во современото општество.
Преку серија групни и индивидуални сесии, тие ги развиваа своите презентации, работеа на структурата на пораката и на начинот на изведба. Националниот натпревар е можност сите овие елементи да се применат во реален контекст.
Победникот на натпреварот ќе учествува на меѓународниот натпревар во Будимпешта на 16.06.2026 година, каде ќе се натпреварува со учесници од други европски земји.
Настанот нуди можност за:
- запознавање со млади истражувачи и нивната работа
- увид во различни пристапи кон научна комуникација
- вмрежување со претставници од академската, истражувачката и иновативната заедница
Поради ограничен број на места, потребна е претходна регистрација. Пријавете се преку формата на следниот линк.
Оваа програма е дел од проектот ST(R)E(A)M IT, кој има за цел да иницира промени во однос на постојаните родови нееднаквости во STEM образованието, истражувањето и иновациите, со што ќе придонесе за спроведувањето на „Европскиот манифест за родово-инклузивно STE(A)M образование и кариери.“ Проектот има за цел да ги надмине бариерите и предизвиците со кои се соочуваат недоволно застапените групи во STEM. Фокусот е на развој на иновативни, родово и диверзитетно инклузивни алатки за едукација на младите, особено на девојчињата. Дополнително, проектот има за цел да ги мобилизира засегнатите страни од различни сектори на STEM образованието и екосистемот за истражување и иновации, за да создаде одржливи мрежи кои ќе обезбедат континуирана поддршка за STEM едукаторите.
