Модул 4 од Менторската програма STREAM-IT: Од идеја до јасна и сигурна презентација
Со четвртиот модул од Менторската програма STREAM-IT, учесниците продолжија да ја надградуваат работата од претходните сесии, но овој пат со јасен фокус на самата презентација – како нивното истражување да биде не само разбирливо, туку и уверливо презентирано.

Работата беше организирана во мали групи со менторите, што овозможи поинтензивна динамика и повеќе простор за вклучување на секој учесник. Во овие сесии, учесниците ги презентираа своите истражувања, по што следеше детална дискусија и фидбек. Наместо општи коментари, се работеше на конкретни работи: што е нејасно, каде се губи вниманието, што може да се скрати или подобро да се истакне.

Покрај групната работа, индивидуалните менторски сесии имаа клучна улога. Тука секој учесник работеше директно на својата презентација, и содржински и визуелно. Се анализираше структурата, односно дали пораката е јасна од почеток до крај, дали има логичен тек и дали најважното е доволно нагласено. Истовремено, се правеа корекции на слајдовите, со цел тие да бидат поедноставни, почитливи и полесни за следење и да го задржуваат, а не да го одвлекуваат вниманието од говорот.
Особен фокус беше ставен на начинот на изведба. Учесниците работеа на тоа како звучат и како изгледаат додека презентираат: темпо на зборување, јасност на изразување, користење паузи, како и говор на тело и контакт со публика. Преку повеќекратно вежбање и насочен фидбек, тие постепено добиваа поголема сигурност и поконтролиран настап.

Овој модул беше важен чекор затоа што ги поврза сите претходни елементи како содржина, структура и изведба во една целина. Со завршувањето на овој модул, тие се значително подобро подготвени за следната фаза од програмата – подготовката за националниот натпревар во научна комуникација, каде што ќе треба да го применат сето ова во реален настап.
Оваа програма е дел од проектот ST(R)E(A)M IT, кој има за цел да иницира промени во однос на постојаните родови нееднаквости во STEM образованието, истражувањето и иновациите, со што ќе придонесе за спроведувањето на „Европскиот манифест за родово-инклузивно STE(A)M образование и кариери.“ Проектот има за цел да ги надмине бариерите и предизвиците со кои се соочуваат недоволно застапените групи во STEM. Фокусот е на развој на иновативни, родово и диверзитетно инклузивни алатки за едукација на младите, особено на девојчињата. Дополнително, проектот има за цел да ги мобилизира засегнатите страни од различни сектори на STEM образованието и екосистемот за истражување и иновации, за да создаде одржливи мрежи кои ќе обезбедат континуирана поддршка за STEM едукаторите.






