GB

Фондација за Менаџмент и индустриско истражување додели 10.000 евра и 5.000 евра во рамки на EWA Македонија 2025 – Финансиска поддршка од EIT Food за жени иноваторки во земјоделско-прехранбениот сектор

На 20 ноември 2025 година, Фондацијата за Менаџмент и индустриско истражување го организираше EWA Македонија 2025: Пичинг и демо ден на жени иноваторки во земјоделско-прехранбениот сектор. Овој настан означува крај на шестмесечната програма за жени претприемачки, кои преку програмата добија поддршка за развој на своите земјоделско-прехранбени иновации.

GB

Програмата EWA (Empowering Women in Agrifood), поддржана од EIT Food, беше имплементирана од страна на Фондација за Менаџмент и индустриско истражување, со цел да ги поттикне жените со идеи во земјоделско-прехранбениот сектор, да им обезбеди обуки, менторство и финансиска поддршка.

Секоја учесничка го претстави својот проект преку индивидуално излагање, споделувајќи ја својата иновативна идеја пред жири составено од искусни иноватори и инвеститори, како и пред присутната публика. Симона Василева Петрова беше прогласена за победничка и доби финансиска награда од 10.000 евра, доделена во рамките на EWA програмата. Нејзината идеја се истакна со голем потенцијал за одржливост и иновативност. AMBROSIAА нуди производен капацитет кој ќе произведува полу готови продукти за хорека секторот и за широка потрошувачка користејќи како намирници секундарни производи (нуспроизводи) од други производни капацитети и второкласни земјоделски производи кои не може да се пласираат во свежа форма.

GB

Воедно, Надица Десанова ја освои втората награда од 5.000 евра, исто така обезбедена преку EWA, благодарение на јасната визија и иновативен концепт на нејзиното решение. MIMIC TECH развива иновативна биопластика базирана на комбуха како одржлива алтернатива на традиционалната пластика. Материјалот е биоразградлив, нетоксичен и произведен од обновливи извори. Целта е да се замени пластиката за еднократна употреба на индустриска амбалажа со еколошки решенија. Овие финансиски средства ја рефлектираат суштинската поддршка што програмата EWA ја нуди: не само обука и менторство, туку и конкретна, директна поддршка која може да ги претвори идеите во реални, пазарно ориентирани старт-апи.

GB

На самиот настан, свое обраќање имаа: Габриела Костовска Богoeска, Извршна директорка на Фондација за Менаџмент и индустриско истражување и национален координатор на програмата EWA, и Даниела Димовска, Директорка на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА.

Дополнително, на присутните им се обрати д‐р Жарко Костиќ, тренер за личен развој, кој  ја отвори програмата со своето излагање „Не секој чекор е совршен — но секој чекор се брои“, потсетувајќи дека растот и успехот се резултат на секој направен обид и упорност. Како дел од програмата, беше одржано и инспиративно предавање од д-р Марија Ѓошева – Ковачевиќ од Земјоделскиот институт – Скопје, на тема „Иднината на земјоделско-прехранбениот сектор“.

Присутните на настанот, покрај учесничките, беа ментори кои работеа со своите менторирани сите овие 6 месеци, инвеститори, претставници на институции, експерти од екосистемот на иновации и други релевантни актери, што создаде одлична можност за поврзување и продлабочување на партнерства. Програмата придонесува не само кон развојот на претприемачки идеи, туку и кон унапредување на родовата еднаквост во земјоделско-прехранбениот сектор, давајќи простор за женско лидерство и влијание.

На крајот, програмата беше официјално затворена со говор на Емилија Андонова, Програмска директорка на Фондација за Менаџмент и индустриско истражување и ко-координатор на EWA Македонија, која ги охрабри учесничките да го продолжат својот претприемачки пат и истакна важноста на поддршката на жените во иновациите.

Фондација за менаџмент и индустриско истражување како локални имплементатори на програмата, покажува силна заложба кон развивање на иновативниот потенцијал на жените, градење на одржлив бизнис екосистем и зголемување на влијанието на жените претприемачи во земјоделско-прехранбениот сектор.

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!