Успешно одржан вебинар: Жените во дигиталниот свет – инспирација и совети за кариера во STE(A)M
На 22 октомври 2025 година, Фондацијата за Менаџмент и индустриско истражување, во рамки на проектот STREAM IT, успешно го реализираше вебинарот „Жените во дигиталниот свет – инспирација и совети за кариера во STE(A)M“, како дел од серијалот на вебинари на Националната инспиративна мрежа.

Овој петти по ред вебинар беше наменет за образовните и истражувачките институции, невладините организации, како и за сите девојки и млади жени заинтересирани за кариери во STE(A)M областите и дигиталната индустрија.

Главната цел на вебинарот беше да се прикаже положбата на жените во дигиталниот свет и е-трговијата, да се истакне значењето на STE(A)M за идните генерации, како и да се понудат конкретни насоки и совети за започнување и развивање кариера во овие сектори.

Теми опфатени на вебинарот:
- Што претставува STE(A)M и зошто е клучен за дигиталните индустрии
- Е-трговијата како можност за професионален развој
- Жените во STE(A)M и е-трговијата – тековна состојба, предизвици и потенцијали
- Добри практики и научени лекции од дигиталната економија

Посебен гостин на настанот беше Марија Ристовска од Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA, која преку своето искуство и професионален ангажман понуди практични совети за градење кариера во дигиталниот сектор и сподели инспиративни примери од својата работа.

Вебинарот уште еднаш покажа дека дигиталниот свет претставува простор исполнет со можности за жените – простор каде технологијата, иновациите и претприемништвото се преплетуваат и отвораат нови патишта за развој. Споделените знаења и искуства поттикнаа дијалог и инспирација, создавајќи основа за градење нови генерации жени професионалци и лидери во STE(A)M и е-трговијата.


Фондацијата за Менаџмент и индустриско истражување останува посветена на промовирање на родовата еднаквост, дигиталната инклузија и иновациите, и најавува нови активности во насока на поддршка и оснажување на жените во дигиталната економија.
Доколку го пропуштивте вебинарот, снимката може да ја погледнете на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=mDKY8n-pdts




