Жаклина Голчева

EWA ментори во фокус: Совети од најдобрите – Интервју со Жаклина Голчева

Во свет кој постојано се менува, каде што знаењето и искуството играат клучна улога во личниот и професионалниот развој, менторството станува еден од највредните алати за поддршка и напредок. Во таа насока, во рамки на програмата Empowering Women in Agrifood (ЕWA), менторството го зазема централното место, тоа не само советодавна улога, менторството е низа на падови и подеми  која треба да ја изодат избраните жени претприемачки водени од своите ментори.

EWA програмата е креирана од EIT Food, најголемата европска иницијатива за иновации во храна, која се спроведува во Македонија во соработка со Фондација за Менаџмент и индустриско истражување. По успешното започнување на оваа иницијатива, решивме да започнеме серијал „EWA ментори во фокус: Совети од најдобрите“ во кој ќе ве запознаеме со менторите кои стојат зад развојот на бизнис идеите предводени од избраните кандидатки.

Жаклина Голчева

Запознајте ја Жаклина Голчева, консултант со повеќе од 20 години професионално искуство во областа на земјоделството, руралниот развој и подготовката на бизнис планови. Како сопственик на консултантската фирма Агроконсалтинг Плус, Жаклина активно работи на имплементација на меѓународни стандарди, подготовка на апликации за донаторски фондови и едукација на земјоделци и мали бизниси. Жаклина е и ментор во Европската мрежа за жени претприемачи, посветена на еколошки и општествено одговорни иницијативи.

Во оваа менторска приказна, таа работи со Ивана Митевска, која има за цел да основа сопствен производствен капацитет за микробилки, со што директно ќе придонесе за зајакнување на локалното органско производство. Преку пласманот на своите производи на пазарот, таа сака да ја подигне свеста кај населението за здравствените придобивки и важноста од консумирање свежа и здрава храна.

Image000052

Кој е вашиот професионален пат и како стигнавте до позицијата ментор во EWA програмата?

    Мојот професионален пат започна со дипломирање на Земјоделскиот факултет при УКИМ – Скопје, каде што се стекнав со титула дипломиран земјоделски инженер. Во текот на повеќе од 25 години работам во областа на земјоделството, подготовка на бизнис планови, управување со проекти, примена на HACCP и GlobalGAP стандарди, како и консултантски услуги за микро, мали и средни претпријатија. Сум била вклучена во бројни национални и меѓународни проекти (ИФАД, ИПАРД, УНДП) и сум основач и менаџер на „Агроконсултинг Плус“ ДООЕЛ. Моето долгогодишно искуство во советување, менторство и едукација ме доведе до тоа да бидам дел од Европската мрежа на ментори за жени претприемачи, а со тоа и до улогата ментор во EWA програмата.

    Како ментор, што сметате дека е најважно да се пренесе на младите жени во оваа програма?

      Најважно е да се пренесе вербата дека секоја идеја има потенцијал ако е добро разработена и поддржана. На младите жени треба да им се помогне да стекнат сигурност, да се охрабрат да ризикуваат и да веруваат во своите способности. Покрај тоа, важно е да се научат на дисциплина, издржливост и правилно управување со ресурси. Мојата улога како ментор е да бидам поддршка, да им го пренесам своето знаење и да им помогнам да ги избегнат грешките кои најчесто се случуваат на почетокот.

      Според вашето досегашно искуство, кои се трите најважни елементи што треба да ги содржи една бизнис идеја за да биде привлечен за финансирање?

      Прво, бизнис идеjата мора да има јасно дефинирани вредности и уникатност што ќе ја прави поразлична од другите на пазарот. Второ, потребно е да постои реален и одржлив бизнис модел со конкретна стратегија за развој и пазар на продажба. Трето, секоја бизнис идеjа треба да биде финансиски изводлива, самоодржлива и за краток период да оствари резултати кои ќе овозможат истата да се развие во стабилен и одржлив бизнис.

      Кое е вашето лично мото или филозофија кога станува збор за поддршка и развој на талентирани млади луѓе?

        Моето мото е: „Во секој предизвик има можност“. Верувам дека секој млад човек има талент, а улогата на менторот е да му помогне да го открие, развие и правилно насочи. Сметам дека знаењето има вистинска вредност само кога се споделува и кога инспирира нови генерации да бидат подобри и поуспешни.

        Програмата Empowering Women in Agrifood – EWA ги поддржува жените во развојот на нивните агро-прехранбени бизнис идеи не само преку финансирање, туку и преку специјализирани обуки, менторство и можности за вмрежување. Оваа иницијатива има за цел сеопфатно да ги поддржи претприемачките жени во раната фаза од нивната кариера, притоа овозможувајќи им пристап до знаење и релевантни контакти за успешен почеток и развој на одржливи бизниси во агро-прехранбениот сектор.

        Во време кога агро-прехранбениот сектор се соочува со потреба од дигитална трансформација, одржливост и иновација, прашањето е: Кој ќе ги донесе тие промени ако не жените со визија? А кој ќе ги поддржи, ако не менторите со искуство?

        Добивај информации по е-пошта

        Биди во тек со сите активности!