Деспина Поповска Стојанов

EWA ментори во фокус: Совети од најдобрите – Интервју со Деспина Поповска Стојанов

Во свет кој постојано се менува, каде што знаењето и искуството играат клучна улога во личниот и професионалниот развој, менторството станува еден од највредните алати за поддршка и напредок. Во таа насока, во рамки на програмата Empowering Women in Agrifood WA), менторството го зазема централното место, тоа не само советодавна улога, менторството е низа на падови и подеми  која треба да ја изодат избраните жени претприемачки водени од своите ментори.

EWA програмата е креирана од EIT Food, најголемата европска иницијатива за иновации во храна, која се спроведува во Македонија во соработка со Фондација за Менаџмент и индустриско истражување. По успешното започнување на оваа иницијатива, решивме да започнеме серијал „EWA ментори во фокус: Совети од најдобрите“ во кој ќе ве запознаеме со менторите кои стојат зад развојот на бизнис идеите предводени од избраните кандидатки.

Деспина Поповска Стојанов

Разговараме со м-р Деспина Поповска Стојанов, асистент истражувач на Земјоделскиот институт – Скопје, чие поле од научен интерес е агроекономијата, руралниот развој, стратешкото планирање и агротуризмот. Таа е претседател на Здружението „АгриОН“ – Неготино и консултант за Фондот за Иновации и Технолошки развој, со што активно придонесува кон охрабрување и поддршка на младите од руралните средини и на младите земјоделци.

Во оваа менторска приказна, таа работи со Надица Десанова, со својот старт ап Mimic Tech што цели кон развивање на иновативна биопластика базирана на комбуха како одржлива алтернатива за замена на пластиката за еднократна употреба и индустриска амбалажа со еколошки решенија.

Деспина Поповска Стојанов + Надица Десанова 2

Кој е вашиот професионален пат и како стигнавте до позицијата ментор во EWA програмата?

Моето патување низ светот на науката започна уште во текот на студиите на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје и тогаш како еден од најдобрите студенти во генерацијата, решив дека истражувањето ќе биде моја идна професија. Мојот професионален пат започна пред 10 години кога се вработив на Земјоделскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – најстарата научна институција во Македонија. Уште тогаш, кога паралелно ги започнав и моите магистерски студии во Белград сакав да се фокусирам на младите земјоделци и жените, како едни од најранливите категории во нашата земја, па и пошироко. Целта ми беше преку истражување да ги идентификувам предизвиците со кои се соочуваат и да предложам решенија што би ја подобриле нивната економска и социјална благосостојба. И денес, во фазата на изработка на мојата докторска дисертација, повторно во фокусот ми се младите луѓе од руралните средини. Сметам дека тие имаат исклучителна потреба од финансиска, институционална и секоја друга форма на поддршка. Токму обезбедувањето и промовирањето на таква поддршка е цел кон која се стремам во текот на целата моја досегашна кариера. За да ја остварам таа цел, како асистент истражувач во Одделението за агробизнис, економија и рурален развој активно работам на проекти и истражувања кои ја опфаќаат токму оваа проблематика. Оттаму дојде и идејата да се пријавам за ментор во EWA програмата. Имено, Земјоделскиот институт успешно спроведе два проекти финансирани од Европскиот институт за иновации и технологии, со препорака од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, кои се однесуваа на мотивирањето млади земјоделци, претприемачи и студенти да развиваат иновативни идеи од областа на дигиталното земјоделство и истите да ги преточат во можност за сопствен start-up бизнис. Тоа на некој начин ја постави основата за работа со млади земјоделци во таа насока и ми претставуваше инспирација да се пријавам и овој пат посериозно да поддржам и менторирам една индивидуална млада жена претприемач во земјоделскиот сектор.

Како ментор, што сметате дека е најважно да се пренесе на младите жени во оваа програма?

Земјоделското претприемништво е предизвикувачко поле каде е потребна упорност и верба во сопствените способности. Токму од таа причина сметам дека е најважно на младите жени да им помогнам да развијат силна самодоверба и решителност да ја спроведат идејата која ја имаат, а истовремено и да им ја поттикнам нивната креативност. Покрај тоа, ги охрабрувам да бидат иновативни и прилагодливи, со оглед на тоа дека земјоделството постојано се менува поради новите технологии и климатските промени, па затоа е од исклучителна важност да им пренесам и практични знаења како за земјоделските технологии, така и за управувањето со бизнисот. Ова ме носи кон следната клучна област, чија важност исто така ја нагласувам, а тоа е финансиската писменост, што подразбира изнаоѓање на извори на финансирање и начини за обезбедување на инвестиции, паралелно со развивањето на комуникациски вештини, што е неопходно за одржлив раст на бизнис идејата. Уште еден значаен сегмент кој го потенцирам е континуираната мотивациска поддршка на младите жени претприемачи и поддржувањето на нивната самостојност, што е суштинско за нивен успешен понатамошен развој. За крај, се трудам да им помогнам да развијат мрежа од соработници и поддржувачи, затоа што успешното претприемништво никогаш не е еднонасочен процес, а менторството во тој процес ја има можеби и најголемата улога, затоа што јас гледам на него како мост меѓу искуствата на поискусните и потенцијалот на младите луѓе.

Кои се најчестите предизвици со кои се соочуваат младите земјоделци во Македонија при започнување или скалирање на агробизнис и како можат истите полесно да се надминат?

Најчестите предизвици со кои се соочуваат младите земјоделци во Македонија при започнување на агробизнис се навистина повеќеслојни и доста комплексни и за почеток вклучуваат финансиски ограничувања, односно недостаток на почетен капитал за набавка на механизација и земјиште, додека и ограничениот пристап до земјиште дополнително ја отежнува ситуацијата, бидејќи многумина млади земјоделци не поседуваат сопствени обработливи површини, а закупот или купувањето земја дополнително ги оптоварува нивните финансии. Од друга страна, административните и регулаторни процедури се често комплицирани и се менуваат, што го отежнува пристапот до поддршка и грантови. Дополнителен проблем претставува пазарната несигурност и нестабилноста на цените, што ги зголемува ризиците при инвестирање, а недостатокот на работна сила и нискиот интерес за занимавање со земјоделство кај младите создаваат големи потешкотии. Покрај тоа, лошата рурална инфраструктура кој вклучува недостиг на патна мрежа и социјални услуги, а воедно и негативните импликации како резултат на климатските промени го зголемуваат бизнис-ризикот и ја намалуваат атрактивноста на руралниот живот.

За да се надминат овие бариери, младите треба да се обидат да ги користат сите достапни видови на финансиска поддршка во вид на грантови и субвенции, но паралелно и да вложат во своето формално и неформално образование, доусовршување и менторство, како клучни алатки за унапредување на нивните компетенции и зголемување на ефикасноста во работењето. Облиците на вклучувања кон разни здруженија, задруги и кооперативи е исто така еден начин кој може да овозможи подобар пласман, полесен пристап до финансии и посилна преговарачка позиција. Понатаму, инвестирањето во подобрување на руралната инфраструктура и условите за квалитетен живот на селото би имало позитивно влијание врз мотивацијата на младите да останат во нивните рурални средини и да развиваат успешен бизнис. Јавните политики треба да им овозможат стабилни откупни механизми и заштита од нелојална конкуренција. На крајот, успехот на младите земјоделци сепак зависи од нивната проактивност, нивната способност да развијат добра идеја и солиден бизнис-план, и да воспостават соработка со искусни ментори и релевантни организации, кои можат да им помогнат да ги надминат бариерите и успешно да го развијат својот агробизнис.

Кое е вашето лично мото или филозофија кога станува збор за поддршка и развој на талентирани млади луѓе?

Моето мото би гласело: „Вистинскиот успех не се мери единствено по постигнатите цели, туку по влијанието што го имаш во охрабрувањето и унапредувањето на другите.“ Верувам дека секоја млада жена носи уникатен потенцијал и мој приоритет е да им помогнам да ја препознаат сопствената вредност, да се охрабрат да ризикуваат и да дадат максимум од себе. Се трудам секогаш да ги поддржувам да го користат својот глас, да останат автентични и храбри, и да не се плашат да бидат лидери и иноватори. Можам да кажам дека најголема инспирација ми претставува нивниот напредок и успех – затоа што секој нивен чекор напред претставува пример и мотивација за другите околу нив.

Програмата Empowering Women in Agrifood EWA ги поддржува жените во развојот на нивните агро-прехранбени бизнис идеи не само преку финансирање, туку и преку специјализирани обуки, менторство и можности за вмрежување. Оваа иницијатива има за цел сеопфатно да ги поддржи претприемачките жени во раната фаза од нивната кариера, притоа овозможувајќи им пристап до знаење и релевантни контакти за успешен почеток и развој на одржливи бизниси во агро-прехранбениот сектор.

Во време кога агро-прехранбениот сектор се соочува со потреба од дигитална трансформација, одржливост и иновација, прашањето е: Кој ќе ги донесе тие промени ако не жените со визија? А кој ќе ги поддржи, ако не менторите со искуство?

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!