Одржана иницијалната сесија на коучинг програмата „EmpoweRING M – Жените во индустрија“
На 12 мај 2025 година, во Јавна Соба – Скопје, се одржа иницијалната сесија од коучинг програмата „EmpoweRING M – Жените во индустрија“. Оваа програма е дел од еропскиот проект EMPOWERING, кој е насочен кон поддршка на жените миленијалки што работат во индустријата.

Сесијата означи формален почеток на неколкумесечната програма со фокус на професионална едукација, развој на вештини и градење на кариерен пат, како и промоција на европска соработка и вмрежување како клучни елементи за успех.
Настанот започна со кратко запознавање и споделување на очекувањата на учесничките. Следеа неколку тематски сесии кои беа динамични и интерактивни, со активна вклученост на учесничките преку дискусии, прашања и примери од нивната секојдневна работа.
Во првата сесија се отвори прашањето како жените можат да ја користат својата автентичност како клучна алатка при водење тимови и проекти. Се дискутираше за разликите меѓу традиционалните и современите модели на лидерство и улогата на жените во трансформирање на организациската култура. Учесничките споделија лични искуства со лидерски предизвици и начини на градење кредибилитет без компромис на сопствените вредности.
Понатаму, се работеше на способноста да се препознаваат, разбираат и управуваат емоциите – своите и на другите – во средини кои често имаат ригидна структура. Се зборуваше за развивање емпатија и саморегулација, како и за техники за ефективна комуникација со колеги и клиенти.

Во втората сесија се посветивме на вештини за справување со конфликти. Учесничките добија практични алатки за изразување на сопственото мислење на јасен и самоуверен начин. Преку реални примери од индустриското работење се анализираа различни пристапи во конфронтирање со колеги разрешување недоразбирања во тимови.

За крај, се отвори важна дискусија за рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот. Оваа сесија се фокусираше на личната благосостојба и управување со професионалниот и приватниот ангажман, особено во брзото темпо на индустрискиот сектор. Се дискутираше за поставување граници, управување со стрес и градење навики кои поддржуваат долгорочна одржливост на кариерата.

Сесиите беа водени од проф. д-р Стојан Дебарлиев, кој има долгогодишно искуство со овие теми.
Што понатаму?
Оваа воведна сесија постави солидна основа за наредните активности што ќе следат во рамки на програмата. Учесничките ќе продолжат со групни и индивидуални коучинг сесии како и постојан пристап до дигитални ресурси за самостоен развој.
Целта на програмата „EmpoweRING M – Жените во индустрија“не е само да ги развие вештините на учесничките, туку и да создаде поддржувачка заедница на жени од различни сектори и земји кои ќе соработуваат, ќе учат една од друга и ќе растат заедно.