ЖЕНИ ЦБЦ (6) (2)

Стефанија Димеска – Жена која ги руши бариерите во бизнис авијацијата

Во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ започнавме серија интервјуа за промоција на добри практики, истакнувајќи го придонесот на жените кои работат во традиционално машки индустрии. Преку нивните искуства и успеси се стремиме да ги охрабриме и мотивираме целните групи на програмата. Разговараме со Стефанија Димеска професионален пилот во корпоративната бизнис авијација SmallFly.

ЖЕНИ ЦБЦ (6) (2)

Стефанија, дали би сакале да ни кажете накратко за вас и вашата професија?

Јас сум Стефанија Димеска и сум професионален пилот во корпоративна бизнис авијација. Работам за компанијата SmallFly и моментално живеам во Италија. Мојата работа е динамична, возбудлива и полна со предизвици, бидејќи секој лет е различен, а секој ден носи нови искуства. 

Работењето во бизнис авијацијата значи флексибилност и прилагодување на специфичните барања на клиентите. За разлика од редовниот комерцијален сообраќај, каде што рутите и распоредите се фиксни, во бизнис авијација летовите често се организираат во последен момент, а дестинациите варираат – од големи меѓународни аеродроми до мали. Како пилот, не сум само одговорна за управувањето со авионот, туку и за целокупното искуство на патниците.

Бизнис авијацијата бара високо ниво на професионализам, дискретност и приспособливост, бидејќи работиме со луѓе од различни профили – од бизнисмени и јавни личности, до семејства кои патуваат приватно. Мојата работа вклучува подготовка на летови, координација со кабинскиот и земјен персонал, проверка на временските услови и осигурување дека секој аспект на летот е совршено организиран. Иако распоредот може да биде непредвидлив, тоа е и еден од највозбудливите аспекти на оваа професија. Никогаш не знаеш каде ќе бидеш следниот ден – можеш да се разбудиш во Милано, а вечерта да слеташ на некој егзотичен остров. Секој лет е уникатно искуство, а работата со мала и професионална екипа создава силно чувство на тимска поврзаност.

Она што најмногу го сакам во оваа професија е комбинацијата на предизвици, прецизност и можноста да уживам во летањето додека носам патници до нивните дестинации со стил, удобност и ефикасност. Бизнис авијацијата не е само работа – тоа е начин на живот.

Што значи успех за вас во вашата кариера и како се менувал тој концепт од почетокот до сега?

За мене, успехот во кариерата значи постојан личен и професионален напредок, исполнување на моите амбиции и градење стабилна иднина. На почетокот, успехот го гледав како постигнување на потребните лиценци и „влез” во авијацијата, но со текот на времето, тој концепт се прошири. Сега, успехот за мене значи да работам во средина каде што се чувствувам ценета, да имам баланс помеѓу работата и приватниот живот, и да обезбедам сигурност и просперитет за себе и за мојата идна фамилија. Најважно од сè е да бидам среќна и задоволна таму каде што сум, правејќи го она што го сакам.

Img 2075

Какви се најголемите предизвици со кои сте се соочиле како жена во оваа област и како ги надминавте?

Авијацијата е неверојатна професија, а да се биде жена во овој свет е предизвик и инспирација. Најголем предизвик се временските услови, хаха. Секој ден носи нови искуства, а динамиката на бизнис авијацијата бара флексибилност, прецизност и постојана подготвеност. Секогаш сум била ценета и почитувана, но сепак, авијацијата сè уште е доминирана од мажи, што значи дека понекогаш морам да вложам дополнителен труд за да добијам вистинска шанса да покажам што можам. Не затоа што вредам помалку, туку затоа што очекувањата се високи, а просторот за грешки е помал. Сепак, сметам дека жените се одлични во оваа професија – мултитаскингот, прецизноста и приспособливоста се клучни вештини, а јас секојдневно ги докажувам. Балансирањето меѓу кариерата и приватниот живот е уште еден предизвик, но тоа не ме спречува да ги следам моите соништа. На крајот, оваа професија ми носи огромна среќа и гордост. Летањето, прекрасните предизвици што ги носи и радоста што ја чувствувам работејќи нешто што навистина го сакам, се непроценливи. Со упорност, самодоверба и јасна визија, можам да постигнам успех насекаде!

Дали имате некој момент или искуство во кариерата што ви било особено инспиративно или наградувачко?

Честопати се потсетувам на својата сила, тврдоглавост и решителност, кои ми помогнале да стигнам до тука. Секако, моите родители имаат огромен удел во мојот успех и благодарноста кон нив е неизмерна како и кон мојот партнер. Мојата најголема награда е кога ќе погледам назад и ќе видам колку сум напредувала и што сум постигнала досега. Но ова е само почеток – пред мене има уште многу возбудливи моменти, искуства и безброј можности.

Како мислите дека родовата разновидност влијае на работната атмосфера и решавањето проблеми на вашето работно место?

Сметам дека родовата разновидност значително го подобрува работниот амбиент и решавањето проблеми. Различните перспективи што ги носат мажите и жените ја поттикнуваат креативноста и иновацијата, што е особено важно во авиjацијата, каде што прецизноста и брзото донесување одлуки се клучни. Разновидниот тим има поширок пристап и подобра адаптибилност, што доведува до подобра соработка и ефикасност.

Како мислите дека вашето работење како жена во оваа област ќе влијае на идните генерации?

Малку ми изгледа апсурдно да се разговара за оваа тема, бидејќи низ Европа и светот бројот на жени во оваа индустрија е значително зголемен. Но, за жал, кај нас ова сè уште не е широко прифатено. За мене, ова е само една професија како и секоја друга – работа која ми овозможува да водам нормален живот и да ги задоволам основните потреби за себе и моето семејство, а истовремено да се посветам на својата страст. Сепак, се надевам дека ќе бидам пример за идните генерации на девојки и жени, служејќи како доказ дека не постојат граници за тоа што можат да постигнат, без разлика на полот. Верувам дека ако продолжам да бидам верна на себе, ќе инспирирам и други да го следат мојот пат и да живеат како што тие сакаат, без страв и ограничувања.

Img 2184 (1)

Што би им советувале на младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област?

Мојот совет до младите жени е да не се плашат да влезат во авијацијата ако тоа е нивната страст. Ќе има многу предизвици, но со упорност, труд и самодоверба, сè е возможно! Не плашете се да бидете единствени, да учите постојано и да го барате своето место во оваа професија. Светот на авијацијата нуди бесценети искуства – само треба да бидете храбри и да го направите првиот чекор. Верувајте во себе, вложувајте во своето знаење и не дозволувајте нечии предрасуди да ве обесхрабрат. Небото не е граница – тоа е само почеток!

Дали сте имале ментори или друг вид на поддршка што ви помогнала на вашиот професионален пат? Како ја гледате важноста на таквата поддршка?

Мојот најголем ментор и инспирација е татко ми,човекот кој ме научи дека со страст, посветеност и храброст, можеш да постигнеш сè. Тој ми го всади првото чувство на љубов кон авијацијата и ми покажа дека соништата можат да прераснат во реалност. Сепак, зад секој мој успех стои и поддршката од моите најблиски – моите родители, партнерот и пријателите. Нивните зборови и верба во мене ми даваат сила и во најтешките моменти. Оваа професија носи многу предизвици, а понекогаш и сомнеж, но кога знаеш дека не си сама, многу е полесно да продолжиш напред. Најголемиот подарок што го добив од моите ментори и поддржувачи е уверувањето дека секој чекор, секој напор и секој лет ме носи поблиску до тоа да станам најдобрата верзија од себе. И тоа е нешто за што сум бескрајно благодарна!

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!