Img 2499

Завршна конференција за проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“

На 25 и 26 февруари во Скопје се одржа студиска посета како завршен настан на партнерите во проектот „Премостување на родовиот и возрасниот јаз на пазарот на труд преку градење капацитети и промовирање на нови работни можности во прекуграничниот регион – ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“. Настанот собра претставници од локалните власти, бизнис-заедницата, невладиниот сектор и образовните институции од Македонија и Србија, како и учесници во активностите на проектот.

Настанот го отворија градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, и градоначалничката на општина Трговиште, Наташа Манасијевич, кои за време на настанот потпишаа и Меморандум за прекугранична соработка.

20250225 142007

Добредојде на присутните им посака и извршната директорка на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, Габриела Костовска Богоеска, истакнувајќи ја важноста на ваквите иницијативи за одржлива соработка. Свои обраќања имаа и Драгана Панајотович, извршна директорка на Здружението на бизнис жени во Србија, Тијана Милованович, претседателка на Здружението на бизнис жени Врање, и Тинка Китеска, претседателка на Здружението „Праведни и професионални“.

Комуникацискиот офицер на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, Миа Ботинова Димитрова, ги презентираше активностите и постигнувањата на проектот.

Img 2621

Следеше панел-дискусија на тема „Институционална поддршка за невработени жени и млади: можности во претприемништвото, образованието и локалниот развој“. Панелисти беа претставници од различни засегнати страни: Соња Палчевска Ќосева (раководителка на одделението за јавни дејности во општина Ѓорче Петров), Даниела Димовска (директорка на Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија), Јасминка Бошева (директорка на СГГУГС „Здравко Цветковски“ – Скопје), Милан Стојкович (директор на средното стручно училиште „Милутин Бојич“ – Трговиште) и Ивана Генов (педагог во техничкото училиште Врање). Овие професионалциимаа земено активно учество во различни фази и активности на овој проект. Дискусијата претставуваше одлична можност за присутните да дознаат повеќе за нивната работа, како и да ги слушнат нивните размислувања и перспективи за овие значајни теми.

Во текот на настанот, учесниците воспоставија нови контакти и разменија искуства со претставници од различни институции, со цел создавање долгорочни партнерства и развој на иновативни решенија за зголемување на вработливоста на целните групи – жени и млади. Како дел од овој процес, беше потпишан Договор за прекугранична соработка меѓу средното стручно училиште „Милутин Бојич“ од Трговиште и средното стручно училиште „Здравко Цветковски“ од Скопје.

20250225 140306(0)

Вториот ден беше посветен на работилница на тема „Подобрување на јавните политики и комуникациски стратегии за поттикнување меѓусекторска соработка за поголеми можности за вработување на жените и младите“. Темата беше идентификувана како заеднички предизвик во двете фокус групи одржани во Србија и Македонија во рамки на проектот. Учесниците работеа во групи, дискутираа за предизвиците и предлагаа конкретни решенија, кои потоа беа презентирани пред сите присутни.

Img 2805

Проектот има за цел зајакнување на жените, младите и ранливите групи за пазарот на трудот, особено во секторите градежништво, металопреработка и ИТ, кои нудат подобро платени работни места, но се доминирани од мажи. Како дел од активностите, над 500 учесници во Македонија и Србија посетуваа обуки, спроведени беа менторски сесии со најуспешните, организирани беа теренски посети на компании, а развиени се и препораки за понатамошна имплементација. Покрај тоа, снимена е и серија од 10 подкасти со успешни жени во овие сектори, потпишани се меморандуми за соработка меѓу клучните актери, а создадени се и веб-страница и мобилна апликација за подобар пристап до можностите на пазарот на труд.

Проектот, кој трае до крајот на март 2025 година, е кофинансиран од Европската Унија преку финансискиот инструмент за претпристапна помош (ИПА II) во рамките на Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија 2016-2020 година, во соработка со Министерството за финансии на Република Србија – Сектор за склучување договори и финансирање на програми од фондовите на ЕУ.

Повеќе информации на: https://cbc-equalizer.com/mk/

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!