Проектот „POLICY ANSWERS“ им обезбеди на креаторите на политиките и на државните службеници во Македонија обука на тема Поставување релевантни индикатори и мониторинг и евалуација
На 11 мај 2023 година на зум се одржа обука на тема Поставување релевантни индикатори и мониторинг и евалуација наменета за државни службеници и креатори на политиките во Македонија. На обуката присуствуваа вкупно 20 претставници од 8 јавни институции.
Активноста се спроведува како дел од работната програма „Градење капацитети и имплементација во Македонија“ развиена врз основа на претходно спроведена проценка на потребите со цел да се зајакнат локалните напори во Западен Балкан за поддршка на креирањето политики и спроведувањето на програмата на „Агенда на Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт“.
Оваа обука им овозможи на учесниците да:
- да се запознаат со основните концепти и дефиниции за мониторинг, евалуација и учење и нивната функција во спроведувањето политики, стратегии и програми;
- да ги разберат фазите во процесот на развој на мониторинг систем;
- да научат да дефинираат релевантни индикатори, почетни и целни вредности;
- да ја разберат практичната примена на индикаторите влијание, исход и резултати; дефинирање на целни вредности (targets) и дефинирање на ризиците при имплементацијата
- да се запознаат со елементите на Планот за известување, мониторинг и евалуација.
Обуката им обезбеди на учесниците теоретско знаење, истовремено овозможувајќи им да работат во групи и да размислуваат за стручноста достапна во оваа област.
Настанот беше организиран од страна на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување и Фондот за иновации и технолошки развој како дел од проектот „POLICY ANSWERS” финансиран во рамки на програмата Хоризонт Европа на Европската Комисија. Преку спроведување на активностите на овој проект, МИР фондација и ФИТР преземаат водечка улога во унапредување на националниот и регионалниот иновациски екосистем, со цел вклучување на националните чинители во заедничкиот европски пазар.
Проектот го поддржува политичкиот дијалог, вклучувајќи формални состаноци, мониторинг и поставување агенда, градење капацитети и имплементација на агендата на ЕУ за Западен Балкан, како и усогласување на тематските приоритети. Ќе спроведе регионални пилот активности и ќе го надгради информативниот центар базиран на платформата www.westernbalkans-infohub.eu. 14 партнерски организации, кои ги претставуваат мрежните јазли во регионот и експертските организации на ЕУ, го поддржуваат политичкиот дијалог преку министерски состаноци, состаноци на Управувачката платформа и ад-хок состаноци за политики. Тие обезбедуваат аналитички докази преку активности за следење и мапирање (на екосистемот на засегнатите страни, имплементација на агендата за Западен Балкан и интеграција во Европската истражувачка област).