Преглед на добри практики: ,,Жените претприемачки напредуваат заедно со поддршка на интернационални организации” – вебинар дел од Националната платформа за женско претприемништво
Учењето од врсници е моќна алатка за зајакнување на практиката, координацијата, соработката и културата на учење во заедницата. Во Националната платформа за женско претприемништво, го поддржуваме овој процес со прикажување на добри практики на членовите на нашата заедница. Затоа, на 22-ри ноември, тимот на Националната платформа за женско претприемништво одржа вебинар на тема Преглед на добри практики: ,,Жените претприемачки напредуваат заедно со поддршката на интернационалните организации’’, со инспиративни и мотивациони говорници, несебично споделувајќи ги своите добри практики, давајќи можност да се реплицираат или да се приклучат на постоечка, веќе работна практика.
Клучот за зголемување на бројот на жени претприемачи во светот е да ги направиме познати и да ги споделат своите успешни приказни со другите. Моделите за улоги се од витално значење во претприемачкиот свет – тие служат како моќни потсетници за она што е веќе постигнато и што допрва треба да се направи. Преку слушањето на овие инспиративни приказни за успех, жените имаат поголема веројатност да се чувствуваат повеќе опремени да ги следат своите цели и да ги остварат своите претприемачки соништа. Моќта на поврзување со други истомисленици не треба да се потценува, а менторството треба да биде цел во која било индустрија за да се осигура дека жените добиваат што е можно повеќе ресурси. Модератор на денешниот вебинар беше Емилија Андонова, проектен менаџер во Фондација за менаџмент и индустриско истражување и координатор за градење на капцитети во Националната платформа за женско претприемништво.
Вебинарот преку интерактивен разговор се осврне на темата женско претприемништво и успешни практики со три прекрасни жени, кои стојат позади успешни компании и организации кои работат во полето на женско претприемништво. Првата говорничка беше Serena Bonfanti која е Член на борд на директори на АПИД и ко- сопственик на F. LLI Bonfanti. Како претприемачка но истовремено како дел од организација која што брои приближно 350 жени кои водат свои компании, Serena е активно вклучена во активностите на АПИД како претставник на здружението на европско ниво и постигнува видни резултати. На денешниот вебинар ја донесе успешноста која стои позади нејзиниот успех во компанијата во која работи но и можностите кои тие ги нудат во АПИД за жените претприемачки.
Веднаш по неа зборуваше Ombretta Pellerey која е Основачка партнерка на Bioleader srl а воедно и дел од управниот одбор на АПИД, кој обединува претприемачи за да ги промовира придобивките од женското претприемништво, да ја подигне свеста за корпоративната општествена одговорност кај компаниите и да поддржи повеќе жени во синдикатите и раководните тела. Во компанијата се занимава со менаџмент и дизајн, но има и техничка улога, како консултант за поголеми компании. Преку нејзината приказна Ombretta сподели дека патот на една успешна жена претприемачка е исполнет со многу успеси, падови и предизвици. Без разлика на околностите, потребно е брзо прилагодување и постојано учење. Токму преку нејзиниот пример увидовме кои се работите кои ни се потребни за успех.
Во последниот дел зборуваше Yolima van den Berkmortel која е Ко-основачка на International Creative Women со претприемачко исксутво од повеќе од 20 години во различни земји. Таа ги знае сите чекори за започнување бизнис во странска земја и помага на жените претприемачки кои се соочуваат со отворање на бизнис преку давање поддршка, совети и информации, токму затоа е и ко-основач на International Creative Women, организација која обезбедува поддршка на жените претприемачи во Холандија. Преку нејзниот пример погледнавме колку е битна интеграцијата на жените од кроскултурата за да можат да комуницираат, да учат и да растат. Токму затоа тие во нејзината организација споделуваат придобивки не само на деловно, туку и на емотивно ниво.
Вебинарот понуди одлична можност за вмрежување, врсничко учење и споделување на добри практики со цел да се подобри поддршката што ефикасно им се дава на жените претприемачи.
Вебинарот може да го погледнете на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=8Yk946Nqlew
Овој вебинар е дел од серијата вебинари за врсничко учење на Национална платформа за женско претприемништво за пренесување на знаењето на Европски реномирани компании и организации кои работат во полето на женско претприемништво. Националната платформа за женско претприемништво се спроведува од страна на Фондација за менаџмент и индустриско истражување, Здружение на бизнис жени и Сојуз на стопански комори на Македонија.