Организирана студиска посета ‘’Градење капацитети за пристојна работа и родови политики преку размена на искуства’’ во Брисел, Белгија
Во периодот од 06 до 08 октомври 2024 година, во рамки на проектот „Пристојна работа за жени работнички – социјално учество и зајакнување“, ко-финансиран од Европската Унија, се одржа студиска посета во Брисел, Белгија. Посетата беше организирана за претставници од синдикати, граѓански организации и институции кои активно работат на темата на пристојна работа.
Тимот на Фондација за менаџмент и индустриско истражување, предводен од Габриела Костовска Богоеска, извршен директор, и Емилија Андонова, програмски координатор, заедно со Здружението на бизнис жени, предводено од Валентина Дисоска, претседател, и Елена Блажевска, проектен координатор, спроведоа тридневна програма со посети на различни институции, организации и настани во Брисел. Целта на посетата беше размена на добри практики, вмрежување и споделување на искуства меѓу македонските учесници и нивните европски колеги.
Меѓу учесниците на оваа студиска посета беа претставници од: Гласен Текстилец Штип, Македонско здружение за заштита при работа, Конфедерација на слободни синдикати на Македонија, Бизнис конфедерација на Македонија, Сојуз на синдикатите на Македонија, Правен факултет, Народен правобранител, Министерство за труд и социјална политика, и Комисијата за антидискриминација.
По повод Меѓународниот ден на достоинствена работа (07 октомври), учесниците ја посетија Интернационалната синдикална конфедерација (International Trade Union Confederation (ITUC)), каде добија информации за актуелни прашања и практики поврзани со пристојната работа.
Втората посета беше во Европскиот Парламент, каде учесниците присуствуваа на сесија со градоначалници од земјите членки на ЕУ, дискутирајќи за европските политики за родова еднаквост и пристојна работа.
Првиот ден беше заокружен со средба со делегацијата на Make Mothers Matter (MMM), каде заеднички се одбележа Меѓународниот ден на достоинствена работа и се разговараше за подобрување на условите за жените работнички.
Вториот ден од студиската посета вклучуваше средба со Европскиот економски и социјален комитет (European Economic and Social Committee (EESC)), каде се разговараше за продлабочување на соработката и размена на добри практики.
Посетата заврши со учество на Европската недела на региони и градови, која понуди нови можности за вмрежување и соработка со европски организации и институции.
Оваа иницијатива претставува важен чекор кон создавање на подобра и поинклузивна иднина, со посветеност на унапредување на условите за работа и промоција на родовата еднаквост.
Организирањето на студиска посета во Брисел нуди бројни предности за учесниците и институциите. Како срце на Европската Унија, Брисел претставува идеална локација за вмрежување, споделување искуства и учење од најдобрите европски практики. Учесниците имаa уникатна можност да ги посетат Европскиот парламент I Европскиот економски и социјален комитет и други значајни институции, стекнувајќи увид во начинот на функционирање на европските политики и процеси. Преку оваа посета на учесниците им се овозможува директен контакт со претставници на други европски организации, синдикати и институции, што води до потенцијална соработка и споделување на добри практики. Учесниците имаа можност да разменат искуства и да се запознаат со успешни проекти и иницијативи кои можат да се применат и во нивната средина.