Одржана инфо – сесија: „Европски иновациски совет – Како до успешна апликација“
Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување организираше инфо-сесија наменета за мали и средни претпријатија (МСП) и претприемачи, која понуди конкретни насоки и практични совети за успешно аплицирање за грантови и инвестиции од Европскиот иновациски совет (EIC). Ова беше одлична можност за учесниците да се запознаат со процесот на аплицирање и да научат како да ги зголемат шансите за добивање финансиска поддршка за развој на нивните бизниси и иновации.

Сесијата беше наменета за претприемачи и компании кои веќе имаат искуство со програмата Хоризонт Европа, но сакаат да ја подобрат својата стратегија за аплицирање и да ги зголемат шансите за добивање финансиска поддршка од Советот. Преку детални информации и успешни примери од претходни добитници на ваква поддршка, учесниците се запознаа со целиот процес на аплицирање и научија повеќе за критериумите за оценување.

Во текот на сесијата беа објаснети најважните аспекти на подготовката на квалитетни и конкурентни апликации, вклучувајќи насоки за ефективно прикажување на иновациите како пазарно-ориентирани и високо-иновативни, што е клучно за успех во процесот на аплицирање за грантови од EIC. Присутните добија и вредни информации за различните видови финансиска поддршка што ги нуди EIC, како што се EIC Pathfinder, EIC Transition и EIC Accelerator, како и за критериумите за избор на вистинскиот инструмент според деловните цели на учесниците.

Како дел од сесијата, учесниците добија практични совети кои ќе им помогнат да ги избегнат најчестите грешки при аплицирањето, особено во однос на структурата на апликацијата, претставувањето на иновацијата и вклучувањето на специфични информации кои ја зголемуваат конкурентноста на проектот. За крај, учесниците имаа можност да слушнат повеќе за успешни примери на претходни добитници на финансиска поддршка од EIC, што беше одлична мотивација за сите.

Оваа сесија беше збогатена со знаењето и искуството на нашите предавачи. Катарина Кречева, експерт во областа на иновациски политики и поранешно Национално контакт лице за Хоризонт Европа „Европски иновациски совет“ и „Европска иновациска инфраструктура“, ги водеше учесниците низ сесијата, споделувајќи драгоцени информации за програмата и механизмите на Европскиот иновациски совет. Со деветгодишно искуство во развој на програми за финансирање во Фондот за иновации и технолошки развој, Катарина даде значајни увиди и совети за пристап до финансии преку Европската унија.
Како гостин-предавач ја имавме Весна Ојлеска Латкоска, редовен професор на ФЕИТ-УКИМ во Скопје, со богато искуство во областа на истражување, развој и иновации. Од 2011 година па наваму, преку EEN, Весна има стекнато големо искуство во обезбедување услуги за пристап до програмите на ЕУ, искуство што го сподели со учесниците.

Ова е втора од двете инфо-сесии организирани од страна на Фондацијата за менаџмент и индустријско истражување во рамки на мрежата Enterprise Europe Network, со поддршка на Министерството за економија и труд, кои се покажаа како исклучително корисни за мали и средни претпријатија (МСП), стартапи и претприемачи кои сакаа да дознаат повеќе за можностите за финансирање преку програмата Хоризонт Европа и Европскиот иновациски совет (EIC). Овие сесии не само што обезбедија теоретска поддршка, туку и практични насоки за подготовка на успешни апликации за грантови и инвестиции, кои може да ја подобрат иновативноста и конкурентноста на претпријатијата.
Следете нè за нови можности за учество и инфо-сесии кои ќе ви помогнат да ја најдете вистинската финансиска поддршка за развој на вашиот бизнис.