Модул 3 од Менторската програма STREAM-IT: Од истражувањедо јасна и влијателна порака
На 25 февруари 2026 година се одржа третиот модул од Менторската програма за градење капацитети за научна комуникација, во рамки на проектот STREAM-IT. Додека претходните сесии беа насочени кон самодоверба, личен развој и градење на сопствен научен идентитет, овој модул ги стави учесниците пред едно клучно прашање: како сложеното истражување да стане јасна, влијателна и запаметлива порака?

Денот започна со разговор за различните „сцени“ на кои може да се најде еден научник: од конференциска сала, преку телевизиско студио, до средба со инвеститор. Учесниците анализираа како контекстот ја менува формата на пораката и зошто успешната комуникација не е само пренесување информации, туку внимателно обликување на фокусот, јазикот и структурата.
Особено значаен дел беше анализата на реални примери. Наместо теорија, учесниците низ дискусија сами ги откриваа разликите: што недостасува кога нема централна порака, како изгледа објаснување оптоварено со термини и зошто публиката се губи кога нема јасна структура.

Во вториот дел од модулот, атмосферата стана уште подинамична. Истото научно резиме беше трансформирано во три различни формати – медиумско интервју, pitch пред инвеститор и јавна презентација за поширока публика. Вежбата јасно покажа дека не постои „една верзија“ на истражувањето. Понекогаш во центарот е влијанието, понекогаш применливоста, а понекогаш разбирливоста.

Модулот заврши со симулација на работа со публика. Дел од учесниците ги презентираа своите истражувања и одговараа на прашања – скептични, поедноставени или надвор од нивната експертиза. Вежбата им помогна да вежбаат јасни и концизни одговори без навлегување во непотребни технички детали.

Со овој модул, учесниците направија значаен чекор кон стратешко обликување на својата научна порака – вештина што ќе им биде клучна во подготовките за националниот натпревар во научна комуникација, како и за понатамошниот професионален развој.
Оваа програма е дел од проектот ST(R)E(A)M IT, кој има за цел да иницира промени во однос на постојаните родови нееднаквости во STEM образованието, истражувањето и иновациите, со што ќе придонесе за спроведувањето на „Европскиот манифест за родово-инклузивно STE(A)M образование и кариери.“ Проектот има за цел да ги надмине бариерите и предизвиците со кои се соочуваат недоволно застапените групи во STEM. Фокусот е на развој на иновативни, родово и диверзитетно инклузивни алатки за едукација на младите, особено на девојчињата. Дополнително, проектот има за цел да ги мобилизира засегнатите страни од различни сектори на STEM образованието и екосистемот за истражување и иновации, за да создаде одржливи мрежи кои ќе обезбедат континуирана поддршка за STEM едукаторите.






