ЖЕНИ ЦБЦ (5)

Од визија до автоматизација – Михаела Златеска за жените во инженерството

Во рамките на проектот „ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“ започнавме серија интервјуа за промоција на добри практики, истакнувајќи го придонесот на жените кои работат во традиционално машки индустрии. Преку нивните искуства и успеси се стремиме да ги охрабриме и мотивираме целните групи на програмата. Разговараме со Михаела Златеска – Инженер за автоматизација на процеси.

ЖЕНИ ЦБЦ (5)

Михаела, дали би сакале накратко да ни кажете за вас и вашата професија?

Јас сум Михаела Златеска, магистер по индустриско инженерство и менаџмент – Lean менаџмент, дипломирана на Машинскиот факултет во Скопје, каде што ги завршив и додипломските студии во истата област.

За време на студиите стекнав теоретско и практично знаење во областа на оптимизацијата на процесите, што ме насочи кон градење на кариера како инженер за автоматизација на процеси во компанијата „Куипу“ (Quipu). Работам во одделот „Дигитално искуство“ (Digital Experience), кој, како што кажува и самото име, игра клучна улога во поддршката на дигиталната трансформација, како во рамките на компанијата, така и во филијалите на Прокредит Банка. Имајќи ја предвид брзината на промените во дигиталната сфера, оваа позиција подразбира постојано справување со динамични предизвици во секојдневната работа.

Што значи успех за вас во вашата кариера и како се менувал тој концепт од почетокот до сега?

Перцепцијата за кариерниот успех се разликува во зависност од индивидуалните амбиции и вредности. Кога ќе се навратам наназад, ми причинува задоволство што мојата визија за успехот во кариерата останала непроменета уште од времето кога размислував за запишување на факултет.

За мене, успехот во кариерата пред сè се мери преку континуиран напредок и развој – постојано учење, стекнување нови знаења и взаемно унапредување. Сепак, важно е да се нагласи дека многумина се фокусираат исклучиво на сопствениот раст, притоа занемарувајќи ја можноста да ги споделат своите искуства и добри практики со другите. Вистинскиот успех е уште поголем кога може да се пренесе и да има позитивно влијание врз околината. Ова начело ме води уште од студентските денови, кога бев студент тутор и го споделував своето знаење со помладите колеги.

На крајот, верувам дека најголемиот професионален успех се препознава во чувството на исполнетост и задоволство што го доживуваме секојдневно.

Какви се најголемите предизвици со кои сте се соочиле како жена во оваа област и како ги надминавте?

Кога одлучив да ја градам својата кариера во област каде што традиционално доминираат мажи, бев свесна дека можеби ќе се соочам со предизвици за докажување на својата стручност и способност. Сепак, уште за време на студиите, а подоцна и во професионалното искуство, увидов дека колегите го вреднуваат знаењето, проактивноста и резултатите многу повеќе отколку стереотипите кои ја доведуваат во прашање конкурентноста на жените.

Но, верувам и сум била сведок дека ова мое искуство не е исто за сите. Затоа, сакам да ја нагласам важноста на вашиот проект, кој верувам дека ќе поттикне многу жени и ќе им помогне во справувањето со предизвиците што произлегуваат од традиционалните ставови за улогата на жените во инженерството.

Дали имате некој момент или искуство во кариерата што ви било особено инспиративно или наградувачко?

Најголема гордост ми претставува добивањето на високото академско признание „Инженерски прстен“, бидејќи тоа не е само одраз на постигнатите резултати на положените испити, туку и признание за посветеноста, вложениот труд и љубовта кон инженерството. Ова признание за мојот инженерски потенцијал, како млада инженерка, ми дава дополнителна мотивација да продолжам со уште поголеми чекори, како во академската, така и во професионалната сфера.

Како мислите дека родовата разновидност влијае на работната атмосфера и решавањето проблеми на вашето работно место?

Балансираната застапеност на жени и мажи носи различни перспективи во решавањето проблеми, зајакнувајќи ја инклузивната култура и поттикнувајќи поквалитетни и поиновативни решенија.

Како мислите дека вашето работење како жена во оваа област ќе влијае на идните генерации?

Мојата кариера во инженерството, заедно со сè поголемото учество на жени во оваа област, придонесува кон рушење на стереотипите за машка доминација и отвора пат за поголема застапеност на жени на лидерски позиции. Ова создава појасна и пореална визија за иднината на жените во инженерството, правејќи ја нивната улога сè поостварлива.

Што би им советувале на младите жени кои размислуваат за кариера во оваа област?

Би сакала да ги охрабрам младите девојки да се насочат кон инженерството и заедно да придонесеме кон значајни достигнувања во оваа област, со што природно ќе се надминат стереотипите.

Интересен факт е дека во компанијата каде што моментално работам, жените сочинуваат 60% од тимот, што јасно покажува дека инженерството станува сè подостапно и привлечено за жените, а нивната улога во оваа област значително се зацврстува.

Дали сте имале ментори или друг вид на поддршка што ви помогнала на вашиот професионален пат? Како ја гледате важноста на таквата поддршка?

Според мене, поддршката од семејството е клучен фактор во градењето на кариера. Среќна сум што потекнувам од средина каде што жените се високообразовани и успешни, што за мене претставува огромна мотивација и инспирација.

Дополнително, значајно влијание врз мојата професионална насока имаше и тоа што во првиот семестар на факултет, по предметите од областа на механика, ми предаваа д-р Маја Аначкова и д-р Симона Домазетовска. Нивниот успех и посветеност силно ја обликуваа мојата визија за улогата на жените во инженерството.

Исто така, би сакала да ја истакнам и поддршката од колегите и професорите кои го приоретизираат квалитетот, а особено би го истакнала асс. м-р Александар Аргиловски, кој во текот на своите предавања успешно ја нагласуваше важноста на жените во оваа професија.

Ваквата поддршка е клучна за надминување на родовите бариери и создавање еднакви можности и праведна работна средина.

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!