Screenshot 2024 02 22 113855

Консултативен состанок на тема „Пристојна работа – родов мејнстриминг на социјалниот дијалог, улогата на работодавачите и жените работнички “

Во рамките на проектот „Пристојна работа за жени работнички – Социјално учество и зајакнување” имплементиран од страна на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР) и Здружение на бизнис жени се организираше консултативен состанок на тема „Пристојна работа – родов мејнстриминг на социјалниот дијалог, улогата на работодавачите и жените работнички“, на 21.02.2024 година (среда) во Хотел Солун. Целта на проектот е промовирање, поддршка и зголемување на социјалното учество и правата на работничките во Македонија. На состанокот се дискутираа наодите од Студијата за пристојна работа, а заклучоците ќе служат како основа за кратки документи за јавните политики.

Индексот на родова еднаквост во Македонија за 2022 година бележи мало подобрување од 2,5 поени во споредба со претходното истражување од 2019 година, вклучително и во областите што се однесуваат на економското јакнење на жените. Сепак, крајниот заклучок е дека промените се случуваат со пребавно темпо и неопходно е да се интензивираат напорите. Една од најзабележливите нееднаквости што тврдоглаво опстојува и директно ги погодува жените е родовата нерамноправност на работното место. Жените сè уште се во понеповолна положба во споредба со мажите кога станува збор за вработување и напредување во кариерата и поизложени на мобинг и дискриминација.

Имено, во 2022 година, стапката на активност кај жените била 54,3%, наспроти 78,4% кај мажите. Поради родовите стереотипи и патријархалните очекувања жените во Македонија извршуваат 72% од неплатената домашна работа и грижата за членовите на семејството. Освен тоа, родовиот јаз во платите изнесува 12%, што укажува на тоа дека и во рамките на платената работа жените претежно работат во сектори и на работни места што се послабо платени во споредба со мажите.

Традиционалните родови улоги и стереотипи секако придонесуваат кон родовата дискриминација, нејзиното толерирање и оправдување, но не се единствената причина. Дисбалансот во поглед на обврските и можностите за жените на работното место и пазарот на труд мора да биде адресиран наменски и целисходно преку сеопфатен пристап кон политиките, законите и услугите, но и насочен кон трајни промени во општествената свесност за родовата рамноправност. Успешноста на јавните политики да се справат со традиционалните и новите предизвици е клучна за обезбедување на пристојна работа за жените работнички, конкретно преку еднакви можности за пристап до образование, вработување и напредување во кариерата; безбедни и здрави работни услови; социјална сигурност и здравствена заштита; сигурност на работното место што штити од произволно отпуштање и несоодветен третман; рамнотежа помеѓу професионалните обврски и приватниот живот; слобода на здружување, колективно договарање и застапување во процесите на донесување одлуки.

Во таа насока, проектот „Достојна работа за жени работнички – Социјално учество и зајакнување“ се стреми да придонесе кон промовирање, поддршка и зголемување на социјалното учество и правата на работничките во Македонија. За таа цел, проектот го користи потенцијалот на Националната платформа за женско претприемништво (НПЖП) во која членуваат многубројни граѓански организации што се добро позиционирани да ја решат родовата нееднаквост на пазарот на трудот, но немаат соодветно знаење и видливост во постојниот социјален дијалог.

На консултативниот состанок присуствуваа релевантни чинителите од областа на пристојната работа на работничките (надлежни институции, синдикати, организации на работодавачи, граѓански организации).

На следниот линк се наоѓа Студија за пристојна работа на жените работнички: National Platform for Women Entrepreneurship | СТУДИЈА ЗА ПРИСТОЈНА РАБОТА НА ЖЕНИТЕ РАБОТНИЧКИ ВО МАКЕДОНИЈА (weplatform.mk)